Западот врти нов лист во односите со Приштина
15 јуни 2023По САД, мерки против Приштина презема и Европската Унија. Тоа е еден вид промена на политиката од претходните децении, пишува угледниот Франкфуртер алгемајне цајтунг. Весникот наведува дека прогласувањето независност на Косово од 2008 година нема да има шанси за успех без мнозинската поддршка на Западот и без претходно воено, економско и политичко вмешување на САД и ЕУ.
„За разлика од Авганистан, западниот ангажман во Косово беше доста успешен. Денес, Косово е сигурно подемократско од Србија, чија покраина беше, во Приштина состојбата на владеењето на правото и слободата на печатот е подобра отколку во Белград“, пишува весникот. „За разлика од српската влада, никој од косовскиот кабинет не кокетира со блискост со рускиот диктатор Путин“.
„Меѓутоа, односите на Косово со неговите западни сили-заштитници во моментов се полоши отколку што биле досега. Сè уште не можеме да зборуваме за пресврт, но последните настани се пресек“, оценува весникот.
Се наведува дека оваа среда односите достигнале најниско ниво откако Европската Унија, обвинувајќи ја Приштина за последните тензии на северот на Косово, најави „казнени мерки“.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, се цитира дека најави откажување на важни посети, контакти и заеднички настани, како и замрзнување на одредена „финансиска соработка“ со Приштина. Борел изјави дека овие мерки ќе бидат прекинати само кога премиерот Албин Курти ќе ги преземе „кредибилните“ чекори што се бараат од него.
Откажани состаноци
Според информациите на Франкфуртер алгемајне цајтунг, состаноците на претставниците на Косово и одредени членки на ЕУ што беа планирани за оваа недела се откажани.
„Европската комисија сега треба да ги замрзне програмите со Косово, особено во рамките на инвестициската иницијатива за Западен Балкан, која тежи милијарди“, пишува весникот и продолжува:
„Ова е првпат ЕУ на ваков начин да дејствува против Приштина. Земјата мора да биде 'дипломатски изолирана', се слуша зад затворени врати“.
Брисел останува на најавата од почетокот на јуни, каде од Косово и Србија се бара да преземат чекори за намалување на тензиите. Според Борел, Србија веќе го направила својот дел со повлекување на својата војска од околината на територијата на Косово. Борел верува дека Приштина дополнително го поттикна насилството со апсењето на водачот на српската цивилна заштита во вторникот.
Во текстот се додава дека ЕУ бара и повторување на локалните избори на северот на Косово, но дека како услов за тоа Курти бара апсење на Србите одговорни за нападите врз КФОР.
„Сржта на европското и исто така американското незадоволство од Курти лежи во неговото одбивање да дозволи локално обединување на енклавите и општините со мнозинско српско население, што беше договорено од една од претходните косовски влади уште во 2013 година“, се наведува во франкфуртскиот весник.
Необична позиција
Тој оценува и дека српскиот претседател Александар Вучиќ е во „необична позиција“, имено дека Западот го поддржува или барем не го игнорира во конфликтот со Косово.
Според толкувањето на германските весници, изјавите на Вучиќ дека бојкотот на косовските институции ќе престане кога ќе се формира Заедницата на општини, укажуваат дека „потезите на Србите на северот на Косово главно се управуваат од Белград“.
Од гледна точка на Приштина, додава весникот, Белград всушност не се придржува до договорот. Србија, велат во Приштина, треба да ја извести меѓународната заедница дека не се противи на приемот на Косово во меѓународните организации, бидејќи тоа е договорено.
„Европската Унија и пред се САД се уште веруваат дека Приштина е прва на потег“ и дека таа треба да формира Заедница на општини.
„Во средата Западот доби поддршка и од Албанија, чиј премиер Еди Рама има подобри односи со српскиот претседател Вучиќ отколку со неговиот косовски колега Курти. Тоа е поврзано со ривалството за тоа кој е сеалбански лидер. Рама во средата рече дека ја откажал планираната заедничка седница на косовската и албанската влада“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Мирот понекогаш е можен дури и со диктатори
Швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг се осврнува на обвинението на Меѓународниот кривичен суд во Хаг против Владимир Путин и го поврзува со судбината на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ.
Хашкиот трибунал го обвини Милошевиќ за злосторства на Косово во мај 1999 година, за време на бомбардирањето на СР Југославија. Според циришкиот весник, и тогаш - како и сега во случајот со Путин - обвинението е порака дека не може да има мировен договор со обвинетиот лидер.
Весникот ги набројува „лекциите“ што можат да се извлечат од југословенскиот пример, односно од работата на Хашкиот трибунал, во случајот со руската агресија врз Украина.
Прво: „Можеби е препорачливо да се склучи мир со насилните владетели. Тоа го покажува Дејтонскиот договор, со кој со учество на Милошевиќ и Туѓман беше доделен траен мир во Босна. Ако тогаш беше обвинет Милошевиќ, тоа немаше да биде можно. Од таа перспектива, прашање е дали обвинението против Путин е политички паметно“.
Второ: „Милошевиќ, кој на почетокот беше поштеден, решително придонесе за ескалацијата и војната на Косово неколку години подоцна“. Со влегувањето на НАТО во конфликтот се изгуби имунитетот од казнување, а Милошевиќ беше обвинет. Затоа што, одеднаш, се работеше за воспоставување на повоениот поредок без него“.
Трето: „Меѓународните кривични судови не дејствуваат независно од интересите на суперсилите. Фактот дека Милошевиќ беше обвинет дури во 1999 година не ја следеше првенствено правната логика, туку се засноваше на политичка пресметка. Откако Дејтон функционираше, Милошевиќ стана беспотребен.
Четврто: „Велесилите секогаш самите ја избегнуваа раката на меѓународната кривична правда“. Кина, Русија и САД не се приклучија на Меѓународниот кривичен суд. Иако Вашингтон силно ја поддржа работата на Трибуналот за поранешна Југославија, ја спречи главната обвинителка Карла дел Понте да спроведе истрага против американските воздухопловни сили, да речеме за бомбардирањето на зградата на телевизијата или на кинеската амбасада во Белград.
Петто: „САД го поздравуваат обвинението и налогот за апсење на Путин и истрагата за воените злосторства во Украина. Но, Пентагон одбива да му даде на судот информации од сопствени извори. Затоа што тоа може да создаде преседан за соработка, што во друга прилика може да има последици за некоја истрага против САД“.
Во текстот на Ноје Цирхер Цајтунг се додава дека меѓународната правда некако може да функционира само доколку има „геополитички консензус на суперсилите, за правдата да функционира во мир“.
Работата на Хашкиот трибунал за поранешна Југославија беше донекаде успешна, оценува весникот, но постоењето на тој суд воопшто може да се припише на американската доминација по падот на Берлинскиот ѕид и релативната слабост на Русија и Кина. „Таа констелација го овозможи падот на Милошевиќ“, пишува весникот.
„Сега, во ерата на поделби на нови блокови, меѓународната правда повторно е јалова, исто како во времето на Студената војна. Затоа е крајно малку веројатно Путин еден ден да се најде на обвинителна клупа на меѓународен суд“, заклучува швајцарскиот весник.