Грција: Распад на Сириза
15 ноември 2024Засега последниот чин од драмата на пропаднатата грчка левичарска партија Сириза се одигра во ноќен клуб во Атина, каде во петокот (08.11.2024) се одржа вонреден партиски Конгрес на кој требаше да се поплочи патот за избор на нов партиски претседател, откако лидерот на партијата Стефанос Каселакис на почетокот на септември (07.09.2024 година) беше сменет по само една година на функцијата. Но, поранешниот сопственик на бродоградилиште и поранешен банкар не дозволи така лесно да биде „откачен“ и сакаше повторно да се кандидира. Неговите поддржувачи се обидоа да извршат притисок врз делегатите за да прифатат повторно кандидирање.
Се случија хаотични сцени додека стотици таканаречени „Каселисти“ се обидоа да упаднат на Конгресот. Имаше тепачки, турканици, вербални напади и свирежи. На крајот, полицијата и противпожарната служба мораа да се погрижат за безбедноста.
Мнозинството делегати го отфрлија барањето и одлучија дека Каселакис не може да настапи на изборите закажани за 24 ноември 2024 година за избор на партиски претседател. За краткиот период во кој Каселакис беше лидер на Сириза, тој предизвика незадоволството кај многу партиски членови затоа што не покажа подготвеност да работи во постоечките комисии и таму своите политички предлози да ги стави за дебата. Наместо тоа, преферираше директно обраќање до луѓето преку ТикТок, Фејсбук или на улица.
Среде немирите на партискиот конгрес, формално беа потврдени четворица кандидати- пратениците Сократис Фамелос и Павлос Полакис, европратеникот Николас Фарантурис и актерот Апостолос Глецос. Но, според проценките на аналитичарите никој од нив нема да биде во состојба повторно да ја обедини некогаш силната „коалиција на радикалната левица“ и да ја врати во политичкиот фокус.
„Слуга“ на една нова партија
Сменетиот партиски лидер Каселакис потоа во саботата (09.11.2024 година) објави формирање нова партија и пред насобраната толпа рече дека Сириза го завршила своето демократско поглавје и дека треба да се создаде нова сила.
„Денес е ден на радост бидејќи настанува движење на демократијата, слободните граѓани и напредокот“, рече тој и им посака „многу среќа“ на оние што остануваат во Сириза.
Настапот на Каселаки беше придружуван од пејачката Софија Восу, која ја изведе нејзината нумера „Ќе биде како пролет“. Како пролет го претстави Каселакис и основањето на својата нова партија, која ќе биде отворена, прогресивна и независна. „Ние создаваме движење од општеството за општеството“, објасни тој. Неговите приврзаници треба да одлучат и за името на новата партија. „Партијата ќе биде ваша, а јас ќе бидам ваш слуга“, рече Каселакис.
Популистички слогани
Партијата според нејзиниот основач, ќе биде „народна, а не елитистичка“ и треба да адресира и граѓани од десниот спектар кои „можеби не се согласни со интервенирањето за буџетските издатоци или со нашиот став за многу социјални прашања, но кои сакаат во државата да владее правото, да се спроведуваат реформи и социјална правда“.
Идеите на Каселакис за новата партија не се особено нови - малку пријателски кон економијата, малку националистички, малку „анти-бриселски“ и ни трага од левица.
Но, дали ќе успее на тој начин да допре до поширок електорат, е нејасно. Тоа не е многу веројатно, бидејќи во Грција има доволно популистички партии и трката за гласачи ќе биде тешка.
Четири мандати помалку
Со Каселакис, четворица од 35-те пратеници ја напуштаат фракцијата на Сириза, која останува со 31 преатеничко место во 300-члениот грчки парламент, колку што има и социјалденамократската Пасок. Се очекува дека и други пратеници ќе ја напуштат фракцијата, со што Пасок би станала нова најсилна опозициска фракција во грчкиот парламент. На последните парламентарни избори во јуни 2023 година, Пасок освои само 11,84 проценти од гласовите и не се чинеше дека би можела да ја врати старата слава, како долгогодишна владејачка или силна опозициска партија. Пасок малку закрепна, а Сириза се демонтираше.
Невидливиот Алексис Ципрас
Сириза драматично ги загуби изборите во јуни 2023 година, со пад од 31 на 17 проценти. Нејзиниот претседател Алексис Ципрас си поднесе оставка, а неговиот наследник, бродоградителот и банкар Каселакис, кој живее во САД, неочекувано беше избран на врвот на партијата, која од тогаш е вовлечена во токсична борба за превласт. Во ноември 2023 година стотици членови истапија од Сириза, меѓу нив и единаесет пратеници, кои потоа ја формираа партијата „Нова левица“, која пак на Европските избори на успеа да ја помине пречката од три проценти. Европските избори беа катастрофални и за Сириза, која освои помалку од 15 проценти.
Ваквиот пораз, во комбинација со нарцизмот на Каселакис и неговите ставови за економијата, НАТО и Израел, кои се сметаат за далечни од оние на левичарската партија, практично ја предодредија новата криза и следната поделба. Таа сега се случи и ситуацијата на некогаш најголемата партија на европските левичари се чини дека е непоправлива.
А, што прави Алексис Ципрас? Поранешниот партиски лидер, кој се повлече по поразот на изборите во јуни 2023 година, 15 месеци гледа како се распаѓа неговата партија без да интервенира. Тој не се појавува на партиските Конгреси, но им дозволува на соборците да зборуваат во негово име. Како и други поранешни премиери во Грција, тој основаше институт што го носи неговото име. Наместо со Сириза, Ципрас сега се фокусира на Балканот и на меѓународни форуми се обидува да предлага идеи за справување со кризите во регионот. Можеби се надева дека во даден момент ќе може да се врати на политичката сцена како спасител на прогресивните сили.