Грузија: Со закон против народот
15 мај 2024И по четири недели протести, грузиските демонстранти не се уморни. Третото и последното читање на Предлог законот за „странско влијание“ во парламентот почна вчера (14.05) напладне. Повторно, стотици луѓе свиреа и извикуваа „Сакартвело“ - на грузиски тоа е - Грузија. Пратениците го усвоија законот со мнозинство од 84 гласа „за“ и 30 „против“, а луѓето на улиците на главниот град на Грузија, Тбилиси, ќе продолжат да протестираат во секоја фаза од усвојувањето на законот.
Сега на потег е претседателката на државата Саломе Зурабишвили. Таа може да бара измени во текстот или да одбие да го потпише законот. За вето има десет дена, но веќе најави дека брзо ќе донесе одлука - и дека ќе го отфрли законот. Таа застанува на страната на демонстрантите, иако владејачката партија „Грузиски сон“ пред шест години ја номинираше за претседателската функција. По реформата во 2013 година, претседателот во Грузија има помала моќ. Владејачката партија со своето мнозинство во парламентот може да го надмине ветото што го најави Зурабишвили. Тоа се има случено веќе неколкупати.
Набљудувачите под надзор
Доколку законот стапи на сила во наредните недели, брзо ќе стане јасно дали владејачката партија навистина се грижи за транспарентноста, како што тврди, или се во право оние кои велат дека вистинската цел е да се ограничи влијанието на граѓанските организации и да се остане на власт по октомвриските парламентарни избори. Владата посвети особено внимание на локалните организации кои имаат мисии за набљудување на изборите, а кои се финансираат од странство. Тие уште во 2020 година критикуваа голем број нерегуларности на изборите.
Во овие организации се вбројува Меѓународното друштво за фер избори и демократија (ИСФЕД). Основано е во 1995 година, а одигра важна улога во промената на власта во 2003 и 2021 година. Друштвото моментално добива финансиска поддршка од Европската Унија и американската организација УСАИД.
Директорката Нино Долиџе не сака нејзината организација да биде регистрирана како организација која е „под странско влијание“, а во тоа ја поддржува и претседателството на организацијата. Можна последица е организацијата да не добие дозвола да го прави она за што е основана - да организира изборен мониторинг. Освен тоа, властите можат да вршат притисок преку претреси на простории и парични казни.
Несигурност во зачувувањето на моќта
Владејачката партија навистина не треба да се грижи за одржувањето на власт. Анкетите во последните месеци покажуваат дека таа има значителна предност пред опозицијата. Најголемиот број опозициски партии не би го минале ни цензусот од пет проценти.
Долиџе објаснува дека изборите ќе бидат понеизвесни поради промените во изборниот систем. Мнозинскиот изборен систем, кој досега секогаш ја фаворизираше владејачката партија, ќе биде заменет со пропорционален изборен систем. Со него владејачката партија не е толку сигурна во исходот. Реформата на изборниот систем е резултат на компромис меѓу власта и опозицијата, а во преговорите посредуваше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Во Грузија мнозинството од населението е за влез на земјата во Европската унија, па така е ориентирана и владата. Затоа таа го прифати компромисот.
Стоп за владата
Но, донесувањето на Законот за „странско влијание“ не им се допаѓа ни најмалку на некои политичари од Европската Унија. Германскиот социјалдемократски пратеник Михаел Рот штотуку го посети Тбилиси како претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот.
Тој ги предупреди грузиските власти дека таквото однесување ќе има последици и дека доделувањето на статусот кандидат за пристапување на Грузија не е великодушен подарок за владата, туку охрабрување за граѓанското општество: „Кредитот на довербата од денес веќе не вреди ништо“, рече Рот. Тој сака ЕУ да стави знак „стоп“ на своите постапки, што мора да ги заболи одговорните.
„Знаете дека санкциите мора да се донесат едногласно. Со Унгарија и господинот Орбан, партијата Грузиски кошмар (ироничен коментар за владејачката партија чие име е Грузиски сон, н.з.) има сојузници во Европската унија и Советот на ЕУ. Но, Европската комисија треба да преиспита какви можности има.“ Рот не сака укинување на визната либерализација, бидејќи тоа би го казнило народот на Грузија, а не владејачката елита.
Можно е на Грузија да ѝ биде одземен статусот на безбедна земја на потекло. Рот вели дека ограничувањето на слободата на движење на опозициските политичари, притисокот врз членовите на нивните семејства и дискриминацијата на ЛГБТ заедницата може да доведат и до размислување во таа насока.
Напади врз опозициските политичари
Голем број опозициски политичари носат бибер спреј со себе за да се одбранат од нападите кои зачестија во последните неколку дена. Директорката на ИСФЕД, Долиџе, покажува фотографии од нејзината влезна врата. Таму осамнале плакати со нејзиниот лик, под кој било напишано „предавник“ и „странски агент“. Камерите забележале дека акцијата на лепење плакати ја извршиле тројца мажи во текот на ноќта, а полицијата не дошла иако биле неколкупати повикани. Истото им се случува и на другите критичари на власта. Некои од нив се и повредени во последните неколку дена.
Долиџе, мајка на две малолетни деца, не дозволува да биде заплашена. Ни раскажува за соседите кои толку се налутиле поради плакатот, што излегле на демонстрации. Таа смета дека такво расположение владее во целата нација. Додава дека никогаш не видела толку многу луѓе на улица како на Денот на Европа минатиот викенд.
Сепак, многумина се плашат од белоруското сценарио - диктаторот Александар Лукашенко во Белорусија во 2020 година го скрши отпорот со брутална сила по лажните претседателски избори. Но, можен е и поинаков исход. Власта со својата политика би можела да предизвика голем отпор, па бројот и упорноста на демонстрантите целосно би ја исцрпиле полицијата, како во 2018 година во соседна Ерменија. Таму дојде до мирна промена на власта.